ОК, сум пропуштил еден култен филм:
Nineteen Eighty-Four (1984)
Едно легендарно дело на Џорџ Орвел е Животинска фарма (1945) во која ни е нацртано (претскажано) како ќе изгледа еден тоталитарен систем, преку животните на една фарма, од нивната револуција, преземањето на власта, искривувањето на идеалните за сопствена корист и заменувањето на стариот режим со нов, уште посуров. Второто е 1984, напишано во 1949 година, во кое Орвел ни претставува како би изгледала крајната фашистичка тоталитарна држава и како би изгледал системот во кој човекот е сопственост на државата. Ова второто дело е овековечено во неколку филмови, а веројатно оној за кој ја пишувам рецензијава го отсликува перфектно.
Се сетив дека постои овој филм (имав слушнато порано но не сум се сетил да го побарам), откако пред некој ден слушав една песна од еден од моите омилени бендови, Radiohead. Песната се вика 2+2=5 и во коментарите на youtube (видеото се однесува на Животинска фарма) прочитав дека насловот и дел од текстот се однесува дирекно на 1984 (постои сцена за 2+2=5, симболизира перење на мозок.) Текстот оди нешто како:
...And 2 and 2 always makes a 5
It's the devil's way now
There is no way out
You can scream and you can shout
It is too late now
Because you have not been payin' attention...
Енивеј, нешто подоцна настана дискусија околу Еквилибриум, филм кој го имам гледано од поодамна, а исто така има директни мотиви од 1984. На некој начин, 1984 е Еквилибриум ама без акцијата. Како се совпаднаа овие работи, решив да го побарам 1984 и конечно да видам околу што е фрката, бидејќи Фармата ја прочитав одамна, ама 1984 не.
И ондак, еден високо уметнички филм, кој ни претставува едно мрачно општество во кое човекот е роб и секојдневно е подложен на масовен brainwashing. Слободното размислување е забрането и се бара начин како да се отсранат емоциите и како биолошки да се уништи оргазмот како последна препрека кон крајната цел. Се бара само покорност и послушност и ставање на себе си во служба на државата, неограничена верба во лидерот и партијата.
There is no way out е чувство кое ве следи низ целиот филм за разлика од Еквилибриум во кој холивудски се тежнее кон хепиенд. Филмот е навистина мрачен, сниман во нијанси кои ни го доловуваат ропството на еден слободен човек и трагедијата на човештвото. Сетот е во град разрушен од нуклерните војни помеѓу фиктивни држави како Океанија, Евроазија и Источна азија. Атмосфера во која никој не знае кој е противникот, работите се онакви какви што ќе ги каже партијата, 2+2 обично се 5, а некогаш и 3. Низ целиот тој хаос, Орвел како вистински пророк ни пренесува некои работи кои години подоцна ќе се покажат како точни: војната не се води за да се победи, војната се води за да се одржува, да трае, да ги сочува структурите на власта недопрени и да го потчини народот. Според мене, дел од пророштвата на Орвел се обвистинија низ историјата, останатиот дел се предупредување за уште полоши работи кои можат да го снајдат човештвото.
Како и да е, филмот е дораснат на идејата, мене ми ги исполни очекувањата. Не е за помладата публика на форумов и не е за оние кои не сакаат тешки филмови. Останатите нека си погледнат, иако претпоставувам дека сум меѓу последните што го пропуштиле. И запамтете, Големиот Брат ве гледа сите!
9/10