Си ставив цел да прочитам барем 10 книги годинава, па да почнеме со тоа што сум го прочитал досега
1. Подвижни гробови - Божин Павловски (4,5/5)
Слаб сум на книги поврзани со македонската историја. Слаб сум и на книги со дебели корици, особено ако имаат врвка за одбележување до каде си стигнал со читање. Книга во која се опишува страдањето на различни генерации на македонскиот народ во Ресен и преспанската околина во време турско и во време на комунистичка Југославија. Дел од ликовите се македонци муслимани, односно торбеши, при што едниот од нив (незнаен јунак во историјата

) имал идеја да ја ослободи Македонија од турците и сите да живеат сложно во овие предели без разлика на националноста. Приказната е испреплетена околу различни генерации од неговата фамилија, носејќи ме дури до Австралија. Ми се допадна стилот на пишување на Божин, ќе дадам шанса и на некоја од другите негови книги.
2. Чуварите на хагадата - Џералдина Брукс (4/5)
Уште една книга која опфаќа низа историски настани. Се работи за сараевската хагада, една еврејска книга која низ годините завршила во сараевскиот музеј. Австралиската писателка има направено една одлична фиктивна приказна околи целосното потекло на книгата и нејзиниот опстанок во период од над 500 години. Годините на инквизицијата, протерувањето на евреите од Шпанија, палењето на цела еврејска литература низ Италија, патот на хагадата преку Виена до Сарево кое тогаш било под австро унгарска власт. Муслиманите во Босна настапиле штитенички кон евреите, што помага да книгата ја преживува втората светска војна. На крајот, сараевскиот музеј е бомбардиран од страна на српската војска во распадот на Југославија, но повторно ќе се најдат херои кои ќе се жртвуваат себеси за да спасат дел од културното наследство во музејот. Покрај историските приказни, доста темелно се опишува како се врши реставрација на една книга.
3. Ноември - Алена Морнштајнова (4/5)
And guess what. Уште една книга со историски наратив. Тргнав да ја купам книгата Хана од чешката писателка, но продавчката ме премисли. Сите знаеме како поминале евреите во втората светска војна, но дали доволно знаеме за страдањата на луѓето од советските републики во минатиот век зад железната завеса. Книгата е уште една фиктивна приказна за тоа како би изгледала Чехословачка ако не се случел пресвртот на политичката сцена по протестите во ноември 1989 година. Во реалноста, доаѓа распад на социјалистичката република и почеток на новиот демократски развој на двете држави, но во книгата СССР им помага на сите свои социјалистички сојузници да се одбранат од "внатрешните непријатели" и да го задржат својот досегашен режим на владеење. Војска на улиците, лимитирано движење на граѓаните, слабо снабдени продавници, скоро невозможно напуштање на државата, забранет пристап до радио или тв програми од западниот свет, дозволена литература исклучиво од социјалистичките републики, кодошење на секој што барем малку ќе изрази сомнеж во правилноста на државното уредување, но и нулта невработеност, силна армија, безбедност на улиците, социјални станови за младите парови итн. Одлична книга.