Би сакал да продискутираме околу можноста за формирање на македонска политичка нација која би се засновала на еднаков (или процентуален) удел на сите етнички заедници кои живеат во Република Македонија и да се изгради македонски модел на американската нација, која би делела иста култура, вредности, јазик и чувство за припадност. Македонскиот модел по примерот на американскиот (или швајцарскиот) би понудил решение на националистичките и сепаратистичките пројави кај дел од албанското население кое поради одредено незадоволство од правата и положбата во РМ повеќе се идентификува со Албанците во Албанија и Косово (како и самите држави). Македонската политичка нација составена од Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци и сите останати етнички заедници (делови од народ) во РМ би била силен одговор на злите јазици кои се обидуваат да ја раскинат и раздробат територијалната целовитост на Република Македонија.
Е сега би упатил неколку прашања:
1. Дали сметате дека македонското општество моментално или во некои идни (подобри) денови е (или би било) зрело за ваков процес на здружување (кој се разбира би бил постепен, но долгорочен)?
2. Дали Македонците повеќе ќе изгубат отколку што ќе добијат од формирањето на македонската политичка нација (составена од горенаведените етноси)? Со други зборови, дали Македонецот ќе го изгуби идентитетот во таа мешавина од етникуми, вери и различни култури?
3. Дали формирањето на македонска политичка нација ќе доведе до долгорочна стабилност и безбедност на територијата на Република Македонија и ќе стави крај на меѓуетничките конфликти во нашата држава?
Мое мислење е дека овој концепт (доколку реално би се остварил) е подобро решение, односно замена за широките апетити на албанското население кои одат до бинационална држава, менување на устав, знаме, грб, химна, федерализација, па и можност за сепаратизам, односно отцепување на пределите населени со мнозинско албанско население. Преку влегувањето во македонската нација, "етничкиот Албанец би станал политички Македонец." (позајмено од Денко Малевски)
Културниот плурализам во Македонија во изминативе години, покрај можноста за слободно политичко (верско, културно и сл.) изразување донесе и зголемен раст на национализмот и меѓуетничките тензии. Можеби културното зближување на етносите ќе доведе до поголема толеранција и разбирање, но и сплотеност во однос на клучните прашања за Македонија.
За крај, дали мислите дека формирањето на политичка нација е (нај)добра алтернатива за спречување на евентуалната радикализација на меѓуетничките конфликти во иднина, посебно меѓу македонскиот и албанскиот фактор?