Финалето дефинитивно се вклопува со првобитната и целосната поента на серијата, кршењето на еден човек, правејќи ја трагичната грешка како лик од античка драма, неговиот хибрис значеше и негов крај. Уште едно негирање на тоа дека целта ги оправдува средствата, затоа што некои постапки се непростливи и целосно егоистични (убивањето невини луѓе и деца за да се извлечат од заплеткани ситуации). Волт мораше така да заврши, секаков поинаков крај би бил тотална утка и промашување на целата порака што ја пренесе серијата. Сите лоши нешта мораат да завршат.
Џеси, од обично џанкерче и уплашено детенце се претвори во ЧОВЕК. Доживеа такви трагедии и такви неправди кои во него открија една длабока чувствителност и една скриена човечност, убивање на неговиот карактер би било тотално непотребно и без поента. Лојалност кон партнерот? Па дали Волт беше лојален кон него или со слаткоречивост го залажуваше речиси секогаш за да ги сврти работите во своја полза. На крајот нивните сцени најмногу ме погодија, нивните погледи, дијалогот, тоа дека сепак еден со друг се чуваат и покрај сè. Волт и Џеси имаа нешто слично на татко-син релација, такви кои понекогаш меѓусебно се повредуваат, но на крајот кога тоа е најпотребно се држат еден до друг. Џеси порасна преку Волт и ја научи суровоста на животот покрај него.
Злосторството е злосторство, кои и да се намерите зад него, себичноста и гордоста е најизразена кога човекот ги постигнува најголемите успеси (сцената во која Волт признава дека на крајот на краиштата и не беше сè само заради жртвување, дека почувствува дека е голем, дека вреди, дека е добар барем во криминалниот свет, кога не успеа во признатиот, дека од неговото име се плашат сите и го почитуваат, тоа можеби беше најголема исповед, признание и пред себеси, бидејќи за прв пат имаше храброст да го каже тоа гласно).
Сцената со саатот ја протолкував како одбројување на последните часови, го остава за да ги отчука секундите до неговиот крај, пред да отиде и да ги заврши работите на оној за него препознатлив генијален начин.
Сите лоши нешта завршија, а ние уживавме и навивавме за нашите омилени карактери дури и кога прават зло, дури и кога повредуваат, бидејќи Волт е оној лик кој го сакаш поради генијалноста и кој ги крши сите бариери, па речиси и не се прашуваш зошто навиваш за негативец.
За мене ова беше огромна лекција, лекција за човечноста, за нијансите меѓу доброто и злото, за тоа до каде може да оди човекот. Им благодарам на креаторот и актерите за тоа што ни прикажаа нешто толку маестрално, нешто за кое долго ќе се зборува.