Јакимовски: Ќе градиме споменик од Карпош, не од шмизли и од мачки
Автор: Б.С.
Седумдесетина учесници во Народноослободителната борба, вчера заедно со Стевче Јакимовски, градоначалникот на општината Карпош, го прославија Денот на ослободувањето на фашизмот. Јакимовски најави дека ќе се заложел за изградба на споменик на Христијан Тодоровски Карпош, по кого и оваа општина го носела името.
- Другари и другарки честит празник, ова е за вас голем ден, велик ден. Сакам да ве известам дека работиме на деталниот урбанистички план на потегот од хотелот „Александар палас“, до ресторанот „Имес“. Во овој реон се наоѓа споменикот на Првиот скопски партизански одред. Неодамна дознав дека во куќата зад споменикот се одржало нивното прво заседание и сакам во чест на паднатите борци таму да се направи спомен-соба, бидејќи доста ни е од скулптури на шмизли, бикови и мачки во Скопје. Сакам и да ги замолам пензионерите да дојдат во мојот кабинет и да ми ги раскажат своите потреби за да можеме да ги вметнеме во програмата за работа - изјави Јакимовски.
Манифестација ја отвори хорот на основното училиште „Петар Поп Арсов“, која ја испеа химната на Република Македонија, а потоа следуваше и коктел за гостите.
Извор: Нова Македонија