Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Понекогаш сакам да пишувам за тебе и само за тебе ... но не и денес.

Илузорната проекција на новата метропола се создава додека се гледа снегот на екранот од телевизорот, таа е магичен спој на стари занаети, допуштени на располагање и од жените и од мажите како нивни главни водилки кон деструктивното сексуално искуство, таа е мирис на кокаин во ветерот, таа е осаменост која што те обвиткува со тенки свилени пипци претворени во кашмир на намаление, таа е твојот најголем пријател и советник, те појадува и вечера наеднаш, како гиро спремено по грчки рецепт.
Се сеќавам додека бев сеуште невина, а веројатно и наивна, колку страв можев да помирисам во луѓето, во нивната аура на себепрокламација која што испаруваше високо во небото за да остави трага на територијална сопственост, некој вид на животински ритуал кој што требаше да им потенцира на сите колку се тие посебни.Знам, дека од тој момент на свесност ми потекнува траумата на урбано животно кое што (с)е софист(ицирало) во име на општествениот поредок, потоа се сконцентрирав кон создавање на ликови од книги на Достоевски, но битна е секундата на воодушевување и гадење, како Нес, две во едно, што ја пиеш пред спиење за да може еден ден да се породиш со епидурална.

Луѓето сакаат да те прашуваат како се чувствуваш, колку ти е добро или лошо во својата кожа, но не се лажете, не е дека навистина ги интересира како отчукува вашиот пулс, ооо не, всушност потајно се надеваат дека нивното присуство ве прави да бидете добри, а ако ви е лошо, барем нив им е подобро.Со текот на времето секој се навикнува на оваа тенка кора полна фалшиви и шикинирачки морално-етички манири на постоењето како политичко животно.Ги затвараш очите и ја проголтуваш инекцијата, бар знаеш дека местото целосно ќе отрпне и наредниот пат нема толку да боли, се конформираш како бубашвабата што е конформирана со темнината и живееш лагодно во удобствата на својот дом, не, живеам.
Постојана потрага по бегство, вчера или денес, не сум сигурна точно кога си објаснив себе дека луѓето се тие што ти сметаат, не дека сам на себе нешто посебно ќе си сметаш, сакал не сакал, мораш да живееш со својот ум, парадоксално, да кохабитирате со органот кој што ви кажува дека треба тоа да го правите со него.

Потоа полниш 17 и се поклонуваш на уште една работа во низата, се кршиш пред стегите на мама и на тато и на баба и на бато и се останато што е во роднинска врска а почнува на М и мораш да се водиш по логиката на Питагора и Аквински затоа што тие знаеле дека она со кое јас пишувам мора да биде пенкало, а 2 и 2 да бидат 4.Се откажуваш засекогаш од оригиналност и интелегентен респонс затоа што никој нема да ти каже нешто што некој друг веќе не го напишал.Затоа најдраг мој, јас не верувам во ѕвезди.
 
Седам на балкон уживам во мрисот на пролетта и гледам во ѕвезденото небо се присетив на едно момче од моето детство кое се викаше Ѕвездан. Тоа беше единствениот човек кој го познавам со ова име.
 
Седејќи во својот удобен стол пред компјутерот од кој се немав мрднето со часови, ми текна да станам и да ја отворам вратата од терасата да флезе малку чист воздух. Вратата беше покриена со зелен долг чаршав за да не ги пропушта силните блескави зраци од сонцето но кога го ја отворив вратата немаш сонце туку нешто поубаво. На небото, темно и студено, мрачно со еден рој ѕвезди здогледав една голема сјајна ѕвезда која како да беше свртена кон мојата куќа да свети на мојата тераса. Излегов надовор и седнав на столот што вообичаено пушам цигари кога брат ми не дава да се пуши во собата, иако седев пред компјутерот и играв една игра четири часа непрекинато ја изоставив и седнав, иако не седнав да пушам цигар туку седнав така сам да ја гледа ѕвездата која сјаеше толку силно дури како да ја осеќав нејзината топлина како нешто да ме галеше на лицето и ме натера да седнам на столот на кој пушам цигари. По десетина минути седење така загледан и замислен кон ѕвездата ми текна зошто сето тоа ми го одзема вниманието:
Бидејќи те немаше тебе седев со ѕвездата, а ветерот ме погали по лицето и ми шепна да седнам да ми праваат друштво, и кога ѕвездата згасна и ветерот се стиши јас си запалив цигара и повторно помислив на тебе.
 
