Анализа на Декструс од страна на kafepauza.mk
ТВ серија за убиствата, правдата и семејството
Главни ликови: Мајкл С. Хол, Џенифер Карпентер, Лорен Велез, Дејвид Зајас, Џули Бенз
Креатор: Џејмс Манос Џуниор
Жанр: криминал, драма, мистерија, трилер
Времетраење: 55 мин.
Датум на прво прикажување: 1 октомври 2006
Јазик: англиски и шпански
Број на сезони: 4 (x 12 епизоди)
Следна епизода: 26 септември 2010
Приказна: Декстер Морган е форензичар во полициската станица во Мајами каде работи како експерт за анализа на шаблони во распрскување на крв. Извршувајќи ги своите дневни обврски кон работата и посветувајќи им го секогаш потребното внимание на своите најблиски, навечер сепак наоѓа време да живее сосема поинаков живот – живот на сериски убиец.
Но, Декстер Морган не е таков убиец кој ќе го мразите и презирате. Напротив, тој може да стане ваш херој. Тој ги следи оние кои го прекршиле законот и некому нанеле зло, но некако успеале да и избегаат на затворската казна. Тој работи според однапред утврден ред и правила. Не остава ништо на случајноста. Ладнокрвен е и искрен кон себеси, свесен е дека е монструм, но сепак игра итро за да не биде фатен.
Секоја сезона е посебно заокружување, но токму кога ќе помислите дека веќе нема што да се случи, приказната добива нов тек, уште подобар и понеочекуван од претходниот.
Серијата Декстер се базира на две новели од Џеф Линдзи „Нежно посветениот Декстер“ и „Мрачните соништа на Декстер“.
Интересни податоци: Играјќи ги братот и сестрата во серијата, Мајкл С. Хол (Декстер) и Џенифер Карпентер (Дебра Морган) се земаа на 31ви декември 2008 година.
.
Дебра: „Зошто никогаш не правиме муабет како брат и сестра?“
Декстер: „Нашиот татко беше полицаец, ти си полицаец, јас работам за полицајците… за нас, ова е муабет за брат и сестра.“
Името на главниот лик Декстер е во релација со значењето на зборот dexterity (вештина, спретност). Овој збор се дефинира како ментална способност или брзина, подготвеност и грациозност во физичка активност, особено вештина и леснотија за користење на рацете.
Кога и како да ја гледате? Веројатно ако се одлучите за ваква серија, вашето срце може да ја издржи возбудата и исчекувањето кои со неа доаѓаат. Според тоа, за вас е сеедно кога ќе ја гледате, но најдобро правете го тоа кога сте сами и во темница. Така, нивото на адреналинот во вашиот организам ќе се покачува и ќе си дозволите вистинско доживување на неочекуваното.
.
Живеев во темнина долго време. Со годините моите очи се прилагодија додека темнината не стана мојот свет и можев да гледам.