Димевски: Антиќ срце и душа дава за своите пријатели и сограѓани Македонци
Прво пречеше што употреби ФИРОМ, наместо Македонија, иако речиси цела македонска јавност е добро запознаена со тоа дека нашата земја во FIBA и во Евролигата се води токму под референцата ФИРОМ, а не како Македонија. Во некои медиуми како и на социјалните мрежи, се преиспитуваше патриотизмот на Антиќ, се обвинуваше за велепредавство и слично. Не помина ниту една недела, почнаа да кружат информации дека наводно капитенот на македонската кошаркарска репрезентација, Перо Антиќ повеќе нема да го облече репрезентативниот дрес.
Во обид да се разјаснат шпекулациите што деновиве ја брануваа македонската јавност со став се огласи и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски, којшто преку соопштение го изнесе својот став пред јавноста. Го објавуваме соопштението во целост.
„По повод натпис на еден интернет портал во кој беше повикана Македонската Кошаркарска Федерација да превземе мерки против Перо Антиќ за дадена изјава, јас како претседател на повиканата институција чувствувам потреба јавно да го соопштам својот личен став.
На мојата листа на наши сонародници, Македонци, кои во подалечната, но и поновата историја придонеле за афирмација на нашата драга Македонија, Перо Антиќ без најмала дилема е меѓу првите дваесет. Ако се смета колку луѓе направил среќни и горди што се Македонци, местото му е уште погоре.
После сето она што го направи и сe уште успешно го прави за својата држава, за Македонија, нејкојси таканаречен новинар, патем речено истиот избркан од четири спортски редакции, без основни морални квалитети и хигиенски навики, нема ама баш никаков морален кредибилитет да го критикува Перо. Истиот господин, иако е сe друго освен господин, во континуитет пишува фабрикувани стории со отровна содржина насочени против сe што е успешно и напредно во македонската кошарка, со единствена цел да направи раздор во моментите кога најмногу ни треба мир и позитивна атмосфера пред историската шанса за пласман на Олимписките игри, нешто што е сон за секој Македонец што искрено си ја сака и бодри својата земја, но не и за овој изрод.
Во ова мое обраќање сакам да обрнам внимание на еден сосема друг аспект на дадените случувања поврзани со двајцата најдобри играчи на европскиот првак, грчкиот тим Олимпијакос – Перо Антиќ и Василис Спанулис.
Живееме во време во кое политиката и тоа онаа најевтината националистичка варијанта, ги има фрлено под нозе сите вистински вредности како што се пријателството, соседската солидарност, православната широкоградост, меѓучовечката љубов и почитување, особини кои лесно може да се препознаат во спортот како една ментално чиста средина.
Лично себеси се сметам за патриот и за горд Македонец, истовремено и православен христијанин кој своите јужни соседи не ги доживува како душмани (квалификација која гореопишаниот таканаречен новинар ја користи во своите текстови). Истовремено правам дистинкција помеѓу обичните луѓе и спортисти од Грција од една страна и нивните политичари, со нивната себична и егоистична логика, од друга страна.
За момент да се обидеме да излеземе од секојдневното клише каде меѓусебно се обвинуваме и навредуваме и да погледнеме со други очи што имаме заедничко, што може да не спојува, а не раздвојува.
За прв пат во историјата, цела спортска Македонија навиваше за грчки тим и за прв пат еден Македонец беше славен на отворена сцена во Грција, како херој. Токму тие двајца, Перо и Василис, двајцата капитени, предводници на своите национални тимови, на сите нас ни го покажаа вистинскиот пат како со искрен пристап, другарство и пожртвуваност, со заеднички сили и многу искрена меѓусебна човечна почит, еден Македонец и еден Грк можат да ја покорат Европа.
Искрено се надевам дека ќе го доживееме денот кога растеретени од политички проблеми ќе се потсетиме на Перо и Василис и она што тие го направија еден за друг, свесно изложувајќи се на удар на критизерите, кои својата неинвентивност и недостаток на стручна компетенција ја маскираат со „евергрин“ топ темата – продавање на евтин национализам.
Тогаш, верувам Македонија и Грција ќе бидат многу попријатно место за живеење.
На крај, ќе си дозволам да кажам дека е привилегија да се познава и да се има за пријател човек како Перо Антиќ. Тој, пред сe е голем другар кој искрено, срце и душа дава за своите пријатели и сограѓани Македонци.
Сега на Перо му треба поддршка, како и на сите нам, пред историската шанса во Венецуела. Дајте да бидеме позитивни, да бидеме единствени и да си дадеме шанса уште еднаш да се засладиме со уште еден голем спортски успех – пласман во Лондон.-мр. Даниел Димевски“
Ајде да видиме што ќе биде следно. Сметаме дека треба да престанат да се шират шпекулации и да се навредува еден врвен македонски спортист, каков што е Перо Антиќ и да го оставиме на раат да игра во клубот што го одбрал бидејќи, со тоа,
прави промоција токму на Македонија.
http://www.time.mk/read/4c1fd33a56/6cd8db6824/index.html
Не очекував од човекот таков низок стил на израсување , сепак после турнирот во Литванија ми остави многу професионален впечаток за сега да падне ептен ниско в во обид да го извади Антиќ. Инаку последниот болд „промоција на Македонија„ апсолутно не се согласувам зошто оној што сака да направи промоција на Македонија јасно и гласно кажува од каде е, Антиќ со неговата изјава може направи промоција на ФИРОМ но секој вистински Македонец се почуствува понижен а не горд на неговиот успех. Освен тоа во интервјуто Димевски наведува дека сите „вистински„ Македонци навивале за Олимпијакос, јас не познавам такви ако има некој нека се јави слободно.