НАМЕСТО ЗАКОН ЗА ПОСЕБНИ ПРАВА
Посебни пречки за бранителите
Предлог-законот за посебни права на бранителите, иако беше предвидено, не се разгледа ниту на вчерашната Комисија за труд и социјална политика. Образложението на претседателот на Комисијата, Илија Китановски од ВМРО-ДПМНЕ, беше дека Владата се уште не доставила мислење за предлогот.
На ваквиот став се спротивставија претставниците на СДСМ, кои го обвинија Китановски дека манипулира со граѓаните кои го ставиле својот потпис на предлогот. - На иницијативата се потпишале 31.000 граѓани и наша обврска е да го разгледаме предлогот и да дискутираме за неговата содржина пред тој да се најде на пленарна седница. На овој начин ја поттикнуваме Владата да не дава свое мислење за ниту еден закон што не го предложила таа. Треба да имате свое мислење за предлозите и за нив да дискутираме во рамките на собраниските работни тела, а не да чекате премиерот Груевски и лидерот на ДУИ да постигнат договор и во готова форма да ви го испорачаат - ги критикуваше Радмила Шекеринска претставниците од владејачкото мнозинство.
Китановски рече дека предлог-законот, и покрај тоа што не се разгледувал на ниту една комисија, може да се најде директно на пленарна седница на која би се дискутирало за него.
Новиот закон за посебни права, чиј предлагач е здружението „Достоинство“, треба да ги опфати сите припадници на безбедносните сили кои организирано учествувале во одбрана на суверенитетот на Македонија од 1 јануари 2000 година. Во првата категорија се оние што од 22 јануари до 26 септември 2001 година станале воени инвалиди или најмалку 30 дена учествувале во борби. Во таа категорија се и полицајците и војниците што редовно работеле во подрачјата зафатени со борби и најмалку 90 дена останале на истото работно место. Втората категорија ги опфаќа полицајците и војниците што поминале најмалку 30 дена во кризен регион, а во третата категорија се резервистите што биле мобилизирани најмалку еден месец. Категоријата починат припадник на силите за безбедност ги опфаќа и ветераните што извршиле самоубиство како последица на психички нарушувања од конфликтот. Текстот на „Достоинство“ пропишува дека правата не може да ги остварат припадници, помагачи и соработници на вооружените екстремистички и паравоени групи, дури и ако стекнале или може да стекнат права по овој закон. Исклучени се и дезертерите, односно сите што сами се повредиле или сами ја напуштиле единицата или работното место во периодот на конфликтот. Надомест од 100 просечни плати за семејствата на загинат или починат припадник на силите за безбедност и од 60 до 300 плати за инвалид во зависност од степенот, се дел од правата пропишани со законот. Владата се задолжува да вработи еден невработен член на семејство на загинат или починат бранител, а истото право го добиваат и невработените воени инвалиди. Членовите на семејствата на загинатите, како и ветераните од прва категорија, добиваат право на полна пензија пет години пред законскиот рок. Бранителите од другите категории можат да го остварат тоа право три, односно две години пред законската пензија.