Се прашувам, која би била користа доколку би имало опција да се бришат негативните спомени? Се срамите од самите себеси, сакате да бидете друга личност? Зарем сите спомени, оние позитивните и оние негативните не не направиле такви какви што сме денес? Не, не велам дека ние сме само куп спомени и дека треба да се идентификуваме со нив, јас ни самиот не знам што всушност сме ние и кои сме, но секако дека ние сме последица на искуствата кои сме ги доживеале во животот.
Секое едно лошо искуство е добредојдено, макар звучело ова сурово и мазохистички. Човекот напредува, надминува најмногу преку негативните искуства, а во животот треба што повеќе искуства да се доживеат и надминат. Искуството не оформува како личности, секоја една акција има последица, преку искуствата(и добри и лоши) учиме за животот, понекогаш страдаме, анализираме и знаеме како да се справиме со истата ситуација наредниот пат, не прават посилни и поснаодливи. Дали знаете дека човековиот мозок е најактивен кога личноста страда или пак е во проблеми, тогаш неговата активност е на многу повисоко ниво барајќи решение и излез од ситуацијата?
Секој во себе носи лоши спомени кон кои се навраќа честопати во животот и кои се извор на тага и несреќа. Замислете личност на која цел живот и се случуваат убави работи. Јас во таа личност гледам имбецил, ништо повеќе, таа не може да биде спремна да се соочи со тешкотијата на ударите на животот кој секогаш сака да те мава искушувајќи ја твојата големина и издржливост.
Не, лошите спомени треба да се чуваат, бидејќи поради нив сме денес и овде, без разлика колку и да се негативни и колку и да не повредиле/повредуваат.