Интервју со Некст Тајм за школскиот весник Тафтологија на СУГС "Јосип Броз - Тито", Скопје
Некст Тајм е дуо оформено во 2008 година и е составено од Стефан и Мартин Филиповски. Зад нив веќе стои албумот насловен “Некст Тајм”, настапот на Евровизија во Москва 2009, како и многу хит синглови и награди. Во моментот се актуелни со песната “Рамо за плачење” која е авторско дело на Лазар Цветковски (музика и аранжман) и Магдалена Цветковска (текст). Во подготовка е вториот албум кој треба да излезе на крајот на 2010 или почетокот на 2011.
Тафтологија: Најромантичниот гест што можи некоја особа да ви го приреди?
Некст Тајм: Не е ништо материјално само да биде од душа и срце.
Т: Ако имате шанса да се вратите назад во времето дали би измениле нешто?
НТ: Веројатно би ги поправиле сите грешки и неискусни потези кои сме ги направиле во минатото. Ќе знаеме кои луѓе ни мислеле добро, а кои не.
Т: Што ве држи будни навечер?
НТ: Немаме некоја голема навика да седиме будни премногу касно. Некогаш седиме на компјутер, гледаме филмови или пак сме излезени со друштвото така да тоа е тоа. Сакаме да гледаме премногу ДВД концерти од различни изведувачи, па некогаш знаеме да заглавиме гледајќи некој концерт.
Т: Најважен (или најомилен) момент од вашата кариера?
НТ: Настапот на Евровизија во Москва и враќањето од истата кога на аеродромот и пред нашето маало не пречекаа премногу фанови и луѓе кои што сакаа да ни оддадат во тие моменти почит и внимание. Секако и концертот што го оддржавме во Универзалната сала. Верувајте сето ова ни е уште послатко со оглед на тоа што од почеток до ден денес сами се бориме за се.
Т: Без кого не можете да живеете?
НТ: Без нашите блиски. Нашето семејство, нашата мајка, нашите браќа и без нашите пријатели од детството па се до ден денес. И секако без сите наши фанови. Да ги нема нив ќе не снема и нас.
Т: Омилен македонски композитор / текстописец?
НТ: Има премногу добри компоситор, меѓутоа од оние со кои сме работеле, Лазар Цветковски. Премногу е добар и скромен дечко пред се, а да не збориме за музичките квалитети. За текстописци па еве добро. И на Стефан добро му иде ја напиша најубавата песна на Некст Тајм Не верувам во тебе, така да.. Матин убаво компонира музика. И така доста е фалење.
Т: Верувате ли во хороскоп?
НТ: Не премногу. Некогаш си викаме ајде бе ништо не губиме да веруваме!
Т: Со кој би сакале да се заглавите во лифт?
Стефан: Јас би сакал да се заглавам во лифт со некоја девојка која исто така ќе сака да се заглави со мене. За во случај да биде еднострана желбата да не ме клевети дека сум ја закачал.
Мартин: Во лифт би се заглавил со некој што ќе знае да не одглави. Нели за да може побрзо да излеземе. А ако биде девојка ќе искочиме на кафе.
Т: Која е вашата најголема неостварена желба?
НТ: Да наполниме еден голем стадион на наш концерт и да успееме надвор од Македонија.
Т: Најтешка животна одлука?
НТ: Што да бидеме фудбалери или музичари. Да се надеваме дека подоброто го избравме!
М.Ј.