Котевски: Нема соучесници во претепувањето до смрт на Мартин Нешкоски
Портпаролот на МВР, Иво Котевски негира дека имало соучесници во убиството на младиот Мартин Нешкоски. Според МВР полицајците што се нашле на местото на настанот, дошле подоцна и не го виделе Игор Спасов како го претепува до смрт момчето. Изјавите на очевидците се спротивни на ова тврдење. Според нив, двајца полицајци во цивилка и двајца униформирани полицајци заедно со сега осомничениот го освестувале Мартин Нешкоски. Нејасно е зошто тие утредента не пријавиле дека детето е претепано, иако обдукцијата потврди знаци на физичко насилство. Од МВР знаат за лицето што било сведок и што му помогнало на Игор Спасов да го пренесе претепаниот до смрт Мартин на клупата во близина.
- Знаеме за кое лице се работи. После два дена од убиството даде изјава во полиција и призна дека присуствувал на местото на настанот. Човекот е вработен во државна компанија, но идентитетот му го чуваме во тајност, вели Котевски.
Зошто тоа лице не го пријавило случајот веднаш, иако знаело дека постоел, не е познато. Нема одговорност и отставка од надлежните институции иако стотици граѓани на вчерашниот протест тоа го побараа. За Котевски, вината во доцнежното пријавување на случајот била во вештакот од Судска медицина. Дека обдукцијата на телото била завршена уште во понеделникот околу пладне потврди судијата што ја вршеше обдукцијата на починатиот Нешковски, а според него, на обдукцијата присуствувале и лица од МВР. Веднаш потоа, околу 13 часот Котевски на прес конференција негираше постоење на случај на брутално претепување.
http://www.plusinfo.mk/vest/4753/Kotevski-Nema-souchesnici-vo-pretepuvanjeto-do-smrt-na-Martin-Neshkoski