Taking Woodstock (2009)
Според најавата на Злате очекував некоја психоделична баханалија. Во комбинација со режисерот кој никако да ми стане допадлив од сè уште не разјаснети причини, мислев дека ќе претстојат два многу досадни часа. Но, се излажав, што уште еднаш се докажа дека најлошо е со предрасуди да се започне да се гледа филм. А и воопшто што било да се прави. Добро што очекувањата ми беа никакви, па филмот немаше каде освен пријатно да изненади, што и го направи.
Филмот е всушност за младиот Елиот и неговиот однос со семејството. Очајно барајќи начин да им помогне на своите родители да го задржат нивниот пропаднат мотел, сосема случајно станува главен виновник за одржувањето на сега веќе антологискиот концерт во неговото родно место. Прикажан е и неверојатниот сенс за бизнис на евреите, како и оние другите кои се против каква било промена, иако вечно незадоволни од моменталната ситуација.
Родителите на Елиот феноменални ликови, особено татко му, кој како целиот живот да го чекал овој настан. Ме воодушевија сцените кога ги бркаа рекетарите, кога воведуваше ред во сообраќајот а и таа со полицаецот на моторот.
Се на се, позитивен филм со доста комични елементи, како и што треба за фестивалот на музиката и мирот. Воопшто не ми пречеше што ја немаше сцената со изведувачите, што некако логично би се очекувало.
8/10
Сега да почнам да барам филм за од утре.