Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
толку мило , толку мачно ... прави градации во мене . ту ме крева како од 100 милилитри вотка , ту ме спушта како шок или шток ...

блузот во мене .. ех ако можев да го импровизирам и ако умеев бар да си „направам“ разговор со некој инструмент .. ќе можев да ви покажам и да ви пренесам на сите вас . можеби затоа е толку мил и прекрасен оти го чуваме за себе - иде од нас , не следи , а во дадениот миг е можеби едниственото нешто што ни покажува една малечка светлина во целиот мрак .
 
...испишано со чист наплив на текст кој мора да биде преточен во букви, текст од длабочините, текст инспириран од она кое тлее и она кое константно ме измачува и прави да се чуствувам како Тантал, и не ми дава да дишам...

место вовед за Блуз во мене:

My heart is always blue
Lovin' you, my baby
My heart is always blue
Cause your memory drives me crazy.

не` не е ни кантри а не е ни за блузот во тебе, во сите нас, едноставно е тука поради целата меланхонија која ја содржи во него овој текст и самата песна, која доволно а богами е и повеќе од доволно инспиративна да проработи оној блуз, оној "петел" кој со своето кукуригање длабоко во душава разорува и потсеќа на минатото, навраќа на спомените, на една младост, минато - неповрат.

Трепери телото, трепери душата и умот под напливот на блуз мелодијата која болно се извива, како лебедова песна, но не е последна, се повторува до недоглед и повторно и повторно, да не потсети на тоа што поминало, да не удри силно по глава со грешките кои сме ги направиле, да ни покаже дека можело и поинаку, дека можело и подобро. Хм... тажни се оние блуз автори и пејачи кои минале низ нашава штура човекова историја, тажен е нивниот глас затоа што еднаш биле среќни, ја пронашле својата вистинска среќа и го дишеле целиот живот онака со полни дробови достојно како што прилега на нормално човечко суштество кое со доза среќа ја одбегнало судбината да се роди во некое од бога заборавено место на оваа планета каде што никој ништо друго незнае освем самодеструкција, тажен им е гласот затоа што нивната среќа завршила, прерано овенала и останале сами тука, како вечни потсетници на она што сите некогаш ќе не снајде, како чист показател на основното правило на природата дека ништо не е вечно и никој не е вечен на овој свет... и повторно блуз, повторно мелодија од која срцето само плаче...
 
Секоја есенска мугра ми почнува со мисла која не можам да ја сфатам најдобро. Конфузна рибина мисла која исчезнува чекор ипол откако ќе се појави, и сета среќа што на памет го знам патот до бањата и по навика знам каде почнуваат а каде завршуваат скалите па не кршам по некоја коска во тоа утринско бунило. Додека туш кабината ми е претворена во предавник, ми личи на џандарски тастер во гетоизирано скопско маало бидејќи никогаш не можам да сфатам од каде продира тенок млаз на ладен воздух, никако да се сконцентрирам на било што друго освен црногорската потреба да седне човек и да одмори од долгото спиење. Но не сум во када, па маката ми продолжува без некоја сериозна и конструктивна мисла.
Некаде помеѓу облекувањето чорапи со ликот на Хомер и маичката која вели Keep it real, ми се буди умот за оние стандардни нешта, нашата економска криза, лудилото на блискиот исток, озонот, гладот во Африка но на патот до работа се` си доаѓа на свое место покрај буцкастата девојка покрај “Треска“ со бели слушалки на уши, работниците кои чекаат карши “Алумина“ превоз, и двете средношколки на нашата улица кои не пропуштаат да проверат дали сум ги забележал. Мирно утро во нашето маало додека брадестиот кабулчанец ги поврзува жиците смирено.

Подоцна, градинката ќе се разџагори. Служителката смирено ќе им објасни на дечињата дека тие се другарчиња и треба да се сакаат, па ќе се задлабочи повторно во толку битните тривијалности на комшиското лицемерие/злоба/себичност/наивност/неукост/преукост/досадност/посебност/претесност/одвеаност во време и простор по тој и уште илјада и еден начин кој можеме јас и ти да го мислиме со години и пак да не го измислиме, и денот речиси ќе помине. Клуч на железната капија од зоната на самракот, и тогаш започнува се`.
Ветрот ситно продира помеѓу џебот и ракавот и ме потсетува на утринскиот злобен доушник од туш. Туширањето ме потсетува на мирисот на шампонот кој магично ме води до неа, таа го обожува тој мирис.
Проклети мисли, како се тие поважни од суровоста на Индија, од теророт во Непал... хех, Водно од мојата десна страна, се прашувам колку ли е малечок во споредба со Химелаите. Се надевам дека некогаш ќе ги посетам, она сировото човечко, само ранец со основните потрепштини, таа до мене и ништо друго не е важно. О Боже, не пак таа...
Со сила се обидувам да се фокусирам, концентрирам, еве го Скопје од левата страна, колку е убав од височина, светлата на возилата даваат привид на жуборлива река која брзо тече низ камењата, таму подолу, вир, сите светла стојат и чекаат струјата да ги помести. Во становите на зградата број 4 веднаш под нас веќе се запалени светилките, а вредниот работник се опуштил крај телевизорот. Се прашувам кој ли филм го гледа, можеби е некоја романтична комедија, од оние кои јас никогаш не ги сакав, а во кои таа комплетно ужива. Ќе и се смени ли некогаш вкусот за уметност, ќе се поклопи ли некогаш со мојот... Ах, пак јас и моите разиграни мисли...

