ФЕНОМЕНОТ СЛАТКАР - ОД МААЛСКИ РАПЕР ДО ХИП-ХОП РЕВОЛУЦИЈА
Јас сум урбано копиле, а не естраден уметник
Моите родители се прекрасни луѓе, иако некогаш знаат да ме изнервирааат. Татко ми е домец, по професија медицински техничар, а мајка ми е нереализиран новинар, моментално не работи. "Сине учи, работи, биди паметен. И невозможното станува веројатно", е највредниот совет што ми го дал татко ми, открива Слаткар.
Пред 4 години последен пат плачев, затоа што девојката што ја сакав, ме напушти. Ве уверувам дека верувам во вистинска љубов, а таква во мојот живот сега постои. Кога сум сконцентриран не пелтечам. Не знам дали ми претставувало комплекс, но едно сигурно знам - трошев многу кредит на мобилниот, објаснува Марко.
"Повеќе дела, помалку зборови". Вака хипхоперот Марко Маринковиќ - Слаткар го објаснува феноменот на неговата молскавична популарност. Момчето, кое до скоро беше маалски рапер, сега го живее филмот на класична холивудска приказна. Низ пцости и без цензура опишувајќи го реалниот македонски живот, тој минатата сабота на својот прв скопски концерт ја преполни Метрополис арената во Скопје. Рапува и пишува песни од 13 години, почнал во неговото Ново Лисиче, со старите патики со дупка на ѓонот, во семејство со уште двајца браќа. За неполна година, тој е тинејџерска ѕвезда, идол на девојките, феномен на новата генерација, хип-хоп револуционер. Песните "Шопинг", "ФМ", "Да полетам", "Љубов" за кусо време станаа урбани хитови.
Во разговорот за "Вест", Марко одговара воздржано и кусо. Вели дека низ животот го води креативноста. Таа му дава сила да полета, и нe уверува де ка верува во вистинска љубов. Кога не рапува, трча на кеј, виси со екипата во маало, се гушка со некоја девојка, пишува и чита.
"Чале ми е домец, немал ни мајка ни татко, понекогаш сум среќен за мојот топол дом, го имам она што го немал тој. Веќе една година фурам иста патика, дупка на ѓонот. Пропушта вода, станува навика. Некогаш се случува дома нема ни за храна, четири хиени 'ржат, сама жена плаче мама. Мамо, немој да плачеш, ме кршат твоите солзи. Штедам за мартските рози, ми викаш "немој, не се троши", вели Слаткар во баладата "Да полетам", во ко ја пред целата јавност ја прикажува неговата семејна слика. По успехот кој го постигна со хитовите, концертот и со постојаните настапи, вели дека оваа година за мама за Осми март ќе смисли нешто подобро од розите.
"Тоа е реалната ситуација кај седумдесет проценти од семејствата во нашава држава. Се разбира, сега сум млад и успешен дечко кој успешно ги менува работите", ги коментира Марко овие стихови. "Моите родители се прекрасни луѓе, иако некогаш знаат да ме изнервирааат. Татко ми е медицински техничар, а мајка ми е нереализиран новинар, моментално не работи. Мојот помал брат Стефан - Че се потпишува на седумдесет проценти од музиката на мојот прв албум 'Слаткаристика, будало'. Имам и постар брат Александар кој нe научил и нe упатил по вистинскиот пат", ја открива Марко приказната за неговите најблиски со кои живеe во Ново Лисиче. Татко му, кој израснал во дом за деца без родители, вели, му го дал највредниот совет: " Сине, учи, работи, биди паметен. И невозможното станува веројатно". Иако кусо ја коментира неговата сегашна состојба дома, на прашањето дали сега, откако самиот заработува, финансиски им помага на родителите, одговара: "доволно".
На осум години ја напишал неговата прва песничка "Уво". "Толку добро ја доловив приказната, што ја пратија на некаков конкурс. "И еве ме сега на 23 години сум редовен пишувач кој праќа редовни информации со вестите од реалната слика на градот", раскажува Марко за неговите раперски почетоци. Скржав на зборови во интервјуата, Слаткар сe што има да каже го прави преку неговите песни. "Ми дал Бог мастило, дарба да бидам поет. Остај ме да пишувам", вели тој во еден од неговите хитови. "Колку е добро да си рапер" е насловот на песната во која Марко раскажува колку е супер да се си слободен и да пишуваш без цензура.
