Јонуз ќе мора да создава нова одбрана
Македонскиот селектор меѓу редови најави дека нема во иднина да смета на Седлоски, кој на наредниот меч ќе ја слави „стотката“, а откако потешко се повреди и Игор Митрески, на последната линија во А-тимот ќе и треба сериозен ремонт
Македонскиот фудбалски селектор Мирсад Јонуз за квалификациите за пласман на Евро 2010 година ќе мора да создава нова одбранбена линија пред голот, особено откако неколкумина од досега стандардните веќе не се во „најдобрите“ години. Капак на сé беше и повредата на Игор Митрески во софиска ЦСКА, па откако Јонуз меѓу редови најави дека нема во иднина да смета на Гоце Седлоски, кој на наредниот меч ќе ја слави „стотката“, на последната линија и треба сериозен ремонт.
Ова значи дека на наредните два пријателски натпревари, во мај против Азербејџан и во јуни против Романија, македонската одбрана треба да биде во ново руво, зашто тие два меча, заедно со последниот тест против Малта во август, ќе бидат единствените проби за новиот изглед на тимот.
Очигледно е дека досегашната гранитна четворка Седлоски - Митрески- Новески - Попов ќе биде видоизменета, но летово треба да се види кои ќе бидат новите лица во последната македонска одбранбена линија. Главни кандидати на кои треба да се гради дефанзивата се младите Бобан Грнчаров и Ванче Шиков, а тука секако е и новакот Александар Тодоровски, кој на мечот со Црна Гора покажа дека има штоф за стандарден првотимец.
- Кај мене секогаш ќе играат најдоброподготвените фудбалери. Не ги делам на стари и млади, за мене е битно тие да се во форма - е ставот на Јонуз.
Пред приближно еден месец, Јонуз на брифинг со новинарите соопшти дека му ветил на Седлоски дека ќе одигра 100 меча, а за потоа „сам си знае“. Тоа беше индиректна порака до поранешниот капитен дека местото веќе не му е загарантирано, особено што во последните неколку натпревари тој мечот го почнуваше на клупата. Ако се знае фактот дека Седлоски има сериозна понуда од неговиот Матерзбург да биде помошник-тренер во наредната сезона, тогаш шансите за тој да се збогува со играњето во А-тимот се повеќе од големи.
И Игор Митрески веќе нема да биде сигурен во А-тимот, особено по повредата на Ахиловата тетива и неговото отсуство од терените до крајот сезоната. Бранителот што дава повеќе од 100 отсто на секој репрезентативен меч направи чекор назад во кариерата доаѓајќи во Бугарија, во слабо првенство, со уште послаби натпревари, дури смешно во споредба со играњето во втората германска Бундес-лига, каде што Митрески беше до пред Нова година.
Сето ова значи дека во одбраната сигурни засега ќе останат само Николче Новески и Горан Попов, и двајцата во врвна форма сезонава во нивните клубови Мајнц и Херенвен. Јонуз ќе треба сериозно да анализира и да реши кои играчи ќе им прават друштво во последната линија пред голот, зашто времето е кратко за одбраната да биде целосно вкомпонирана како што и прилега на селекција што негува амбиции за пласман на некое големо натпреварување.