Потсетник
Секогаш... можеби не секогаш, но често размислувам на сите оние мали знаци кои секогаш стојат пред нашиот нос, а никогаш не ги приметуваме... се до оној момент кога е предоцна. Оние мали знаци кои носат огромен знак за предупредување, а ние сме слепи пред нив... или само сакаме да бидеме. Многу често ги гледаме работите што ние сакаме да ги видиме, ретко ја гледаме целата слика. И потоа сме повредени, скршени, насолзени...
Верувам, верувам дека кога би ги отвориле очите ширум отворени, самиот свет би се отворил... луѓето ќе ги отворат своите души и нема да бидеме ни повредени, ни скршени. Многу полесно е да го обвиниме другиот и покрај тоа што знаеме дека ние сме виновни? Што би било кога секој би бил самокритичен? Којзнае... Но, тогаш се би било толку едноставно... А кога човекот е во прашање, едноставното не вреди, едноставното е досадно... треба да е комплицирано, за да човекот воопшто функционира.
И додека размислувам за малите знаци, размислувам и за минатото, за моите Бриџит Џонс ситуации, за се што се случувало и се случува... И секогаш ќе речам, ама зошто мене? Зошто јас? Со што заслужив? Секогаш си велам дека залудно поставувам прашања, затоа што секогаш во животот прво го добиваме одговорот, а по многу години, а можеби и никогаш, ја дознаваме причината.
И таман кога ќе помислам дека е крај на моите баксузни ситуации во љубовта, таман кога ќе речам чекај можеби и мене ќе ми се посреќи, па по којзнае колку време ќе се појават пеперутките во мојот стомак, одеднаш повторно и повторно се јавуваат препреките, шпанските серии и невозможни сценарија кои само на филм се појавуваат. Секогаш, секогаш кога ќе помислам дека можеби, само можеби се доближувам до љубовта која толку ја посакувам, секогаш, ама секогаш се појавува потсетник кој ми дава на знаење дека е уште рано, дека треба да бакнам и да се загледам во уште жаби, за да го најдам мојот принц.