Градежништвото, моторот на македонската економија, во постојани загуби
Градежништвото, секторот што ја движеше економијата напред изминативе неколку години во минус во првите 9 месеци од годинава. Биле издадени за 2% помалку одобренија за градба, а за 21% биле намалени извршените градежни работи.
Градежништвото, секторот што ја движеше економијата напред изминативе неколку години во минус во првите 9 месеци од годинава. Биле издадени за 2% помалку одобренија за градба, а за 21% биле намалени извршените градежни работи. Помалку се работело и во странство, главно поради крајот на одредени градежни проекти во Босна и Херцеговина. Пад има и во производството на градежни материјали, а фирмите и натаму повеќе преферираат да ги увезуваат од странство истите материјали кои се произведуваат во земјава. Слабите резултати, според градежниците биле резултат на пролонгираната политичка криза и локалните избори, но очекуваат стабилизација следната година. И покрај најавите на некои раководители на компании дека отказите се неизбежни, од градежната комора сметаат дека до тоа нема да дојде.
За подобрување на моменталната состојба во градежништвото, комората веќе подготвила низа измени во повеќе закони што ќе ги побара од Владата. Меѓу нив се бара елиминирање на критериумот за најниска цена кога се јавните набавки во прашање, бидејќи тоа било на штета на квалитетната изведба. Сега се случува фирми да добиваат тендери и со понуди помали од само еден денар.
Намалените градежни работи значеа и загуби или намалени добивки за компаниите. Во периодот од јануари до септември, најалармантни беа резултатите на Бетон Штип. Приходите на компанијата биле намалени речиси за половина споредено со лани, а фирмата имала загуба од 1 милион и 34 илјади евра. Добивките на Бетон Скопје и Фабрика Карпош биле помали за околу 80%, а профитот на Гранит падна за 3 отсто.
Градежништвото изминатите години беше главен двигател на растот, но во првите 6 месеци од годинава заврши во минус од 11.8%. Тоа значително придонесе за пад на вкупната економија од 0.9% во првата половина од годинава.