The Constant Gardener (2005)
Го гледав уште вториот ден кога беше предложен, но некако не ми остави некој впечаток и не знаев ни што да напишам. Филмот, како што кажавте е просечен и кај мене не предизвика никаква емоција. Дури еве после 2-3 недели од гледањето речиси и ја заборавив содржината. Повеќе го паметам романтичниот дел, љубовната приказна на Рејчел и „Волдеморт“ отколку политичкиот трилер момент. Интересни ми беа флешбековите со нивното запознавање, но некако не ме допре главниот мотив на филмот, aктивизмот и борбата за животите на оние заборавените врз кои се вршат експериментите. Имаше некоја непотребна мистерија околу тоа, ко стравот од големите корпорации да беше побитен од пораката што требаше филмот да ја пренесе. И борбата со таквите корпорации од старт ја поставија песимистично, ако се буниш - ќе ти летне главата. Знам дека Рејчел се обидуваше да го заштити сопругот криејќи го активизмот од него, но сето тоа ми беше премногу хаотично и конфузно прикажано.
Сепак добар избор беше фрагментираната нарација, ако ја тераа хронолошки сигурно двојно повеќе ќе се досадував. Но, нешто ми фалеше во сценариото за да сум поемпатична и за смртта на Рејчел и за Африканците тортурирани од големите „страшни“ компании. Можеби во книгата тие моменти се многу подлабоко и поубаво напишани, но во филмот беа бледи и површни. Ако ни ги претставеа работите од перспектива на барем еден Африканец, наместо колективната нивна злоупотреба можеби ќе бевме далеку поемпатични.
Сѐ на сѐ ми се чини дека ваквите теми заслужуваат многу поголемо внимание и поинаков пристап. Од мене 7/10.
Network (1976)
Некој на Letterboxd имаше искоментирано - Black Mirror од 70-тите. И да, сѐ е исто и денес, веројатно ќе биде и во иднина, желбата за публицитет е еднаква, само медиумите се разликуваат. Порано телевизија, денес социјални мрежи. Па така ја имаме реалноста во која заради тикток предизвици тинејџери си ги одземаат животите „по грешка“. И затоа ми е безвезе кога вината паѓа врз телевизијата/интернетот кои демек се демоните, а не човекот и неговиот слаб карактер. Као ТВ индустријата е безмилосна и она е инструментот што ги прави луѓето нечовечни до степен што ќе убијат човек заради гледаноста. А можеби тоа ни е некoja иманентна особина, само го менуваме инструментот.
Ми се допаѓаа сцените со двата клучни говори, а и репликата
I live here. I’m real. You can’t switch to another station. Тоа што дозволуваме да бидеме заблудени во медиумска/виртуелна (не)реалност се должи на нашата немоќ да се соочиме со секојдневието на нашите животи.
Филмот влегол во листата топ
100 американски филмови, а ко што рече и Corvus истото чувство го имав, ко да му фалеше нешто за да биде врвен. Не можам да покажам со прст што. Додека го гледав на моменти ми беше досаден и предвидлив, но сега кога помина некое време сфаќам дека ме натера да размислувам доста за овие теми, па затоа ми се чини дека е филм за кој треба да помине некое време додека „легне“. 7/10 и овде.
Secret (2007)
Интересна идеја стварно, ама штета што остана само на тоа. Жанрот фантастика not my cup of tea, но не само тоа, ми сметаа клишеата и непотребните сцени кои никако не придонесоа за приказната. Музиката беше преубава ама после piano battle-от се заситив и од неа оти ја имаше на претек.
Првата половина пред плот твистот со мистериозниот флерт имаше некој шарм, но тоа толку се раздолжи што ја изгуби смислата. А сепак врската помеѓу нив двајца не се разви доволно за публиката да ја почувствува хемијата и да се поврза со нив. Непотребни ликови ми беа двајцата што се вклопија во бед бојс хај скул клишето, па уште и типчето мислеше дека астма е спортска повреда. А и зошто беше „причата“ со астмата воопшто?
Можеби требаше да му се даде некоја позадинска приказна на пијаното како инструментално чудесно, предмет кој дозволува патување низ времето и сето тоа да добие некаков поемотивен набој. Можеше да има некоја легенда околу него, па навистина да добие целосна функција.
Се гледа дека многу се труделе да не биде патетично и да ги избегне клишеата, ама некако не се издигнаа над тоа. Веројатно заради немањето режисерско и филмско искуство на младиот актер, кој изгледа е пред сѐ музичар. 5/10 овде.