Почитувани граѓани на Македонија,
Деновиве Струмица требаше да слави. Деновиве нашата Општина и Градоначалникот Зоран Заев требаше да ја добијат престижната награда на Советот на Европа, Европската агенција за реконструкција и развој и УСАИД за досегашната работа, или поточно за првата успешна реализација на проектот – приватно јавно партнерство во изградбата на Градскиот пазар „Глобал“.
Но, наместо да славиме и да се радуваме ние струмичани сме револтирани и протестираме. Наместо пример за останатите Општини и градоначалници во државата, Струмица е прогласена за гнездо на незаконието и криминалот, а преку спектакуларниот чин на приведување, нашиот Градоначалник и неговите соработници добија третман на најголеми криминалци и терористи.
Фактите што веќе три години станаа дел од колективната меморија во Македонија - дека Струмица е првата општина со имплементирани ИСО стандарди; дека Струмица е град со најразвиен граѓански сектор, дека Струмица е најперспективен и најчист, најубав и најбезбеден, најспортски, најкултурен и уште многу „нај...“, што Струмица ја прават најевропски град во Македонија, преку ноќ ги снема. Истовремено и функционирањето на целата општина е блокирано, а доведена во прашање и реализацијата на голем број од тековните и новите проекти на повеќето граѓански и други организации од Струмица и регионот.
Затоа, ние претставниците од Сојузот на граѓанскиот сектор од Струмица, со најискрени намери и чиста совест реагираме и протестираме против селективниот пристап во спроведувањето на законските прописи кои ја регулираат оваа материја, без да се почитува начелото на пресумпција на невиност со што директно се кршат човековите права. Во таа рамка, ние конкретно реагираме и протестираме и против донесувањето на најновата судска одлука со која на Градоначалникот Зоран Заев и на неговите соработници, им беше одземено законското право да се бранат од слобода. Начинот на кој беше направено сето тоа кај сите нас, но и во пошироката јавност, остави голема доза на сомневање и незадоволство.
Со овој протест, ние претставниците од Сојузот на граѓанските организации во Струмица, најавуваме серија на активности и мерки со кои пред целокупната домашна и странска јавност ќе покажеме дека нема да потклекнеме пред неправдите и узурпирањето на човековите права, што во последно време стануваат наше секојдневие. Во оваа пригода сакаме да Ве повикаме и сите вас, граѓаните на Република Македонија - без разлика на политичката, верската и нацоналната припадност, да ни се придружите и заеднички да се спротивставиме на сето она што ја деформира демократијата во Македонија и го кочи развојот на сите нас.
Активностите на нашиот Сојуз започнаа на 28.07.2008 година преку организирање на мирни протестни маршеви, а продолжуваат континуирано и во наредниот период. Денес, со почеток во 20.00 часот ги повикуваме сите граѓани на протестен митинг во Струмица.
Ние одлучивме:
- НЕМА ДА МОЛЧИМЕ и НЕМА ДА ТРПИМЕ
- ОСТАНУВАМЕ НА СТРАНАТА НА ВИСТИНАТА И НА ПРАВДАТА
- НИЕ ЌЕ БИДЕМЕ ВИСТИНСКИ ДЕМОКРАТИ
Повелете, придружете ни се !
Сојуз на граѓански сектор
Струмица