Пуштена во употреба Северната трибина на Националната арена Филип 2-ри
вторник, 04 август 2009
На 02 Август 2009 година, во употреба беше пуштена Северната трибина на Националната арена Филип II
Предавањето на Северната трибина го означи завршувањето на првата фаза за реконструкција на Националната арена Филип II.
Во следната фаза ќе се изврши реконструкција на Јужната трибина, а целосно ќе се изградат Источната и западната трибина, со што ќе се заокружи целосната изградба и реконструкција на Националната арена Филип II. Приодот кон Северната трибина, и по половина од Источната и Западната трибина е обезбедено прку два пешачки моста, кои го поврзуваат шеталиштето на кејот на реката Вардар со пристапната платформа, од која преку 7 (седум) излези на Северната трибина се исполнува 60 % од гледалиштето. Мостовите всушност се благи рампи со приближно 5% нагиб со што е овозможен непречен пристап за инвалиди.
Северната трибина е проектирана како главна трибина со 9556 седишта со наслон, секторирана на 12 сектори.
Покрај овие седишта, трибината има уште 456 ВИП седишта и 248 новинарски седишта.
За новинарите е обезбеден и затворен новинарски простор со коментаторски кабини и мониторинг, со обезбедена вертикална комуникација со приземјето.
Приодот за спортисти е решен со новопроектирана сервисна улица. Со оваа улица овозможен е и гарантиран директен, приватен и заштитен пристап на играчите до соблекувалните и до игралиштето, како и нивно безбедно заминување од стадионот.
Соблекувалните се пространи и ги содржат сите потребни простории за оптимално користење од страна на играчите.
Во непосредна близина на соблекувалната за домашните играчи, лоцирана е сала за тренинг во зимски услови.
Покрај ова, постојат и простории за судии, делегат, прва помо и медицински третман на играчи и службени лица, како и станица за допинг контрола.
Во рамките на поттрибинскиот простор на северната трибина, преку новопроектираната сервисна улица предвиден е посебен влез за новинари и медиуми. Таму е лоцирана салата за прес конференции со 100 места за седење.
Приодот за ВИП гости е решен со внатрешна улица и централна влезна партија каде што преку скали и лифт се доаѓа до излезот кон трибината за ВИП гостите.
На источниот агол на севрната фасада се сместени просториите за управата на стадионот. Во склоп на истите проектирани се приемно одделение, просторија за секретар, директор, сала за состаноци, шест канцеларии и помошни простории.
Во поттрибинскиот простор е сместена и управата на МОК.
Изведени се и две трафостаници, машински сали, перална, просторија за атлетски реквизити, просторија за обезбедување, просторија за боравок, гардероба за вработените, работилница и разни магацини.
Нивото + 5.80 на северната трибина е главна артерија за полнење на гледалиштето. На истото ниво, согласно стандардите на УЕФА се проектирани машки и женски санитарии, два тоалета за инвалиди, бифеа за брза храна и пијалоци, простории за прва помош и помошни простории.
Најголемиот дел од подтрибинскиот простор на северната трибина е од комерцијален карактер.
Од причина што Националната арена треба да биде единствена целина, конструктивното решение на новопроектираните трибини е идентично со постоечката конструкција на јужната трибина.
Предвидената конструкција е скелетна, од армирано бетонски столбови и ригли, а кровната конструкција е од челични носачи.
Во северната трибина се вградени 28.000 м3 бетон, 3.000 тона арматура и 600 тона челик.
Архитектонското естетско обликување е условено со постојната Јужна трибина.
Покривот е изведен делумно од ребрест лим, а остатокот со лексан.