"Не можеш ти сам да одлучиш. Еден наш пропаднат рапер уште на времето даде многу добра и паметна дефиниција - Не го избираш хип- хопот ти, хип- хопот те избира тебе, одговара раперот на прашањето кога одлучил дека ќе создава рап во кој "пцуе ко копиле и цензура не му треба". Во новата песна "Комбинација", Слаткар ќе раскаже како се споил со неговиот сегашен продуцент Јован Јованов, кој му помогна од маалски рапер да стане хип-хоп револуционер. Јованов и Маринковиќ влегле во комбинација преку Тони Зен. Тони го донел Слаткар во студио кај Јован. Јованов веднаш го почувствувал неговиот голем талент. Заедничкиот производ по неполна година е деби-албумот "Слаткаристика, будало", преполн концерт во Антички театар на Охридско лето и масовна тинејџерска хистерија во Метрополис арената во Скопје. На прашањето што е неговата предност како дете растено на асфалт наспроти другите кои во песните ги прозива "има 20 години, а сe уште спие со мендо", тој вели:
"Па дете растено на улица, во принцип, заработува за живот уште од мали нозе и е навикнато на секакви филмови, комбинации, измами и скандали. Конкретно за мојот случај, локалниве менаџери и промотори не можат да ме излажат и да ме извозат толку лесно". Слаткар тврди дека е максимално искрен во сите негови приказни, дека не ги пумпа од комерцијален аспект, оти пцостите за него не значат правило кое се користи во светскиот рап. Љубовта е главна тема во добар дел од неговите песни, а вели дека е класика приказната за една завршена љубов во песната "Љубов" (Love). "Плачам ко пичкетина, признавам не ми е срам", се зборовите кои Слаткар ги користи во баладата, на која публиката на концертот во Метрополис го следеше во секој стих. Го прашавме дали навистина му се случила приказната од оваа песна и кога последен пат заплакал за девојка.
"Па на сите им се случила таа приказна, само кој е толку храбар па да признае? Пред 4 години последен пат плачев, затоа што девојката која ја сакав ме напушти. Класика! ". Слаткар додава дека верува во вистинска љубов, а таква во неговиот живот постои.
Иако ретко дава интервјуа за ТВ-емисии, воден од мотото повеќе дела, помалку зборови, како феномен се издвојува и фактот дека Слаткар пелтечи додека зборува, но тоа не му се случува додека рапува. Интересно е што говорната мана која ја има од дете, ниту еднаш не се забележа на сцената на концертот, додека им се обраќаше на своите фанови. Марко вели дека не е сигурен оти тоа некогаш му претставувало комплекс.
"Кога сум сконцентриран не пелтечам. Не знам дали ми претставувало комплекс, но едно сигурно знам - трошев многу кредит на мобилниот", објаснува Марко. Ова ја објаснува пораката на песната "Остај ме да пишувам", но оправдува и едно друго мислење кое меѓу медиумите владее за Слаткар. Културен и ненаметлив дечко, кој никогаш самиот не побарал да се пишува за него, не лобирал на гостува на ТВ, не побарал простор на нас лов на страница. Тој е горд на успехот кој го постигнал поради својот талент.
Спротивно на ова, Слаткар е првиот македонски рапер што јавно го исплука жолтиот печат: "Госпоѓице, Жолта штампа, дали треба твојата статија со кур да ја трампам? Ма твојот печат не е мојот фетиш. Ја сум урбано копиле, не сум естраден уметник", велат стиховите од песната, со кои Слаткар се оградува од каква било конкуренција на македонската естрада. Патот кој го доведе до статусот феномен, во една од песните тој го опишува: "Стојам во колона на таленти, едини талент". По десет години маалски рапер, член на хип-хоп групацијата "Токсикологија" која никогаш не ја напушти, Марко денес вели :
"Веќе сум реализиран талент, изграден и оформен. Не ме интересира никој друг освен момците од 'Токсикологија', кои допрва се промовираат и оформуваат", вели Марко за неговата хип-хоп екипа.
Дека песните на Марко се груби и вулгарни, може да биде само првиот впечаток. Ако подетално го преслушате неговиот албум, лесно доаѓате до заклучок дека во песните на "малиот што пцуе", на крајот, сепак, сите нe чека порака за надеж и среќен крај, како во песната "Сите моменти".
"Платата ти касни, смири се чале, ќе биде подобро веројатно вечно нема да нe бие малер. Мамо, не се секирај, син ти само пуши HG, тоа не е дрога, не се дрогира. А ти се вадиш од памет му кажуваш на чале: Да го извадиме детево сe дур има надеж. Син ти успева, радосници солзи ти течат, секогаш кога излага наша слика во печат. Не сум веќе дете, не доаѓам дома претепан, сега ме гледаш на ТВ, еве помалку пелтечам".