Претчувствував дека ноќта ќе трае долго. Најубавиот, долгоочекуван ден - петок и забавниот ноќен живот, ние - подготвени да доживееме ново искуство.
Се договоривме, оромна екипа момци и девојки да излеземе во кафуле, па во некој клуб, а потоа каде не води патот.
`Се се одвиваше одлично. Запознавање нови луѓе, стекнување нови пријателства, пијалок, добра музика, уживање на една топла, летна вечер. Отидовме и во еден клуб во близина.
Немаше многу луѓе, но сепак решивме да останеме малку. Порачавме водка. А потоа следеше мохито. Уште неколку чашки на екс.. смеа, забава. Дојде 1 часот и решивме да продолжиме во друг клуб.
Малку поднапиен и весел, Славе, мојот најдобар другар ми пријде. Му подадов рака да не паднеме двајцата, ме прегрна и тргнавме заедно. Почна да му се одврзува јазикот..
- "Погледни колку е убава Марија". -му рече на другар му Иле. "Морам да ти признаам, симпатија си ми. Зошто не ме сакаш?" -ми се обрати мене. "Иле, Марија не ме сака.."
- "Не зборувај глупости". -реков јас.
- "Марија, зошто не го сакаш?" - ме праша Иле поднапиен.
- "Те лаже". -му реков.
- "Почекај.." Славе ме зграби за раката и запревме со одењето. "..нека се оддалечат малку. Јас не се шегував.."
- "Пијан си". -му реков.
- "Ама не.." -рече и го повлеков да ги стигнеме другите.
Влеговме во такси и тргнавме кон клубот. Стигнавме, а Славе повторно ме држеше околу половината. Не ми пречеа тие допири, другар ми е. Но, не сакав да го загубам.. затоа не дозволував да си дозволи нешто повеќе.
- "Погледни" -ми рече и го насочи прстот кон небото. "Колку е сјајна онаа ѕвезда.. Зарем никогаш не си посакала да си на нејзино место? Би ја симнал за тебе, кога би можел. Би го сторил невозможното, ете толку вредиш."
Јас молчев. Само полека го повлеков да влеземе внатре.
И при самото влегување го видов него. Лука. Очекував да биде таму, копнеев да го видам пак. И тој ме здогледа, ми пријде и го гушнав. Славе го виде тоа, но во себе се надеваше дека сме само пријатели. Не сакав да го повредам и да го бакнам пред него. Затоа останав со него. Танцувавме и се забавувавме, но Лука повторно ми пријде и ми рече: "Ние сме надвор на терасата, ако сакаш дојди". И замина.
По некое време забавувајќи се, Славе реши дека е време да одиме. Навистина беше доцна, но сакав да останам малку со Лука. И можеби испаднав нефер, но излеговме сите надвор на терасата со цел да го видам. Некој ме допре одзади за прерамката од корсетот.. Тоа беше Лука. Погледнав назад кон Славе и ми рече : "Ако сакаш.. остани. Ние ќе си одиме".
Многу лошо се почувствував. Но, желбата да останам барем малку со Лука надвладеа.
- "Ќе останам малку.." -му реков. "Имаш пари да се вратиш дома?"
Само потврдно кимна со главата. - "Убаво да си поминеш". -ми рече. Ме гушна, се поздрави и замина.
Никогаш не сум се почувствувала полошо. Излезе дека сум наместила да останам со Лука, а Славе и останатите да си заминат.
Пријдов кај друштвото на Лука и седнав.
Тој исто така беше поднапиен. Ми ја подаде раката и станав. Дојдов крај него и го држев цело време да не падне. Тогаш пријде еден негов другар.
- "Ѕверy, имаш нешто кеш?"
Лука побара во џебот .. - "Земи ги овие ситниве.." Другаров му зема 500 ден.
- "Лука, свесен си колку пари му даде?!" -му реков.
Само ми се насмевна и ме бакна. Ме гледаше со љубов, а се насмевна како да ми велеше : "Толку е убаво што се грижиш за мене."
Дојде една русокоса девојка и го тргна Лука настрана. Не беше возможно да не слушнам за што разговараат..
- "Лука, која ти е оваа?" Лука само се тргна кон мене и ме фати повторно за половината.
- "Лука, што правиш? Да не имаш девојка сега?" -реков. Пак се насмевна и ми шепна : "Не грижи се, таа ми е само добра другарка и се грижи за мене. Не сум пијан, само расположен. Не знаеше за тебе и затоа праша."
Русокосата девојка стоеше близу до нас. Чудно ме гледаше. Се сомневав.
И потоа се врати другарот на Лука кој му зеде пари, овојпат во придружба со една постара жена која носеше цвеќе во кошница.
- "Рози за двете девојки" - рече Лука. И жената извади две рози и ни ги даде мене и на неговата русокоса другарка.
- "Лука, зошто? Не треба.." -му реков.
Повторно се насмевна и ми рече : "Не сакаш роза?" Се насмевнав, го бакнав и му реков: "Благодарам."
Русокосата девојка ја зеде розата и замина кај едно момче и го бакна. Тогаш сфатив дека навистина е само грижлива другарка на Лука.
- "Еј, погледни.. се раздени." - ми рече Лука. Стоејќи на терасата на клубот и слушајќи добра музика, со розата во рака гледав како се разденува. Лука продолжи да ме опсипува со бакнежи.
5 часот изутрина. Ѕвезди веќе немаше.. Ниту таа најсветлата, а го немаше ниту Славе. Се почувствував како да го повредив останувајќи со Лука, ќе се чини дека намерно го испратив Славе дома. Но, што можев.. не сакав да го уништам другарството со него. Ме засакал. А јас го сакав Лука. Со него сите ѕвезди беа мои.
 