Додека седам во “пееседмица“ и неизбежно ја гушкам торбицата на мојата некогашна среќа и надежна иднина, како плач на саемски загубени две братчиња и сестричка го чувствувам моето постоење во моментот. Врескаат беспотребно само затоа што се преплашени до смрт од немањето виновник за нивниот лош избор на чекори и невнимавање кој каде застанал да разгледа. Прават смешни и нервозни гримаси околните купувачи заради нивната бука, и веројатно со право, секоја планина своја тежина, нели?

Секоја планина своја тежина... Кога само би знаел да го отсвирам блузов од мене...
 
Се шеташе сам како волк низ градот, додека есенскиот дожд ги поплавуваше улиците. Проклетство, пак е сам, сам со твојот саксофон. Каде да оди сега.
Додека се шеткаше, слушна познат звук од некоја соба.
Даааа, тоа беше тоа. Го препозна звукот.
Влезе во полуосветлена просторија и за момент се вклопи во добриот стар звук.
Дааа, музиката почна да го гали насекаде. Ја чувствуваше во порите, навлезена длабоко во душата.
Таа е мојата фантазија, мојата невеста и љубовница...
Додека го далеше инструментот со прстите, се обидуваше да ги погоди нотите... музиката се лееше како река кон него.
Заборави на самотијата, поради неа. Му се вовлече длабоко под кожата и го водеше низ пространствата...
Дождот попрестана, сега тивко лиеше низ олуците. Звукот што го создаваше беше како придружен звук на убавата мелодија.
Даааа, ова е мојот блуз, со насмевка и потшепнуваше на девојката во ќошот која во рацете држеше цигара. Убава беше, додуше, облечена во црвено.
Ха, тој такви ги сакаше, лесно заводливи од ритамот на блузот.
А таа беше веќе заведена.
Дааа, знам дека го слушаш, продолжи тој, тоа е блузот во тебе, во мене, во нас...
 
Се сеќавам на едно време кога наводно можев да го вадам блузот од мене.Ха, ха, ха, ха ...
Деструктивноста не умира ни кога сите пори посакуваат промена, зарем не се сите малечки наши примитивни мисли толку небитни, зарем не се кршат под секоја нишка на благ мазохизам кој што барем мене ми е омилен опиум.Тогаш девојчето карши улицата, со плавите прцлиња си игра криенка со твоите скриени еротски сонови кои што дури и да сакаш не знаеш како да ги извадиш на површината.
Блузот што ми тече како никотин низ крвта ме крева од столицата и болеста во белите дробови ми е мила и слатка како чума што хара низ стара Венеција.Се сеќавам на сите бакнежи потрошени на полето полно со толку многу трупови кои што љубовниците не сакаат и не можат да ги видат зошто се презафатени со размената на плунката која што со себе ги носи вирусите на болеста, кодирана во системот на ироничната градба на минатоста.
Сите фрази на излишноста ја хранат лудоста што оние кои сакаат да се дружат со разумната луцидност ја нарекуваат блуз музика.
 
Пцуеше како исфрустриран таксист чиј таксиметар врти додека тој не мрда од долгата загушлива колона.Ја загуби свежината на ликот, кој ја хранеше само за овој момент кој го голтна кујзнае каква временска машина.
Па, се најде сам под улична светилка со прилично елегантен костум, пристојна фризура, ментол бонбони в џеб, светнати чевли заковани за асфалтот кои чекаа придружба за да го дадат првиот чекор, белите влакна строго покриени. Имаше непобеден страв од времетраењето на работите, дека ќе биде прегазен пред да го воочи часовникот и да сфати дека време е да го оживи своето тело и дух.Токму поради тоа, секој превземен акт беше како да почне да чита книга од самиот крај поради стравот да не го загуби залудно времето на невредни детали и лоша сторија...

