Ај озбилно малце. До септември ќе се направат уште милион трансфери, ама вака стојат работите според мене засега...
Комплетирани трансфери:
Арсенал: Гранит Џака, Такума Асано, Роб Холдинг
Челзи: Мичи Батшуаи, Н'Голо Канте
Ливерпул: Џоел Матип, Лорис Кариус, Садио Мане, Рагнар Клаван, Алекс Манингер, Џорџино Вајналдум
Манчестер Сити: Илкај Гундоган, Нолито
Манчестер Јунајтед: Ерик Бејли, Златан Ибрахимович, Хенрик Микхтарјан
Лестер си има солиден тим, ама нема шанси да ја повторат ланската сезона. Ако успеат да играат во слична форма, ќе се вртат тука околу 4-6 место. На крај во топ 8 би требало да завршат. Тотенхем исто има добар тим, ама и они лани повеќе го искористија падот на конкурентите. Сезонава не верувам да се сериозни конкуренти, ама има некоја ептен мала шанса за изненадување. Вест Хем очекувам пак да имаат добра сезона, а и Коман би можел да изненади со Евертон.
Арсенал пак си е Арсенал. Се знае моето мислење, и се додека е Венгер на чело, нема шанси да освојат. Се залетаа со трансферот на Џака кој успеаа ептен рано да го компетираат, ама исто беше и лани со Чех. Еве сега пак ништо не прават, а сметам дека очајно им треба класа напаѓач и дефанзивец. Овие Асано и Холдинг не треба ни да се спомнуваат. Ете пробале за Лаказет, ама ако е точно тоа што рекоа тука дека уште од јуни била таа понуда, значи имале една понуда, им ја одбиле и се откажале. Со Игуаин цело време ги поврзуваа, и таков трансфер би им би полн погодок, за на крај да оди во Јуве. За да купат играчи кои ќе ги направат сериозни кандидати за титула, треба да дадат по над 40-50 милиони, а Венгер и управата позади него не верувам да го направат тоа.
Челзи пак со нов менаџер, ама засега Конте можам да кажам дека импресионираше и не придоби сите, ни даде верба дека може да донесе успех. Тренинзите му се ептен физички захтевни, и напорно работи за да ги спреми играчите за почетокот на сезоната. Доволно е да се споредат слики од играчиве од ланските подготовки и од сега, за да се види колкава разлика има. А и според изјавите на играчите, а и слики од тренинзи, се гледа дека дека успешно ја наметнал својата филозофија. Сите се среќни и работат напорно за да се докажат кај новиот менаџер. Трансферите засега се она што беше потребно. Мичи е млад и ги има сите квалитети за да се развие во одличен напаѓач. За Канте нема потреба да се коментира, можеби најзаслужниот играч за титулата на Лестер лани, иако Варди и Марез ги добија сите пофалби. Сигурно ќе му биде главен играч во средина, и едвај чекам да заигра за Челзи, сигурен сум дека ќе биде одличен трансфер. Сега се работи и на дефанзивец (најверојатно Кулибали), и можеби уште едно крило, со што тимот би бил добро покриен.
Ливерпул засега се најактивни со трансферите, ама повторно нема некој онака голем трансфер со кој би покажале сериозност. Но, тоа и можеше да се очекува од Клоп. Не носи големи имиња, туку играчи кои смета дека ќе можат добро да се склопат во неговата игра. Мане и Вајналдум се имаат веќе добро покажано во ПЛ. Доколку успее Клоп да ги подобри и да ги искачи на следно ниво, би можеле да бидат одлични засилувања. Вака тимот изгледа солидно, ама баш и нема играчи кои што отскокнуваат и би можеле да им донесат титула. На крај се ќе зависи од Клоп, јас искрено би сакал да видиме силен Ливерпул кој ќе може да се вмеша во борбата за титула.
Манчестер Сити со Пеп засега ми се онака ептен несигурни. Можат лесно да се избламираат ептен, ама би можеле и да освојат. Овде сметам дека не се проблем трансферите, ќе си донесе Пеп играчи кои ќе се вклопат во неговата игра. Проблемот се играчите кои веќе ги има во Сити, и дали ќе успее нив да ги прилагоди, затоа што не верувам да планира да отстапи од својата филозофија. Гледам и некои посебни режими на исхрана морал сега да им даде затоа што повеќето биле во ептен лоша форма. Имам кажано и претходно дека според мене ептен тешко ќе се вклопи првава сезона. Не искусил ваква лига до сега, а и самиот на тие интервјуата така малце несигурно делуваше, вика не знам како е во лигава, дојдов да научам, да пробам да се докажам. Очекувам да губи бодови од „слаби“ тимови кои ќе ги потцени мислејќи дека ова е Шпанија или Германија.
Манчестер Јунајтед засега направи добри трансфери, а еве би требало и Погба да успеат да го договорат наскоро. Со Мурињо на чело, и играчите со кои се засилија, нормално дека ќе бидат прв фаворит за титула. Но, и покрај одличната 11-ка која би ја имале, сепак целиот тим сеуште не е совршен, и си имаат позиции кои може да им прават проблем во текот на сезоната. Посебно одбраната каде пак како и лани немаат вистински лидер, искусен играч на кој ќе може Мурињо во секое време да се потпре. А знаеме дека сака одбраната да му е беспрекорна. Го донесоа Бејли кој сеуште е млад и ќе му треба време за да се прилагоди на лигата. Сепак, најголемиот проблем на крај може да биде и самиот Мурињо. Знаејќи го, после ланската сезона ќе сака пак да покаже дека е сеуште најдобар, и мислам дека ќе оди ол ин сезонава за да ја освои титулата. Може да биде ептен тврдоглав, и лесно може сето тоа да му се удри од глава на крај. Но, ако некој знае како да победува, тоа е Мурињо.
Никој не може да прогнозира уште од сега што ќе се случува во лигава до мај. Овие пет тимови се главните конкуренти за титула, и баш би сакал сите да се јаки сезонава. Не очекувам само еден тим да доминира во текот на целата сезона, и ептен да отскокнува од другите. На крај верувам дека само 2-3 бода ќе го одлучат шампионот. Сити и Јунајтед би требало да се главните фаворити, а се надевам дека ќе може и Челзи да ги следи. Ливерпул исто би можел да изненади, ама не очекувам некоја сериозна борба за титулата од нив. Но, би можеле лесно да завршат во топ 4. Арсенал освен ако не донесе сериозни засилувања до септември, би требало да отпадне од топ 4.
Во секој случај, не очекува одлична сезона. Секоја сезона уствари го кажуваме истото, а и секоја сезона си е приказна за себе и никогаш не разочарува. Но, овој пат со квалитетот на менаџерите во големите тимови, и играчите кои доаѓаат, стварно би можеле да бидеме сведоци на нешто посебно.