Некогаш светеше во полн сјај, постоеа тие безгрижни времиња, но беше тоа некогаш, толку одамна што се запрашувам дали беше реалност или сон.
Патот беше одамна одбран, можеби беше така судено, можеби постои судбина, можеби сè е предетерминирано. Важни се само почетокот и крајот, она што нè тера да веруваме во илузијата дека можеме да направиме промена, е тоа што евентуално ќе не доведе до целта која сакавме да ја одбегнеме. И нема друг избор, освен да пуштиш и да прифатиш, бидејќи последното што те спречуваше беше стравот од непознатото.
Ја гледав таму некаде во далечината, тлееше, изгледаше дека целта е блиску, но тогаш ти се појави и повторно заблеска во полн сјај, но не беше исто, боите беа различни.
Не знам дали длабоко во себе знаев или ми требаше време за да сфатам, тоа беа завршните блесоци, последниот заслепувачки сјај на ѕвездата која умираше.
 
"Најубавите ѕвезди што некогаш ги имам видено се наоѓаат во твоите очи" - ми рече.
Ме крена до небото. Се почувствував сакано и важно. Никој дотогаш ми немаше речено нешто толку романтично.
Срцето почна силно да ми чука. Посакав да го бакнам и да го прегрнам.
И додека уште ме држеше возбудата од прекрасните зборови со кои ми ги симна сите звезди од небото, ми рече, "сакам да те љубам, сакам секојдневно да ги гледам тие ѕвезди".
Во следниот момент се најдов во неговите прегратки. Ги почувствував неговите врели усни како нежно ги бакнуваат моите.
Се предадов целосно и со тело и со ум, иако умот во тие моменти не знам кај ми беше.
Летав како птица. Добив крилја.
Ах колку само знае да значи еден збор, кажан во вистинско време.
Ја поминавме ноќта гледајки во небото. На моменти нашите усни се спојуваа. Топлата прегратка по која одамна копнеев, во тие моменти беше моја.
Моментите на страст и романтика треа кратко.
Ја испративме ноќта. Небото остана празно. Во бескрајното синило можеше да се забележи само по некое бело облаче.
И пред да се разделиме ме праша:
"Дали некогаш повторно ќе ги видам тие прекрасни сини ѕвезди!?"
Од мене доби само насмевка која вредеше повеќе од било кој збор.
 
Ја собирам секоја светла точка што се лизга од небото навечер и полека паѓа. Секоја ѕвезда ме потсетува на нашата љубов...сјајна и блескава на почетокот...која со време згаснува за на крај да ја дочека Земјата како ладен камен.
И си ги собирам така камењата кои одамна ја изгубиле својата убавина и во исто време размислувам дали можам повторно да ги вратам на небото,дали можам повторно да го вратам сјајот на сите паднати ѕвезди?!
...
......Неможам...се загледувам повторно во небото...со очите пронаоѓам лелеава нишка од ѕвезди која се чини нема кра...чекај- недостасува една ѕвезда,да,ете таму во празниот простор! Штета! Без нејзината светлина редицата од ѕвезди нема никаква моќ и е една обична линија...со крај и почеток...
Изгледа како сите ѕвезди понатаму да се во потрага по изгубената. Расфрлани и во безредие го исполнуваат темниот ќилим и создаваат немир,а таа знам...на другиот крај е...нежно трепка и му го покажува патот на изгубениот пират.

