Единствена светла точка што ја гледам е дека се покажа дека Македонија *може* да дотера до шанса да се бори за настап на Олимпијадата. И тоа е стандард што секоја следна репрезентација ќе треба да се бори за да ја достигне. И секој репрезентативец во иднина да посака да биде пречекан во секој град од Македонија како јунак на својата земја, пред илјадници насобрани луѓе на плоштадите.
Е сега, проблемот е што 10 години Македонија ја немало на големите натпреварувања и сега одеднаш ја имаше на повеќе - и Светското, и Европското, и кфалификациите за Олимпијадата. Тоа е огромен период и мора да се намали.
Се согласувам дека не треба да се гледаат роднинските врски, туку прво да се гледа квалитетот. Со други зборови - кому му е дојдено времето, да си оди од репрезентацијата. Овде, верувале или не, зборувам и за Кире Лазаров, којшто потфрли на квалификацииве, и како капитен и како играч. Имав прилика да гледам како игра за Атлетико Мадрид и тој воопшто не беше еден од носителите на играта таму, туку влегуваше да шутира пенали и како резерва.
Значи - подмладување на репрезентацијата. Алушовски, секоја чест на годините, квалитетот, спортскиот дух и професионализмот, поздрав и на здравје пензија. Таков став кон спортот и кон репрезентацијата треба да има секој, но само став. Таква „долгометражност“ може да биде оправдана само ако е поткрепена со квалитет, но овојпат на квалификациите квалитетот изостана. Време е Алушовски да се повлече и да им остави простор на помладите, првенствено Манасков, којшто имаше солиден настап (го плати данокот на младоста и неискуството, за жал на штета на Македонија), како и Ојлески, којшто е многу фален од сите вас на форумов и верувам дека со право.
Темелков - малер невиден што се повреди и веројатно причината поради која не успеа Македонија да се пласира. Сепак, не би го пратил сè уште во пензија, зашто мислам дека би можел квалитетно да истера барем уште еден квалификационен циклус. Јасно, под услов да закрепне од повредата и да им се врати на старите игри, што е исто така под знак прашање.
Наумче Мојсоски - се чувствува замор кај него. Сепак, би го оставил уште еден циклус, бидејќи е многу корисен во нападот и знае да шутира и од 9 метри и да оди на пробив, и да асистира. Најкорисниот играч во репрезентацијата на овој квалификациски турнир, според мене.
Миркуловски - борец, техничар, трн во око на секоја одбрана. Треба да остане и да ги мотивира своите играчи со одличните игри и во напад и во одбрана.
Златко Мојсоски - да си ги поправи престапите. Инаку, треба да остане.
Велко Маркоски - столб на одбраната. Незаменлив. Да остане.
Ацо Јоноски - исто, плус корисен и во нападот ако му се даде шанса. Дефинитивно да остане.
Ванчо Димовски - години, но сепак квалитетна игра, колку-толку. Да ја поправи играта во напад и да не прави толку многу пробивања. Уште еден квалификациски циклус нека го биде.
Столе Стоилов - иднината на пикерската позиција. Може само да напредува. Да остане.
Никола Маркоски - мора да признаам дека не го гледав натпреварот со Бразил и не знам дали влегол воопшто во игра. Ако не, треба да му се даде шанса на некој натпревар, но само ако претходно се увиди дека поседува квалитет. Во спротивно, да не се смета на него.
Митков - незаслужено ставан на позиција лево крило, кога тоа не е неговата позиција. Тој треба да игра како десен бек, на местото на Лазаров. Знае да игра во одбрана, но не знам дали знае да игра и напад. Ако да, треба да си ја заземе таа позиција. Во секој случај да остане, бидејќи може да биде корисен.
Ангеловски - солиден играч. Уште еден што игра и во напад и во одбрана. Треба да остане, за да биде сигурна позицијата на лев бек.
Филип Лазаров - се надевам дека ќе покаже нешто кога брат му нема да игра во репрезентацијата, зашто инаку не би требало да биде во неа. Сметам дека има каков-таков квалитет, но треба да го прикаже кога нема брат му да биде присутен, за полн ефект и да го заслужи своето место.
Ристовски и Ангелов - треба и двајцата да останат како голмани, бидејќи се солидни. Ристовски веројатно повеќе ќе напредува во Германија, па се надевам дека уште повеќе ќе се подобри.
Шундовски - ...
Георгиевски - во секој случај треба да добие повик во репрезентацијата, зашто така може само да напредува, а и Македонија да добие. Макар играл само во нападот.
Мислам дека сме дефицитарни на позиција десен бек (сметам дека Кире ќе си оди, иако можеби тоа е премногу да се бара во моментов), па треба да се пронајдат таленти што играат на таа позиција и да се одгледуваат. Како што беше пронајден Георгиевски, така да се бара и позиција десен бек.
Ако нашите млади ракометари доживуваат тешки порази, време е да се фокусираме на нив и да се вложи малку повеќе и во тие репрезентации. Со кои пари - не знам. Накој начин - не знам. Само знам дека е редно да се цени квалитетот пред роднинските врски, како и младоста пред неуспесите - ако и постарите и помладите не успеале, предност да имаат помладите играчи, зашто пред нив стои иднина, а пред постарите не.
Ете една моја анализа од ракав. Кој прочита сè, благодарам.