Ангола го врати најдобриот - Сипријано
Репрезентацијата на Ангола е најдобрата африканска кошаркарска селекција (со вкупно 10 шампионски, три вицешампионски места и две трети места) и моментално е 15-та на ранг-листата на ФИБА
Кои се првите противници на македонските кошаркари во Каракас?
Анголците се речиси постојан учесник на Олимписките игри (1992, 1996, 2000, 2004, 2008) и на Светските првенства (1986, 1990, 1994, 2002, 2006, 2010). Лани Ангола по шесте освоени титули во низа, загуби од Тунис во финалето со 56-67 на 26. африкански шампионат на Мадагаскар и не успеа да избори директно учество на ЛОИ.
Нов играч во тимот е Олимпио Сипријано, МВП-то на анголската лига (игра за шампионот Либоло), кој неочекувано лани не беше повикан за афробаскетот, на кој Ангола загуби во финалето. Сипријано подоцна се приклучи на подготовките на репрезентацијата поради тоа што стана татко. Тој играше на ЛОИ 2004 и 2008. На СП 2010 во Турција, Сипријано имаше просек од 14,8 поени по меч.
Во составот ги нема искусните бекови Едсон Ндонемиа, Жорге Татис и ветеранот, 35-годишниот Карлос Алмеида, кој настапи на последните три ЛОИ. Анголците деновиве се подготвуваат во тренинг-кампот во Шпанија, каде што веќе одиграа една од неколкуте планирани контролни средби и го совладаа Балкончесто со 108-44. Селекторот Гимараеш им дал шанса на сите кошаркари да се најдат на паркетот.
Експедицијата на Ангола од Шпанија заминува за Бразил на 25 јуни, а оттаму за Венецуела.
Состав: Леонел Пауло, Армандо Кошта, Кикаш Гомеш, Фелизардо Амброзио, Карлош Мораиш, Пауло Барош, Роберто Фортес, Дивалдо Мбунга, Пауло Сантана, Едуардо Мингаш, Милтон Барош, Олимпио Кипројано и Валдесио Жоаким.
--- надополнето: 22 јуни 2012 во 14:10 ---
Нов Зеланд ќе игра брзо и необично!?
Селекцијата на Високите црни на квалификациите ќе настапи ослабена, без капитенот Пени, Аберкромби, Вебстер и Фути, сите што играа лани против Македонија на тест-мечот во Скопје (68-67 за црвено-жолтите)
Репрезентацијата на Нов Зеланд, позната и по прекарот Високи црни е еден од ривалите на Македонија во групата на квалификациите за ЛОИ. Ако се суди според вестите што стигнуваат од Нов Зеланд,, оваа селекција во доста изменет и ослабен состав ќе настапи во Каракас.
Во тимот поради повреди ги нема најискусните и најефикасните, капитенот Кирк Пени и Том Аберкромби, Кори Вебстер, кој е суспендиран, потоа Стив Адамс и Ајсак Фути. Затоа селекторот Ненад Вучиниќ мораше да направи големи промени во составот кој има повеќе кошаркари со кусок од меѓународни натпревари. Шанса добија четворица дебитанти - тинејџерот, 17-годишниот Таи Вебстер, Еверард Бартлет, Џош Блоксам и искусниот Хајден Ален (32).
Репрезентацијата на Нов Зеланд од вчера се наоѓа во Канбера, Австралија, каде што ќе одигра две пријателски средби со Австралија, по што заминува за Бразил, на турнир на кој ќе настапат четири тима. Потоа на ред е патот за Венецуела на предолимпискиоот турнир.
Новозеландските медиуми најавуваат дека нивната селекција ќе се обиде да игра што побрзо и што понеобично, за да се изненади противникот.
- Без Кори и Аверкомб ќе имаме недостиг од 30 до 35 поени по натпревар и тоа ќе биде тешко да се надомести. Голем проблем ќе ни биде реализацијата, па затоа ќе мораме да го менуваме стилот на игра и да бидеме многу поагресивни - рече белграѓанецот Вучиниќ (45).
Новозеланѓанците двапати настапиле на ЛОИ, во 2000-та и во 2004-та. Во Сиднеј единствената победа на турнирот ја забележаа против Ангола во натпреварот за 11-то место. Во 2004-та, пак, единствената победа ја прокнижија против селекцијата на Србија и Црна Гора, тогаш актуелен светски првак.
Минатата година Македонија го победи Нов Зеланд со 68-67, во тест-мечот во Скопје, пред настапот на ЕП. За Нов Зеланд на тој меч најефикасни беа Аберкромби (сега нема да игра) и Линдзи Тејт.
Состав: Хајден Ален (Окланд Пирати), Џош Блоксам (Нелсон Џајантс), Еверард Бартлет (Беј Хокс), Кејси Франк (Велингтон Сентс), Леон Хенри (Отаго Наџетс), Џерод Кени (Беј Хокс), Роберт Лое (Сент Луис универзитет, САД), Алекс Плеџер (Окланд Пирати), Линдзи Тејт (Окланд Пирати), Џеремаја Труман (Минавату Џетс), Мика Вукона (Нелсон Џајанс), Таи Вебстер (Окланд Пирати).