Нова Македонија - Вчерашен Број
М.М.Е. кој прв почна
Автор: Игор Крстевски
Кошарка
Кога големите се препираат, најчесто страдаат оние помалите. Така беше и во случајот со кошаркарските екипи на Фершпед Работнички и на МЗТ Скопје, најголемите ривали и, слободно може да се каже, спортски непријатели. Управите на двата клуба подолг период водат меѓусебна тивка војна, која кулминира во периодот помеѓу 18 октомври и 30 ноември, кога се одиграа двете меѓусебни средби. Задевањата на управите и нивните мали игри добија своја завршница во саботата вечер, кога се случи голема тепачка помеѓу навивачките групи на двата тима.
Епилогот е поразителен. Десетина дупнати глави, исто толку прекршочни пријави, многу уплашени граѓани, неколку демолирани автомобили и еден вандализиран стан. А мораше ли да биде така?
Сè почна со одлуката на управата на Работнички да си направи приватна забава да не пушти во слободна продажба билети за првото „вечно“ дерби сезонава, нудејќи им само 150 билети на гостите од „Јане Сандански“. Тоа е преседан досега невиден во македонската кошарка. Тоа предизвика револт кај луѓето и кај навивачите на МЗТ, бидејќи овој клуб има и културни симпатизери, кои со оваа одлука беа спречени да ја проследат средбата во живо. Револтирани беа и обичните љубители на кошарката, меѓу кои имаше и такви што дошле во внатрешноста на Македонија со желба да го видат дуелот на најголемите ривали, а кои по нечија желба останаа со „прстот во уста“.
За да не остане покуса, управата на МЗТ за саботниот меч реши воопшто да не им даде билети на противниците од „Градски парк“ како одмазда за нивната претходна постапка. Но тоа не ги спречи навивачите на Работнички да се упатат кон „Јане Сандански“, каде што се играше средбата. Веста дека им доаѓаат ривалите на нивни терен веејќи ги знамињата на аеродромците, кои во саботата наутро ги украле од салата на МЗТ, е доволна причина за молскавична реакција на „Фемили“, кои прават класична заседа кај трговскиот центар „Скопјанка“ веднаш до железничката станица. Одеднаш Аеродром станува Бејрут. Следува бегање на сите страни, кое е зачинето со демолирање автомобили и со малтретирање случајни минувачи.
Сето ова наведува дека нема само еден виновник туку дека сите, од управите на клубовите до хулиганите, кои себеси се нарекуваат навивачи, заслужуваат максимална критика. Управите на Работнички и на МЗТ не смеат да заборават дека со нивните постапки директно влијаат врз однесувањето на армијата навивачи. Тоа е огромна одговорност, која не секој може да ја издржи. Горан Костовски, спортскиот директор на Работнички, и Драган Панковски, неговиот колега од МЗТ, паднаа на испитот. Останува да се надеваме дека тие ја научиле лекцијата и дека во иднина ќе внимаваат што прават.
Во саботата, за среќа, немаше жртви. Само до кога?