Ѕвезда, родена во прашина,растена како божествена искра на небото. Мислиш бесмртна е,ќе сјае и по твојот век,а таа паѓа и се лади заедно со тебе.
 
Еј што гледаш таму. - Неговиот длабиок глас го привлече моето внимание.
Ова е слободна земја кај сакам таму ќе гледам. - Внимателно го ислуша мојот одговор пиејќи го своето пиво.
Ајдееееее добро ситуација е можеби Монтеки и Капулети и таа да е Јулија ама ти сигурно не си Ромео. - Во право е дека не сум Ромео.
Не гледам во нејзе бре си го гледам моето омилени место на шанков, заеба работа таму кога го делевте онаа страна требаше наша да биде, затоа што онај ќош таму е моето место. - Сакам уште нешто да кажам ама веќе инстиктвино несвесно ја наполнив мојата уста со пиво.
Што му фали на овај ќош?- Смиреноста во неговиот глас не ме смирува туку се повеќе и повеќе ме иртира.
Подземни води има ебате беља и затоа сум нервозен тука цело време, свртен е кон запад а јас сакам да стојам потпрен кон исток кон изгрејсонце. - Полупразното ладно шише пивско веќе врз моето чело кое што е во полунаведната положба типична за тешко размислување.
Што тресиш глупости какво изгрејсонце какво зајдисонце, не менувај тема и не гледај таму. Не е проблем што ти гледаш натаму во нејзе туку проблем е што и таа гледа наваму во тебе, знам дека е преубава....
Ѕвезда е. -Го прекинав.
Гаси го педерот скопски главата ме фати од него пичку мајчину.- Се раздрав добро за да ме слушне ди џејот горе.
Остај го педерот скопски добар е.- Во истиот момент после мене следеше одговор од спротивната страна на шанкот.
 
Некогаш и негде, ке те сретнам пак,
Покрај мене ке блеснеш ко светулка во мраак...

...се слушаше во позадина на две млади силуети, неприметно гушнати покрај малото вештачко езеро.Нејзините очи сјаеја посјајно од месечината, а насмевката и се ширеше исто колку и душата.Го гледаше со најзаљубените очи што некогаш сум ги сретнала во моето 25 годишно постоење.А тој, млад заљубен и ги потпевнуваше стиховите што и прилегаа.Изгледаа како јас и мојата љубов на млади години.Се љубевме под месечината, крај истото езерце.Се гледавме со исти очи, како што се гледаат тие.Секој божји ден.Но, еден ден, беше посебен.Се разбудив со кнедла во грлото што ме гушеше, а тој ме галеше по косата додека сонував кошмари.Тој ден, останав сама засекогаш.Вечерта со неговиот пикап ме собра како и секогаш и тргнавме накај нашето езерце.Се случи нешто што ми го промени животот засекогаш.Се се деси брзо, тој се изгуби некаде на небото, а јас со вината останав неподвижна да живеам на Земјата.Каква смисла имаше сега мојот живот..Беден.Осамен.Гол.Како и да е, секоја вечер го посетувам истото езеро, но сега веке гледам дека нема место за мене.Сега има само место за нов пар, и ново време за нивно уживање.Го гледаат небото, не кое му припаѓа и тој.Тој е една Sвезда и ме гледа насекаде.Сепак возевме пребрзо, со гласна музика..
 
