За разлика од минатата година кога потфрлив, оваа година уште во јуни си го исполнив скромниот книжевен предизвик - 10 прочитани книги. Со оваа темпо веројатно ќе го исполнам и оној од 20 книги (hard level).
1. Александар Македонски - Артур Вајгал 4.5/10
Генерално избегнувам да читам биографии за ликови од историјата. Воопшто не зимам во предвид веродостојноста на информациите, вака од книжевен аспект воопшто не ми беше интересно за читање. Добив јасна слика за настаните ама некако како премногу брзо да беше се нафрлено без добро да се разработи и да се навлезе.
2. Играта на ангелот - Карлос Руиз Зафон 8.5/10
Феноменална книга, втор дел од серијалот “Гробиштата на заборавените книги“. Да не ми беа малку напорни дијалозите на Давид Мартин и Корели, ќе имаше и повисока оценка, но и вака беше предобро читачко искуство, ликот на Изабела омилен ми стана. Доста ме потресе, заедно со Марина се книги кои најмногу ме потресоа од Зафон.
3. Заточеник на небото - Карлос Руиз Зафон 6.5/10
Оваа е трет дел од серијалот. Книгата е одлична, само ми е недовршена сама по себе и затоа е ваквиот рејтинг. Интересна е и многу лесно се чита, но како во оваа фаза Зафон да знаел дека ќе има 4 дела серијалот и го напишал третиот само колку да има отскочна даска кон четвртиот.
4. Лавиринт на духовите I дел - Карлос Руиз Зафон 7/10
Четвртиот дел од серијалот. Ова е една книга, но веројатно за Матица да направи повеќе профит од продавање повеќе книги ги одвоила на две посебни, па затоа и јас ги водам како такви. Интересни се за читање, но ми ја немаа магијата од прите 2 дела, ликовите и дејствијата се поврзуваат од сите 4 дела.
5. Лавиринт на духовите II дел - Карлос Руиз Зафон 7/10
Истото важи и за оваа книга, директно продолжение е на минатата, без да има пресек во дејствијата.
6. Град од пареа - Карлос Руиз Зафон 3/10
Ова ми е тотално разочарување. Откако Зафон починал, семејството издало книга кое треба да е како нов продолжеток на серијалот (петти дел) со приказни опфаќајки ги ликовите од серијалот. Наидов само на 2 или 3 приказни каде што се спомнува некој лик, другите беа рендом приказни поврзани со ликови од историјата, како Гауди, што може делат поврзаност со местото каде што се настаните од серијалот, но не се ликови од серијалот. Имав чувство како да читам приказни на интернет од случајни статии.
7. Сенка на ветрот - Карлос Руиз Зафон (препрочитана) 9.5/10
Првата книга од серијалот. Прв пат ја прочитав во 2010, ми требаа 4 години да подзаборавам настаните, па ја прочитав сега пак откога ги прочитав и другите од серијалот. Впечатоците се исти како и првиот пат, феноменално дело, најмногу го доловува целиот амбиент, после книгата се чувствував како да сум бил во Барселона и како да ја знам секоја уличка таму, а јас не сум бил никаде во Шпанија. Топло ја препорачувам на секој, не само неа туку и целиот серијал.
8. Малтерего: Рубиков стол - Марко Шелиќ Марчело 6/10
Интересно дело. Марчело е инаку рапер, лирички би рекол и најдобар на овие простори, книжевноста му е ист стил како што му се и песните. Иста страна од општеството критикува, исти проблеми опфаќа, ситуациите се реални од секојдневието. Ми фалеше моментот на доловување атмосфера и разработка на ликовите малку подетално.
9. Принцот на маглата - Карлос Руиз Зафон 5/10
Прва книга од првиот серијал на Зафон, наменет за тинејџери и млади читатели. Тука имаше многу повеќе фикција споредбено со другиот серијал, а јас не сакам фикција. Интересчно за читање на моменти, брзо и лесно се прочита, но не допре до мене книгата.
10. Полноќна палата - Карлос Руиз Зафон 5/10
Втората книга од споменатиот серијал. Исто мислење како за првата, дури уште повеќе беше опфатен делот фикција тука, до степен малку и да ми пречи.
11. Септемвриски светлини - Карлос Руиз Зафон 5.5/10
Трет дел од серијалот. Во првата половина немаше ништо фиктивно, само блага мистичност, добро се темпираше атмосферата, но во вториот дел имаше премногу брзо натрупани нереални моменти, кои не ми беа воопшто разработени, немав простор да се привикнам на атмосферата.
12. Марина - Карлос Руиз Зафон 9/10
Прекрасна книга, четврт дел од серијалот. Иако повеќе би рекол дека оваа книга припаѓа на другиот серијал, ликовите не се тие, но целата атмосфера и начинот на пишување е истиот како “Гробиштата на заборавените книги“. Книга која многу ме потресе, читањето беше лесно и забавно и покрај фикцијата која е застапена во овој серијал. Не бев спремен на крајот. Најтопла препорака на секој.
13. Степскиот волк - Херман Хесе 7/10
Гледам да избегнувам филозофски дела, бидејќи сакам книгата да ме опушти да влезам во некој нов свет и да се одморам од сегашниот. Но, почитувам дела кои го тераат човека да размислува, да размисли за своите постапки читајќи ја книгата, да извлече некоја поука и истата да му помогне за себенадоградување. Оваа е една таква книга, си извадив и некои цитати од неа, во кои гледам ликови од моето опкружување, па ми послужи како појдовна точка на подетална анализа. Читањето беше доста заморно, бараше поголема концентрација, често препрочитував некои делови, 200 страни, но доста исцрпија. Сепак вредат според мене и би ја препорачал на сите љубители на овој жанр.