Утро веќе беше, а јас како по обичај се уште не спиев, седев и работев нешто на компјутер. Затемнета и зачадена соба, расфрлени предмети насекаде, нешто што не било вообичаено за мене, но сепак таков период, во кој што долго време бев западнат. Чудно, ми текна да излезам на тераса, по подолго време тоа беше сончево утро. Кафенцето спремно, среќен бев што после долго време видов сонце. Предходно деновите ги преспивав, живеев само во ноќите. Тоа утро видов повеќе луѓе, отколку во целиот изминат месец. Кој одеше на пазарење, кој го средуваше дворот, кој се спремаше за на работа...
Она што остави длабоки траги во мене, длабоки промени за она како го живеам мојот живот, беа моите алишта кои беа оставени на сушење на терасата. Сите беа црни. Идентично одговараа со периодот во кој што минував, депресиве, црн, меланхоничен. Без ниту една причина, се наоѓав во таа ситуација. Понекогаш самите заглавуваме во ќорсокак, без да знаеме за тоа, без да знаеме каде не води тој пат и без да знаеме каде сакаме да одиме воопшто.
Ги собрав црните алишта што дотогаш ги носев и ги затворив во еден плакар за никогаш повеќе да не ги облечам. Слична работа која ја забележав беше музиката која што до тогаш ја имав на мојот компјутер. Само некоја депресивна, бед музика.
Ми светна една мисла во главата, дека светот е таков каков што ние го замислуваме, а не каков што го гледаме. Не секогаш можеме да го видиме, она што го гледаме. Ако до ден пред тоа, го окривував цел свет дека е против мене, дека местото каде живеам не чини за мене, дека луѓето кои се покрај мене шират негативна енергија, тој ден сватив дека не е така, така јас ги разбирам тие работи. Дека колку и да е лошо, не може да влијае на мене, ако јас немам негативни мисли и негативна енергија. Всушност, енергијата, онаа негативната, излегувала од дното на мојата душа, без јас да приметам. Јас сум бил онај кој што ширел негативна енергија врз останатите, онај кој што правел лоши работи, а за целото тоа време сум ги окривувал другите. Како да тапкав во место, ништо ново не ми се случуваше, или ништо од она што јас посакував. Се остануваше исто, сами брчките на моето лице се зголемуваа, задлабуваа.
За воља на вистината, тоа беше прв и единствен период од мојот живот, кога сум имал такви размислувања, сваќања за животот. Нешто непознато за мене, со кое што дотогаш не сум се сретнал и нешто со кое што подолго време не можев да се носам и справам со истото. Лошо е кога она во кое цврсто веруваш, се испостави дека не е така и се урива врз тебе како кула од карти. Се она што дотогаш си градел, сега веќе го нема. Останува само правот, присутен во голема количина, кој ако не знаеш како да го раздуваш, може многу лесно да те задуши и сеуште да не го видиш она што треба да го видиш, она што е реалното. Она што јас не го видов, дека покрај мене има луѓе кои што ме сакаат и ценат, кои што живеат, работат, за мене, за јас да имам подобра иднина.
Мило ми е што сега, барем така мислам, го разнесе ветрот сиот тој прав, кој што ги препречуваше моите видици, што ги гледам работите објективно, непристрасно. Мило ми е што тој тежок период помина, што повторно ми се вратија позитивните мисли и енергии, ентузијазмот, кој што дотогаш беше една од најкарактерните мои особини, мило ми е што ја повратив самодовербата, дека секој одлучува за самиот себе.
На крајот, се минува, се` се менува. Период во период, нов ден, нови работи. Самите тие периоди оставаат нови траги и делумно ги затскриваат старите траги во нас, оставаат нови лузни, брчки, кои што секогаш ќе ги носиме во нас, но секогаш ќе можеме да ги промениме, затоа што Panta Rei!