Ѕвезда

Што е ѕвездата... Небесно тело, животна придружничка, водилка низ темнината или пак само отворен споменар во кој се излепени сите наши фотографии, испишани сите наши животни реплики?
Ако треба да одлучам како да ја дефинирам ѕвездата, ќе се повикам на мојата сопствена номенклатура и ќе ја наречам- книга на животот. Нели таа ги содржи сите информации за мене и онака како што ми е запишано во ѕвездите, така ќе се одвива мојот животен пат. И мојот живот ќе зависи од нејзиниот.
А колку трае животот на една ѕвезда? Велат дека животниот век на ѕвездата е обратнопропорционален на нејзината големина. Колку е поголема ѕвездата, побргу умира. И обратно- помалите ѕвезди живеат илјадници години и колку се помали се посилно светат.
Ама сега од каде јас да знам која и каква е мојата ѕвезда...Проклета неизвесност. Одбивам да живеам според ова правило. Затоа погледнувам кон темното небо и решавам сама да си одберам сопствена ѕвезда. Гледам, подзамижувам, па широко ги отворам очите...ја барам најсјајната. Ене ја, ја здогледав конечно! Таа ќе биде моја... Ах, не, потаму ене друга, уште посветла! Тогаш да си ја присвојам таа. Одлично, воздивнав со олеснување. Но кога по третпат ги прошетав очите по небесниот бескрај, видов уште безброј ѕвезди, кои светат која од која посилно. И сега?! Која од нив ќе живее најдолго? Која да ја земам за моја заштитничка?
Го спуштив погледот и се натажив. Не дојдов до никакво решение. Ниту си ја знам сопствената, ниту успеав да си најдам нова, ѕвезда по сопствен избор. Пак надвладеа неизвесноста. Ех, кога би дошол некој и би ми ја покажал: "Ене ја твојата ѕвезда и ти ќе живееш до тогаш и тогаш". Не! Не! Тогаш се сепнав и сватив дека во тој миг на откровение мојот живот би завршил. Кога би знаела уште колку ќе живеам, колку и да би било тоа, нема да ми биде доволно. И тогаш животот би ми се претворил во трка, за да го постигнам замисленото, знаејќи си го сопствениот крај. Во тој момент ја почувствував убавината на неизвесноста. Токму таа ме одржува во живот и всушност ми ја дава силата да продолжам да се борам, да плачам, да се смеам, да паѓам и да се подигам... Токму таа ми овозможува да живеам најдобро што можам, секојдневно пркосејќи и на смртта. И ненадејно го сознав одговорот на моето апсурдно прашање- ќе живеам се додека свети Сонцето. И види, несакајќи си ја пронајдов сопствената ѕвезда- Сонцето! Ќе живеам се додека наутро ќе успевам да ги отворам очите и се додека тие очи го гледаат изгрејсонцето.
Мојата ѕвезда ќе свети, додека има сјај во моите очи. Моето сонце ќе сјае додека дишам јас. А потоа? Потоа ќе продолжи да сјае за сите вас останати...

Паѓа ѕвезда. Некој некаде умира. Некој некаде си замислува желба...
 
Те гледав како нешто совршено, како ЅВЕЗДА. Убава, само да и завидуваш на нејзината моќ што е таму горе и блеска, но и тие имаат свои тајни и не можеш да ги разбереш какви се внатре...исто како тебе. Се уште не можам да поверувам како можеше толку бргу да се смениш и да станеш најсурова личност. Го заслужив ли тоа? Ако сум заслужила, не можам да сватам како?! Ми треба објаснување! Ти пречи тоа што бев предобра кон тебе?! Јас уништував живот на прекрасна личност, за да на крајот сватам каков си ти?! Можеби и јас сум виновна што го дозволив тоа...ама ете од кај да знаеш која Ѕвезда е најдобра кога живеат толку високо...уште нешто да ти кажам овде, бидејки не знам друг начин каде би можела да ти кажам...ЕДНА ТВОЈА РЕЧЕНИЦА МИ ГИ СКРШИ КРИЛЈАТА....ГО СРУШИ МОЈОТ СВЕТ... Дали навистина си толку многу ладнокрвен или само така можеш да се заштитиш самиот себе?!
А и да ти го кажам сето ова, немам одговор го знам тоа, бидејки јас за тебе веќе не постојам! Можеби и постојам, но не таква каква што навистина сум, ама и ти за мене си имаш мислење кое пребрзо си го врежа во глава без да сватиш и да дозволиш да ти покажам каква Ѕвезда сум всушност јас.
На крајот ништо не ми преостанува, освен да се обвинувам самата себе, а на тебе верувај ми дека ќе заборавм... Само кога ќе поскаш ти да ме видиш, кога ќе почнам да ти недостигам...немој да ме бараш, бидејќи ти беше тој што сакаше да заминам!
 
Ѕвезда, едно од многуте малечки светла на небото што како дечиња полни со надеж и живот упорно ги броиме и фантазираме еден ден да стигнеме до нив, само тие и темнината над нив да ни бидат лимит. Или пак ѕвезда како симболика на она што ќе те следи цел живот, ѕвездата под која си се родил, кај кого како некој под ѕвезда некој со ѕвезда некој без ич ѕвезда... ѕвиздан се ова во соработка со оние трите наречници што ти ја чкртале судбината на третата ден од ко ќе се опилиме.

