10. Кога цветаа тиквите - Драгослав Михаиловиќ (
Темплум, 2017)
Многу работи имав слушнато и прочитано за овој краток роман - и позитивни, и негативни. Знаев дека морам да го прочитам и многу се израдував кога го најдов. Станува збор за еден од предвесниците на југословенскиот „црн бран“ во книжевноста, роман-пионер на цела една сцена која подоцна се протега дури до крајот на деведесетите и дури и во остатоците од некогашната Југославија. И можеби не толку во книжевноста, колку во филмот и театарот. Во романов јас ја видов инспирацијата на многу од српските филмови од 90-тите: од Лепа села лепо горе, Ране, па се до Небеска удица (иако во фабулата и немаат баш многу допирни точки). Штета што по „Кога цветаат тиквите“ никогаш не бил снимен филм. Била поставена театарска претстава, но истата, поради чувствителните теми кои ги допира а се поврзани со општествено-политичката ситуација во Југославија, за затворите на политичките неистомисленици и за Голи Оток (каде и самиот писател Драгослав Михаиловиќ одлежал еден период), веднаш е тргната од репертоар.
Романот е речиси линеарна монолошка исповед на Љуба Сретеновиќ - Врапче (фиктивен лик), поранешен шампион на Србија во бокс, емигрант во Шведска кој се сеќава на деновите од 40-тите и раните 50-ти години во Југославија, на неговата младост во Душановац и почетоците и крајот на неговата боксерска кариера. Ги опишува случувањата во неговото семејство со еден едноставен јазик, но таков кој изгледа толку природно што не можеш да не му веруваш. Но низ тие описи за случувањата во неговото семејство се испреплетени и описи на целиот тој свет во поранешна Југославија, за Информбирото, за политичките затвореници, за Голи Оток и за што уште не. Но освен тоа, ова е и роман за носталгијата, за емиграцијата, на некој начин и трилер, но и роман за боксот. Навистина е краток - на само 160-тина странички џебен формат (ова не би било повеќе од 100 страни во книга со нормален формат и нормален фонт и проред), но кажува многу повеќе отколку романи од по 500+ страници. За тоа пред се е заслужен стилот и јазикот на Михаиловиќ кои се навистина импресионирачки.
Многу од негативните коментари за романот се насочени за почетните глави на истиот каде има навистина експлицитни сцени и се по малку непријатни за читателите (особено жените), па морам да признаам дека и јас не гледав некоја вредност во нив и очекував таков да биде и до крај. Но приказната со семејните драми и како таа е вплетена во целата таа генерална слика и за Југославија, но и за емиграцијата од неа е она што мене особено ми се допадна. Така, од роман на кој бев спремен да дадам една тројка, по 2 глави во кои ме наежи од глава до пети и навистина допре до мене, ова не заслужува ништо помалку од 5/10!
Многу ми се допадна и најтопло препорачувам! Се чита во еден здив, за неколку часа, буквално - со едно кафе. Прочитајте го, нема да зажалите!