Лох Нес емигрираше во Борнео?
Фотографијата снимена од воздух на која се гледа џиновска змија, како плива во една река на островот Борнео и која неодамна е објавена на интернет, многумина ги наведе да помислат дека можеби Лох Нес се преселил во потоплите краишта и дека сега таму ги плаши луѓето.
Во меѓувреме се појавија и други фотографии, на кои е истата змија, снимени во други делови на реката Балех.
Жители на Борнео веднаш почнаа да ја раскажуваат приказната за враќањето на митската змија Набау, со глава на аждер со седум ноздри, додека скептиците тврдат дека се работи за производ на добар фотошоп.
Малезиското списание „Њу страјтс тајмс“ ги повика читателите самите да заклучат за што се работи.
Научниците во Јужна Америка на почетокот на месецот пронашле фосил на змија, која била подолга од автобус и тешка, колку помал автомобил. Ова суштество, кое научниците го нарекоа Титанобоа, можело да проголта животно со големина на крава, а најверојатно се хранело со џиновски желки и крокодили. Живеела во тропските јужноамерикански шуми пред околу 60 милиони години.
Деловите на скелетот на предисториското животно, кое било долго околу 14 метри и тешко повеќе од еден тон, е откриено од меѓународни ловци на фосили во еден рудник за јаглен во Колумбија.