Секој викаат си имал своја ѕвезда(на) на некои им стои горе на некои долу, а на некои или им се спушта или им се дига ѕвезда(на), кој како си ја одбрал да си ја носи пред него... Водилка во животот ориент точка за да не се загубиме во минатото и бедната сегашност, проголтани од моментот и однесени од виорот на заборавот. Мала трепкава речиси никаква - бедна точка на СВЕТЛИНА да не носи напред и да дава надеж, да не дига во просторот и да не исполнува со спокојот на темнината и вечната тишина, а простор бескраен уште толку во огромна експанзија на ширење исфрлен од големото бум кога настанало се или па конечно отишло по ѓаволите...

Или па ај нека биде светлина, прекрасна рефлектирана сончева (ко демек само таа била на светов) одбиена од една прекрасна сончева? ѕвездичка. (Весел дел од приказнава част треќа) Светлина вгнездена во душата исткаена со насмевките и прекрасните спомени, светлина која зрачела кога сме се родиле и не исполнила до длабочините на празната ни душа бебешка, светлина која ако ја оставиме ќе се загуби во темината на просторот, со светлосни години назад во длабокото.

Најпосле и земјата е ѕвезда, една од малечките светлинчиња што трепкаат во тоа широкото, можеби сите ние сме ѕвездата на некој, таму џенем во бескрајот и даваме надеж и среќа, сите заедно сме негова водилка во животот. Го ткаеме небото под кое во темна вечер две души ќе бидат едно и со восхит ќе гледаат нагоре свесни за својата големина и исполнетост, ќе бидеме и ние надеж за некоја душа осамена и оставена, потполно свесна за својата ништожност во просторот.

Секој ама секој си ја пронашол својата ѕвезда, за некои истата е уште горе на небото, за некои долу на земјата, олицетворена во нешто прекрасно, нешто што го исполнува, вметната во нечија сродна душа, во нечии прекрасни очи кои зрачат со светлината која го руши сивилото и мракот наоколу, вечно како сите нејзини роднини таму горе на небото.
 
По барање на неколку верни читателки го продолжувам расказот со Звездан и Зона на Самракот http://forum.kajgana.com/showthread...ес-“Ѕвезда“)&p=3577755&viewfull=1#post3577755. Пошто мене ретко некоја жена ме слуша и уште поретко ме разбира што сакам да кажам искрено сум изненаден од фидбекот ................................................................................................................................................................................

На Звездан му падна весникот од раце кога прочита по тешко боледување бла..бла..бла..и слика од едно дете на 24 страна во Вечер.
Сеуште му се вртеше во глава мистериозниот телефонски повик од претходната емисија, не е можно си помисли во себе најверојатно некој само лиферувал несолена шега откако разбрал дека детето е умрено.
Погледот му застана на часовникот од кока кола кој го донесе локалниот дистрибутер со кого учеа заедно до четврто одделение, има време за уште една цигара си рече во себе и запали од МТ-ето.
Бос меко му беа многу добра цигара ама многу брзо гореа и беа скапи па затоа се префрли на Ориентал едно време, ама во бутката во селото многу ретко му носеа и мораше да се задоволи со МТ.

Техничарот даде знак дека ќе оди да моча и дека Звездан има време да ја допуши цигарата пред да ја почнат емисијата. Звездан го потфати столчето и го поткладе под нозете за да се одмори малку. Некој од комшиите имаше заклано прасе и се пржеше тава надвор, изгледа мевце со џигерчина и суви пеперки. Во времето кога се колеше прасе децата ги мацнуваја со крв на челото да не се плашат од стоката. Најпрво касапот ќе ги промавтеше ножевите низ точалникот и го земаше најдолгиот нож или анџар. Прасе секогаш треба да го дупниш во душникот за да го заколиш и за тоа е потребен подолг нож, додека теле се мава одназад во малиот мозок со марифет. За овца и за јаре е најлесно само ќе го земиш ножот и ќе му поминиш преку вратот.
Прасината се најтерсене за колење и многумина преферираат да ги пукаат со чифте ако е некој поголем крмнак. Најдобро прасе е од 80-120 кила жива мера и да се избегнува рането со репка зошто мириса месото.

