Кога ја почнав The Casual Vacancy, немав посебни очекувања бидејќи книгата беше најавена како книга за возрасни и сосема различна од Хари Потер. Но, очекував да има убав тек на пишаното и барем малку од карактеристичниот хумор на писателката за да ме влече брзо да ја прочитам. Тука ме разочара – мислам дека не е најубаво склопена и пишувана, а обидите за хумор воопшто не ми беа смешни поради целиот тон на книгата. Имаше непотребни описи, непотребно задржување на некои работи и непотребно одолговлекување со многу пократок крај, дури и неколку повторувања во описите кои ми делуваа многу невешто. Затоа и ми требаа 7 дена да ја завршам, и тоа со читање други работи измеѓу за да ја оттргнам мрачната атмосфера. А и главниот заплет не е доволно интересен за толку долга книга. Можеше интересот да ми го задржи со повеќе позадина за ликовите, но ја немаше доволно.
На почеток е нејасно која е целта на книгата и збунувачки е тоа што ликовите делуваат како воопшто да не напредуваат, како да тапкаат во место. Но, крајот тоа го променува и ѝ дава цел на книгата - прикажување на реалистични ликови и нивните обиди за живеење.
Не можам да кажам дека не ми се допадна обидот за прикажување на реалниот секојдневен живот, но мислам дека резултатот е преполн со очај. Насобрани се толку многу човечки мизерии, што целата книга како да е обоена само во црно и сиво без никаква друга боја, скоро никаков знак на надеж или некое позитивно чувство.
Повеќето ликови се, според мене, недоволно прикажани и им се наѕираат само површностите. Баш кога ќе посакав да ми раскаже нешто повеќе за некој лик, одеднаш се префрлаше на друг лик.
Начинот на кој писателката ни ги прикажува работите е многу критичен, многу ладен, без сочуство, предизвикува чувство на одбивност и непријатност. Веројатно тоа била нејзината намера, но го прави читањето многу неубаво. Јас скоро со сила ја читав, неколку пати сакав да ја оставам. Овде најмногу се гледа разликата со Хари Потер. Не сакам да ги споредувам книгите, едноставно ми е многу интересно како еден ист човек може да напише две толку различни работи, дијаметрално спротивни. Можеби со тоа сакала што повеќе да се оддалечи од претходните дела.
Најмногу ми се допадна крајот и најбргу го прочитав, но ни за него не можам да кажам дека е одличен. Доаѓа нагло, како последен удар на замавот на реалноста и фрла уште потемна сенка врз сите случувања. Дури е малку сличен на крајот на Хари Потер – таква е реалноста, луѓето умираат и млади и стари, и должни и недолжни. Критичноста на писателката е најсилна на крајот, каде скоро сите ликови ги спушта на земја.
Не е лоша како книга за вистинскиот живот, но не е ниту особено добра. Мене и ми се допадна (малку) и не ми се допадна (малку повеќе), не знам ни јас баш најдобро како и зошто, но севкупниот впечаток не ми е многу позитивен. Најмногу би им одговарала на оние кои се заинтересирани за психологијата на човекот, за односите меѓу луѓето или меѓу родителите и децата, за општествените неправди или пак за малите интриги. Според критиките, на многу луѓе им се допаднала толку многу што многу бргу ја завршиле, но веројатно станува збор за различно доживување или различен вкус (или пак маркетинг). Да не беше Џ.К. Роулинг автор на книгата, не верувам дека некој издавач ќе ја издадеше или пак ќе трошеше средства на нејзино промовирање.