Петар Наумоски, кошаркарот на 20. век во Македонија, кој сè уште е активен во дресот на италијанскиот четвртолигаш Дертона, за „Нова Македонија“ вели дека не размислувал за повторен настап во македонската репрезентација и покрај фатот што сезонава игра во одлична форма со просек од 30,1 поен за 33 минути просечно минати во игра.
- Во Дертона играм по молба на мој одличен пријател, кој е сопственик на клубот како и од желба да останам во каква-таква форма. Настапувам во аматерска лига, која, сепак, не е со така лош квалитет, бидејќи речиси сите екипи во неа имаат по еден или повеќе странци. Тренирам трипати неделно, играм еднаш неделно и навистина уживам во тоа. Без разлика што сум можеби во солидна играчка форма, досега ниту еднаш не ми паднало на памет евентуално враќање во дресот на репрезентацијата, односно можен настап на Европското првенство во Полска - ни изјави Наумоски.
Сепак, продолжението на одговорот, кој ни го даде популарниот Пеце, наведува на заклучок дека кошаркарската легенда, сепак, е заинтригиран од можноста повторно да биде дел од едно ЕП.
- Не велам дека однапред и без размислување би ја одбил евентуалната покана за играње за Македонија. Сепак, мислам дека нејзиното прифаќање не би било фер кон сегашните членови на репрезентацијата, кои вложија голем труд на патот кон ЕП. Моја среќа, или несреќа, како ќе земете, е што сум играч, кој во секоја прилика сака да биде лидер во тимот, да биде тој што одлучува на крајот. Човек тешко се менува, особено на 40 години. Затоа сметам дека не би било пожелно да се вратам во националниот тим, бидејќи во тој случај многу работи во него би се промениле, а јас не го сакам тоа. Помладите кошаркари се стекнаа со шансата да играат во Полска и нормално е дека тие треба да ја добијат можноста да покажат што знаат на собирот на најдобрите во Европа - дополнува Наумоски.
„Професорот Петар“, како што го нарекуваат италијанските медиуми, пред десетина дена на еден меч постигна дури 49 поени заедно со неверојатни 11 тројки.
- Искрено, 40-50 поени можам да постигнам на секој меч во оваа конкуренција, но гледам премногу да не се заморувам. Причина што тогаш постигнав толку многу поени беше интерниот дуел, односно облогот што го имав со еден американски кошаркар во спротивниот табор, околу тоа кој ќе биде најефикасен на мечот. Тој почна одлично, но потоа јас постигнав четири-пет тројки по ред за на крајот да завршиме 49-37 во моја корист. Дури на крајот му се налутив на тренерот, секако во шега, што ме извади последните две-три минути, бидејќи лесно сум можел да ја надминам границата од 50 поени. Ова е доказ за тоа колку се забавувам играјќи за Дентона - раскажува Наумоски.
Сепак, без разлика на ваквата фантастична партија, Пеце самиот признава дека во моментов е можеби 40-50 отсто од оној стариот Наумоски, кој „жареше и палеше“ ширум европските терени.
- Со три тренинга неделно и со еден меч неделно не можам да ја надминам границата од 50 отстотна подготвеност, што во моментов ми е доволно. Со посериозни тренинзи сум сигурен дека би дошол до 70-80 отсто од оној стар Пеце од најдобрите играчки денови. Дали е тоа малку или многу за еден 40-годишник да настапи во репрезентацијата самите заклучете - завршува Наумоски.
Во секој момент можам да играм и во ЛЕГА А
- Играњето во четвртата лига во Италија не е од тоа што тоа е мојот максимум, туку само поради мојата желба. Гледајќи ги мечевите во италијанската ЛЕГА А сигурен сум дека без никаков проблем би играл значајна ролја во некоја прволигашка екипа. Сепак, обврските кои ги има кошаркар што игра на највисоко ниво се преголеми за мене. Имам семејство, бизнис и навистина не би се осмелил да се вратам во ритамот на професионален кошаркар. Засега ми е супер играњето во Дертона. За понатаму ќе видиме - вели Петар Наумоски.
Јовица Арсиќ: Би бил луд да се откажам од подготвен Наумоски
Јовица Арсиќ, селекторот на кошаркарската репрезентација на Македонија, не е запознаен со настапот на Петар Наумоски во италијанската четврта лига. Сепак, тој не се откажува однапред од можноста да го има легендарниот Пеце во националниот тим на Европското првенство (ЕП) во Полска.
- Би бил луд ако би се откажал од играч со квалитети како Наумоски. Сите знаеме каков играч беше тој. Сепак, неговото евентуално враќање во репрезентацијата ќе зависи исклучиво од нивото на неговата подготвеност, но и од желбата да биде повторно дел од националниот тим. Факт е дека на неговата позиција ги имаме Врбица Стефанов и Владо Илиевски, но ако Наумоски се врати приближно во формата во која го знаеме, тогаш сигурно дека и за него би се нашло место во составот. Сега има уште доста до почетокот на ЕП, време во кое може да се решат сите дилеми околу евентуалното враќање на Наумоски - ни изјави Арсиќ.
-
Вреди да се земе Пеце во составот!
....па макар и да седи на клупа цело време. Мотивација плус за нашите!
Се изненадив кога го прочитав текстот. Легенда!