Звездан ја фрли цигарата во пепељара и си тури една чашка од ракијата, техничарот си ги забришуваше рацете од пантоломите од водата и малку си ја направи косата на огледалото се со цел да си ги исуши рацете од мочањето и да не ја фаќа миксетата со влажни раце.
Почна најавната шпица за Радио Совети и продолжи со летниот тин хит од ОфСпринг Кип ат Сепарејтед и уводот од Звездан за вечерашнава емисија.

Телефонот зазвони и Звездан се присети на минатонеделниот повик од Смртта и му затрепери гласот

З. Добра вечер кого имаме до телефон
Случателката - До телефон е анонимна слушателка и сакам да ве поздравам сите во студиото и сите слушатели кој утре треба да нижат тутун.
З. Поздрав и од нас до сите тутунари и до тебе, како можеме да ти помогнеме или пак ти дали имаш некој совет.
Ан. - Малку ми е незгодно ама ќе кажам, некни гледавме со другарките еден филм од оние за воздрасни и ги измеривме алатите на актерите на филмот, на едниот му беше 21,3 сантиметри, додека на другиот му беше 23,5. Потоа со ленијарот меревме од кај дупката и напишавме белешка и математиката излезе дека ако алатот влезе цел тогаш скоро до стомакот и цревата ќе влезе тоа чудо и јас едноставно мислам дека ќе сум мртва. Моментално имам дечко и сакам да му речем да пробаме ама многу ми е страв да не умрам. Ќе ве замолам за совет вас или вашите слушатели.
З. Анонимна ретко кога алатот на обичниот дечко е голем како на тие филмови и запамети алатот секогаш изгледа поголем ако камерата е зумирана или ако го сликаш одблиску па така нема потреба од никаков страв ако сте спремни и двајцата за тоа. Поздрав
Ан. - Фала многу за одговорот поздрав и до вас, ќе пробаме најверојатно другата недела со мојот дечко иако чуствувам голем страв.

(Морган Фримен актерот како наратор во продолжение)

Кога предокот на Хомосапиенсот слегол од саваната во потрага на храна се движел на сите четири нозе како и останатите примати кој живееле во џунглата. Потребата да избега од многубројните предатори и потребата да најде храна која често се најдувала на дрвјата направиле да тој се исправа и да стане бицоклопед како што е моментално. Сексот на хомосапиенсот бил идентичен како и останатите животни без никаква романтика и ружи, женката и мажјакот давале сигнали со феромени дека се спремни за парење и сексот бил во доги-стајл зошто на таков начин мажјакот можел да ја оплоди женката на најдобар начин и да остави најмногу семена течност во неа. Локацијата на вагината била како и кај останатите примати како и пенисот бил некаде во просек од 6-10 см сосема доволно голем да ја оплоди женката. Со исфрлувањето од непотребните влакна кога хомосапиенсот доаѓа во некој степен на развој и губењето на феремоните од кој сега како сувенир имаме само шумички кој многу момички ги бричат исто така и дечки како Боки 13 и Бекам сексот веќе не станува само егзистенцијална потреба за продолжување на видот туку и задоволсотво на хомосапиенсот. Веќе исправен хомосапиенсот заклучува мисионерската поза е исто така употреблива за него и веќе ја користи на големо. Со пениси од 6-10 см во еректирана состојба тешко можело да оди оплодувањето и одбранбениот еволуционен механизам на машкиот потомок одлучува да ги екстендира овие аномалии на пенисите. Затоа сега човекот има најголем пенис од сите примати.
Како божја казна зошто веруваат во Буда ,Бог одлучува Јапонците да останат на истото ниво со останатите примати и да нивните пениси останат на истата димензија.

Природата е нешто фантастично кое човечкиот ум не е во состојба да сфати (завршен цитат од Морган Фримен)



продолжува.................
 
