Јужна Осетија бара руска воена база на својата територија
Руските генерали соопштија дека ако нареди Кремљ, за кратко време ќе формираат бази во Ј. Осетија и во Абхазија
Од нашиот дописник
Бранко Влаховиќ
МОСКВА - Само еден ден по руското признавање на независноста на новите две држави на Кавказот, како и големите прослави и повеќечасовните пукотници, претседателот на Јужна Осетија, Едуард Кокојти изјави дека ќе го повика раководството на Русија кај нив да отвори воена база. За Јужна Осетија тоа е најголема гаранција дека Грузија нема да смее повторно да тргне во воена авантура. На предлогот на Кокојти засега нема одговор од Москва, иако пред неколку дена руските генерали посочија дека ако добијат команда од Кремљ за кратко време ќе формираат бази во Јужна Осетија и во Абхазија. Јужна Осетија нема да дозволи на границата со Грузија да се појават мировници од земјите што ја вооружуваа грузиската армија.
Ситуацијата во регионот е тешка, а доаѓањето на нови воени бродови во реонот на Грузија и Абхазија уште повеќе ја зголемува воената психоза без оглед на тоа што Американците тврдат дека тие само донесоа хуманитарна помош.
Русија и Грузија дефинитивно ги расипаа меѓусебните односи за подолг период. Грузија ќе ги намали дипломатските односи на најниско ниво. Во амбасадата во Москва ќе остане само конзулот. За тоа какви ќе бидат дипломатските односи меѓу Грузија и Русија ќе се донесе одлука во наредните неколку дена во Тбилиси, а ќе се води сметка и за тоа дека во Русија живеат повеќе од еден милион Грузијци.
Каков ќе биде одговорот на Русија допрва ќе се види. Без оглед на тоа дали ќе останат само конзули или не, јасно е дека Москва и Тбилиси за подолг период ги расипаа своите односи. „Со режимот на Саакашвили не сакаме да имаме никакви односи“, рече Дмитриј Медведев. Границите со Абхазија и Јужна Осетија и понатаму остануваат исти. Тоа во вторникот и средата го повторија повеќе руски политичари. Тоа значи дека барем засега не станува збор за реализација на желбите на раководствата на двете новопризнати држави да и се припојат на Русија.
Рускиот претседател Медведев во средата во телефонскиот разговор со германската канцеларка Ангела Меркел и објасни зошто го потпиша указот за признавање на независноста на Абхазија и Јужна Осетија. До разговорот дојде по иницијатива на Ангела Меркел. Медведев и објасни на Меркел дека Русија има намера да ги исполни сите пет принципи кои се договорени со францускиот претседател Саркози.
Иако Дмитриј Медведев јасно наведе дека Русија не сака нова „студена војна“ и влошување на односите со Запад, многу руски политичари, политиколози и новинари сметаат дека ќе дојде до забележително заладување на односите. Во средата неколку московски весници на насловните страници имаа песимистички наслови. Два многутиражни дневни весници „Труд“ и „Московски комсомолец“ на таа тема објавија подолги текстови. „Труд“ на цела страна имаше наслов „Студена војна - 2“ а во „Московски комсомолец“ на цела страна пишуваше „Доаѓа студената војна“.
Претседателот Дмитриј Медведев смета дека „новата студена војна“ може да се избегне ако постои доволно „прагматизам и заемна волја“. Сега за Москва е многу важно дали ќе добие поддршка на состанокот на „Шангајската организација за соработка“ кој и официјално почна вчера но Медведев и многу претседатели во Душанбе, главниот град на Таџикистан пристигнаа веќе во средата. Членки на таа организација се Русија, Кина, Казахстан, Узбекистан, Киргизија, Таџикистан а набљудувачи се Монголија, Пакистан, Иран и Индија, додека Авганистан е гостин.
Сите руски политичари како и претседателите на Јужна Осетија и Абхазија во вторникот и средата повторуваа дека Запад со кршењето на меѓународното право на Косово и одземањето на дел од територијата на Србија направи преседан кој го искористија двата народи на Кавказот, а по тој пат ќе тргнат и во други делови на светот.
Рускиот претседател Дмитриј Медведев кој по образование е правник подетално објасни пред највлијателните ТВ канали зошто признавањето на Косово им даде право и на другите народи по истата формула да ги остварат своите желби. Тој изјави дека Русија во последните 17 години се обидуваше на секој начин да помогне да се воспостави територијалната целовитост на Грузија. „Дури и по меѓународното признавање на Косово ние не дававме изјави за Јужна Осетија и Абхазија. Но, бевме присилени да ги признаеме кога се пролеа крв“, објасни Медведев.
Во интервјуто за Си-Ен-Ен Медведев изјави дека на Запад постојано повторуваат дека Косово е посебен случај. „Ве молам погледнете па и Абхазија и Јужна Осетија се посебни случаи. Во таква ситуација ние одлучивме да ги признаеме како независни држави“, истакна Медведев.
На прашањето од американскиот новинар дали Русија примени двојни стандарди кога ги призна Абхазија и Јужна Осетија, бидејќи претходно беше против признавањето на Косово, бидејќи со тоа се кршеше меѓународното право, Медведев беше јасен: „Не го прекршивме меѓународното право и не применивме двојни стандарди. Сакам да обрнете внимание на тоа дека секоја држава има право да признае или не некоја држава. Според наше мислење таа ситуација која беше на Косово не даваше доволно основи за негово признавање како субјект во меѓународното право. Нашата позиција не ја делеа сите и значаен број на земји го признаа Косово како самостојна држава. Што се однесува до Грузија според наше видување 17 години спроведуваа етнички чистки, а имаше и случаи на геноцид на територијата на Јужна Осетија и Абхазија. Затоа се одлучивме да ги признаеме како независни држави. Во повеќе наврати ни зборуваа дека Косово е посебен случај, како што велат правниците ’касус сиу генерис’. Добро ако Косово е посебен случај тогаш Јужна Осетија и Абхазија се посебен случај“, додаде Медведев