Клубот Дима од Артуро Перез Реверте
По неа има филм кој се вика Деветтата порта од Роман Полански и во главната улога е Џони Деп. Филмот го гледав одамна, но се сеќавам на неколку сцени (особено крајот затоа што има многу впечатлив крај, трејдмарк на Полански). Клубот Дима нуди многу поголемо искуство затоа што филмот раскажува само еден аспект на книгата.
Главниот протагонист е ловецот на книги Лукас Корсо, кој добива работа од негов пријател да ја утврди автентичноста на една глава од Тројцата Мускетари. (голем плус во доживувањето на книгава е ако ја имате прочитано Тројцата Мускетари поради многуте референци во неа) Одма после тоа добива задача од познатиот библиофил Варо Борха кој бара од него да истражи нешто во врска со книгата Деветте Порти чиј примерок е еден од вкупно трите останати во светот.
Реверте во повеќе наврати потенцира одредени работи во изгледот на Корсо, а тоа се должината на неговото палто, песјите заби кои ги покажува додека поставува прашања и донесува саркастични заклучоци, и особено неговите очила кои постојано низ книгата му се замаглуваат или паѓаат.
Романот ги содржи сите најважни работи од тоа што по мене ја прави една книга добра, а тоа е цврстината на приказната околу која е поставен романот, стилот на пишување и чувството на исполнетост при читањето на романот.
Исполнета со неизвесност до самиот крај, ова е книга што те тера да вложуваш во сопствената колекција на книги.