Ѕвезда

... секогаш, секогаш... секогаш сакаше да ги гледа ѕвездите. Го обожаваше темното летно небо исполнето со ѕвезди и летното ветре кое и ја ежеше кожата и и' ја бушавеше косата. За миг само ќе ги затвореше очите и се наоѓаше во некој свој свет, далеку од се, далеку од секојдневниот хаос и лудило, далеку од негативната енергија и намуртените лица. И кога полека, сосема полека ќе ги отвореше тие ситни кафени очи, ќе го погледнеше повторно тоа прекрасно ѕвездено небо. Некогаш небото изгледаше како да е преплавено со милион светилки, кои само мирно блескаат и пловат по небото. Ах, тие летни ноќи...тие осамени, но прекрасни летни ноќи. Никогаш немаше со кого да заспие под ѕвезденото небо, немаше кој да ја гушне кога ветерот ќе ја преплиеше со свеж воздух. Секогаш сама ги поминуваше тие прекрасни ноќи, секогаш сама ја дочекуваше зората и немаше со кого да ја сподели таа убавина. Немаше со кого да молчи, а да се чувствува како да кажува се... немаше очи во кои ќе имаше сјај и во кои ќе го гледаше својот одраз и одразот на ѕвездите.
И се уште нема. И можеби уште долго време нема да има.
Но... има едно нешто. Нешто кој никој не може да и го одземе. Има надеж. Надеж дека еден ден, макар само на еден ден, ќе ја дофати најубавата и најпрекрасната ѕвезда. Ќе ја дофати ѕвездата за која од малечка сонува да ја дофати и почувствува. Надеж дека сепак таа ѕвезда не е толку далечна, дека таа ѕвезда ќе биде нејзин сопатник и сведок на една прекрасна летна ноќ, каква што посакува.
И да, таа ѕвезда има свое име. Можеби повеќето од вас не ја познаваат како ѕвезда, напротив, би ја поврзале со се освен со ѕвезда...
Таа ѕвезда многумина ја дофатиле, ја допреле и почувствувале... таа ѕвезда моментално е многу далечна за неа...

... а нејзиното име е ЉУБОВ.
 
Засвети, те молам...
Појави се повторно на сводот зашто немам веќе сила да го држам вратот нагоре, не сум веќе четири годишник кој уште од десет часот пред полноќ го чека Дедо Мраз пред прагот гледајќи скришум и кон оџакот на соседите. Овие триста години како замина веќе не знам што повеќе да направам да создадам насмевка на мојот лик. Удостоиме, задоволи ме, види колку малку ми треба, биди принцеза на мојот разигран ум, бакни ги моите мисли и ветувам дека ќе ги претворам од кутри жабји во вистински принцови идеи за освојување на светот. Замисли само, ти ќе засветиш на запад а јас лојлално ќе ја послушам твојата заповед, немилосрдно ќе го поведам маршот, војсководец каков што навистина сум, уништувајќи ги оние мали ништожни и навидум безопасни животинчиња по патот, зашто од никој денес не можеш да бидеш сигурен.
Всушност, да си малечко девојче во кондурчиња со панделка и лелеаво розево фустанче, ќе се качам на скалите од дедо ми дури до небото и ќе ти симнам ѕвезда но, што кога ти и сама си ѕвезда а јас никако да сфатам како да одиграм за мојата ѕвезда да биде среќна?

Одам по дрвената ограда како мачор, нога пред нога, одржувајќи рамнотежа со рацете и навалувајќи се де лево де десно, се трудам да го најдам решението на оваа првооделенска загатка пуштајќи го срцето да патува далеку а разумот го оставам под тарабите кои водат во подрумот. Можеби тоа е решенито, можеби ти би била најсреќна кога би добила една од теглите џем на баба а верувај ми, нема ништо повкусно од тоа на овој мој прекрасен свет, дури ни оваа полноќна сцена создадена од стариот фенер закачен над берберницата кој прави сенката на касапскиот пес да изгледа како тигарот милениче на стариот арапски цар.
Ќе ја прашам баба, ако таа ми дозволи да ти подарам тегла, тогаш би можеле заедно да седиме на големата карпа крај реката а нозете ќе ни се брчкаат до водата. Додека ни се направат брчки на петите веќе ќе бидеме гушнати и размачкани околу усните со џем. Потоа ќе влеземе цели во вирот а твојата коса ќе плови по површината додека ме прскаш во стил на безмилосен атентатор, јас ќе глумам поразен, ќе дојдам до тебе во мир и ќе ти ги фатам рацете, ќе ги ставам на твојот грб држејќи ги со едната а со другата ќе те прилепам за себе. Потоа следува пресвртот. Ќе се навалам наназад и комплетно ќе те потопам со што ќе означам крај на битката, неколку штурчиња ќе се огласат во стил на гонг а рингот ќе го напуштам полутриумфално трчајќи брзо по ситните камчиња и низ ниската трева не давајќи ти шанса да ме дофатиш и да се одмаздиш. Во тревата ќе проверам кој е повкусен, џемот или твојот влажен сјајен врат.

Врати се ѕвездо на мојот свод, овој кров е готов да се сруши без твојот сјај...
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom