„Сатански стихови“ - Салман Ружди
Да добиеш фатва на твојата глава лично од најголемиот шиит на сите времиња после имамот Хусеин е богами достигнување за почит. Не се наоѓа баш лесно, само еднаш издадена на македонски во 90-та, малце се изненадив што не влезе во проектот Ѕвезди на светската книжевност.
Да се вратиме на темата. Книга што би ја препорачал.
Курбан Саид-Али и Нино
Се погоди да дојде на ред за време на карантинот пролетва како некој предзнак за неколку месеци пред конфликтот Ерменија-Азербејџан. Авторот е потпишан како Курбан Саид, но тоа не е неговото вистинско име, туку само псевдоним. Вистинскиот автор е непознат иако се шпекулирааат 2-3 имиња како потенцијални потписници на овој ракопис. Во поговорот Гелевски го цитира Њујорк Тајмс кој за книгава ќе каже-"Кога ќе го прочитате овој роман, ќе почувствувате како да сте пронашле загубено богатство... ова е еп за различните култури, кој и денес е актуелен." Оваа помпезна изјава дефинитивно беше заслужена.
Книгата е во поголемиот дел сместена во Баку, Азербејџан, некаде непосредно пред октомвриската револуција во Русија. Главната тематика е на прво читање клише, забранета љубов помеѓу Азербејџанец шиит муслиман и православна Грузијка. Ама, самата приказна нема ништо клишеевско во себе. Напротив, книгата е првокласен мајсторлук. Зошто? Во книгата има љубов и романса која е претставена во форма која е одлично балансирана од една страна да не биде Хју Грант патетична, а од друга доволно и количинско и силно описна за да ја осетиш како уверлива, да заборавиш дека читаш книга. Имам аверзија кон романтични булшити и доколку некоја книга содржи некаков тип на романса и љубов за тие делови имам најстроги, а многу веројатно и необјективни критериуми што проаѓа, а што не. Во тој сегмент книгава удира во центар. Покрај љубовниот елемент кој е централната тематика, книгава обработува уште еден куп теми: историја, вера, географија и геополитика, војна, шизмата меѓу Европа и Блискиот исток, кризата на идентитетот помеѓу тоа да се биде европеец или азијат, традицијата и модерното, блискост со турците со која се сметат за един народ в'в две држави ама кои се сунити, или блискост со Иран со кој си различен народ ама иста религиска шиитска идеологија. И сите тие истории, конфликти, сукоби, филозифии, ориенти, Европи и меѓусебни поврзаности се опфатени, поврзани и испреплетени во нарацијата на брилијантен начин. Кога правиш турли-тава, кога решаваш да правиш нешто со пример 7+ состојки наместо 2-3 рискираш многу. А рискираш многу затоа што комплексноста што произлегува од вклучување повеќе елементи обично те носи на двете крајности во оската, или во тотална утка (во најдобра рака тежок медиокритет) или ќе успееш да ги изжонглираш сите тие многу топки и ќе брилијираш. Авторот успева во задачата и затоа по книжевни IMDB стандарди од мене има 9. Не добива 10 само поради релативната краткост. Знам, не треба да се суди за книгата по должината, ама на пример има книги кои се многу долги, а сепак не губат на квалитет ради должината, не се репетитивни, не влегуваат во контрадикторности од мнозинството ликови и држат наратив и внимание од прва до последна страна. Едно е да жонглираш со 20 топки 2 минути а друго е пола саат. Не може да ставиме тука равенство така лесно.
Е сега, има и пар дисклејмери пред да седнете да ја читате.
Прво и најбитно, ако не ја знаете позадината на дејството, книгата нема да ја доживеете во нејзината полнота. Ако не сте запознаени со тој регион, историјата на Грузија, Ерменија и Азербејџан, а и цел тој подкавкаски потег помеѓу Црно Море и Касписко Езеро, ислам како религија а поподробно шиитски позиции и верувања и разликата со сунитските, релации Азарбејџан-Иран, руското влијание таму, корењата на пратурците, основни познавања од првата светска војна, тогаш нема да ја доживеете како што ја доживеав јас. Ова може звучи малце арогатно ама не е, по некоја случајност во животот сум се интересирал за тој регион како и за историја и пропратните војни, како што други луѓе се интересираат за нешто друго. Пред да ја земам книгата прочитав само кратко сиже не очекував дека ќе има толку многу работи и фактот што бев запознаен однапред со работите ми помогна во целото искуство многу. Да, во книгата се објаснуваат дел од работите на некое основно ниво, и доколку немате познавање не значи дека не треба воопшто да ја читате и дека нема да ви остави убав впечаток, или дека ќе се збуните и нема да ја сфатите. Ама нема да го искористите потенцијалот што го има книгата во целост. Може да ја прочитате и да си кажете зошто сум и дал 9 и дали можеби сум бил попустлив, а напротив оценката е токму поради тоа што имам знаење за таа зона на историски самраци и баш строго сум судел како една книга ќе го претстави тоа.
Еден пример, во книгата се опишува ритуалистичко самоповредување што се случува за време на шиитскиот празник Ашура. Ако не знаете зошто се празнува Ашура, кој бил гореспоменатиот имам Хусеин, тогаш нема во целост да сфатите зошто главниот лик се одлучува за тој потег, која е тежината на тој ритуал и што значи тоа за неговиот карактер кој е во криза на идентитет. За вас тоа може да биде само некоја традиција која ете таму Азаербејџанците ја прават. Како што мене другари кои играат World of Warcraft што ми кажаа дека ако не сум ја играл играта (а не сум) многу работи во филмот нема да ми прават смисла, така морам да го потенцирам ова. Не е настапување од позиција на повисоко стојалиште или слично. Успеав на пример и да уловам една тривијалност. Во конкретно ова издание на Темплум еден од женските ликови е преведена како Цајнаб. Проблемот е што книгата е првично издадена во оригинал на германски од каде што е преведена на македонски, а во германскиот буквата Z се чита како Ц. А не постои муслиманско име Цајнаб, но постои Зејнеб или Зајнаб, зависи од регион до регион каде што некаде се чита А, а некаде Е, како Алаху Акбар/Алаху Екбер. Секако, преведувачката не била запознаена со муслимански имиња и си го превела од германски Цајнаб. Е сега читаш Цајнаб и ако не си запознаен со позадината на книгата дека е на германски и како во германскиот јазик се чита Z, ќе се чудиш од каде потекнува грешката и тоа не еднаш, цело време е пишана Цајнаб.
Втор дисклејмер, книгата е "машка". Кога ја читав го имав истото чувство како кога го гледав Лоренс од Арабија. Иако се два различни региона во прашање, сепак војните, историјатот, политичките релации, ориентот го среќава западот, сето тоа е присутно и таму и таму. Две исти чувства имам и за тој филм и за таа книга. Првото е таа реченица од Њу Јорк Тајмс-"Кога ќе го прочитате овој роман, ќе почувствувате како да сте пронашле загубено богатство... ова е еп за различните култури, кој и денес е актуелен." Второто е дека и двете не би им се допаднале на генералната женска популација. Генерализирам, да, ама во моја одбрана, не ми е прв пат, а нема да ми биде ни последен.
Како што пишав и за една друга рецензија, Гелевски си го знае занаетот, знае да извади од книжевните подруми нешто за кое ретко кој чул, а е фасцинантно. Ги знае квалитетните книжевни крчми зафрлени во периферијата, далеку од литературните елитистички, а неретко преценети и преплатени ресторани. Селски и малски биртии кои под прашливите чаршави, 'рѓосаните прибори, мувлосаниот ентериер и расклатениот инвентар нудат превкусна душевна храна. Ми прави тешкотии во онаа моја комфорна зона на дуализам каде што сакам човек или да го сакам или да го "мразам". Понекогаш таа одлепена либтардашка неуроза олицетворена во човеки лик кој е воедно и машки Керен ми прави да е тешко да го "мразам".
@Ne_sum_ja ако добро сум те проценил како карактер и каков вкус имаш и со оглед на твојот интерес и за литература и за политика генерално, а за тој регон поконкретно, ова за тебе треба да биде сладокусен деликатес. Тебе посебно ти ја препорачувам да ја ставиш на shortlist во скоро време.