“Градот е нем
на моите прашања,
градот е нем
на моите повици.
Погледни го
моето бледо лице,
насмевот мој
поладен од мраз…”

Каде со ваква слика за тебе, патнику?...нејзиното височество не се појави, оваа не е твојата ноќ.Твоите ноќи беа со кошница круши, придушено светло, радио и раширени мистични звуци од блуз колекцијата, во ателје каде што и припаѓаш, голи гради и стари панталони со траги од четки со топли бои, небричен, со жилави машки раце, со префинети сексипилни потези низ платното.....Се чувствуваш ли уште во себе?
Што можеш уште, ајде, упати се по улицата кон дома, разбушави ја косата, соблечи го сакото.Не гледаш?Неа ја нема...Јас сум твојата подсвест, биди ти еднаш послушно прваче, гушни ја мојата намера и оддалечи се од оваа место кое те бие до смрт.
Подолу со погледот долови отворена врата од стариот втор блуз дом.Се најде на шанкот, со малку муабет ги преполни своите плуќи, ги мазеше своите уши со звуци од живата свирка, еден цигар меѓу прстите - твоите усни беа уште жедни.
Јас бев во твоите мисли, ти беше јас, го правеше изговореното, го смири својот револт, а одбратно пропорционално ја разгори старата страст со мелодијата која те покрива и се навлече на помислата за неа.Се истроши, овој месец ќе го минеш само со чајна и леб.Те удри оваа меланхолична вечер и по џеб и по твојата одаја со емоции за неа.
А ти веќе беше дома, со последните сили обесен на гитарата и свиреше како мрзлив почетник, почна жица по жица, се хранеше со A dur, набргу трзењето ја одстрани 1вата жица.Ти само гледаше, и гледаше, и гледаше....
Само јас, твојата подсвест те сакав и те згрижив во моментот, ти ги соблеков чевлите, те покрив со карирано ќебе, го вклучив радиото....пак.Блузот во тебе(мене), вечерва кризираше, не докрајчи, но сакаме уште....Не плаши се, појачи, утре ќе е подобро....
Апстиненцијата беше при крај, мажуле со солзи ја обележа оваа мокра ноќ.
 
Блузот во мене, вечерва...

Го земав куферот, ми се чинеше како да е премногу тежок како во него да е собрана сета тага и сета болка што ја доживеав сите овие денови. Бев толку исцрпен што не успеав да го подигнам и да заминам. Погледнав низ прозорецот надвор беше сиво и како полека се стемнуваше така сивилото преминуваше во црнило. Луѓето се движеа полека и имав чувство дека сите се погодени од мојата болка. Морници ми лазеа постојано по телото живеав со чувство кое не можев самиот да го разберам, лебдев со мисли кои не можев да ги препознаам и сето тоа не наликуваше на мене. Болката беше поголема од се, поголема од мојот дух и од моето тело.

Како денот надвор се претвараше во ноќ, така ужасното чувство се повеќе ме обземаше. Собата во која се лежев беше полна со честитички од бес и неверување за она што се случува.

Часовникот означи 19 часот, тоа значеше дека дојде моментот. Дојде времето кога засекогаш треба да го напуштам тоа место и мигот во кој срцето ја сликаше последната слика која засекогаш ќе ја запаметам од тоа мало градче во кое бев израснат. Со неверување за тоа што се случува, со голема болка и разочараност смогнав сили го кренав големиот куфер земав силно воздух кој дополнително ми го разора срцето и тргнав.

Како чекорев кон железничката станица така ми доаѓа лоши мисли бев речиси сигурен дека одам во место во кое ќе бидам сам и изгубен, убиен од болка и тага. Како што се нижеа мислите, така се одбројуваа минитуте. Се качив во возот, неговата сирена значеше крај на еден дел од мојата приказна во која бев среќен и весел. Гледајќо во темнината преку прозорецот сфаќав дека ставам една линија во животот која вечно ќе разграничува среќа со тага и болка, радост со разочараност, љубов со самотија....

Занесен во темнината во која не се гледаше ништо, обземен од црните мисли, пропаднат во длабока тишина слушнав една мелодија која не ми беше позната но делуваше многу позитивно. Тоа беше песната што доаѓаше од слушалките на патникот што седеше до мене. Толку беше занесен во она што слушаше чиниш прави детална анализа на секој звук на секој тон. Се обидов да „украдам„ дел од звукот и да пробам да уживам во неговата убавина. Тоа беше извонреден блуз каков што немам слушнато. Пробав да уживам во него и успеав. Навистина чудно, но тој блуз во мене ги разбуди повторно оптимистичките мисли. Патникот до мене ми кажа дека тоа било музика со која живеел градот во кој патувам. Ми кажа дека така луѓето живееле посреќно и порелаксирано. Анализирајќи го блузот, сфативме дека одиме на исто место, дека во суштина сакаме иста музика и токму тоа е музиката со која живее народот кој ќе биде околу нас.

Продолживме да слушаме блуз, ми вети дека ќе ме натера да го сакам градот кој за мене ќе биде нов. Во тој момент заборавив на се, повторно не знаев што ми се случува, но овој пат од среќа и радост. Ја снема линија која ја замислував претходно, куферот сега е полесен и полн со среќа. Јас полн со радост и секако со убав блуз во мене.
 
Вечерва не сум сама. Не. Не сум сама, ама сум осамена. Покрај толку луѓе околу мене јас сепак не можам да најдам некој што може да го острани студенилото и тагата што се закотвиле во моето срце. Нема никој, нема никој сличен на тебе. Никој не може да зборува како што зборуваш ти, да ги состави зборовите на еден посебен начини и да ги пренесе, да допрат до мене и да предизвикаат воздишка со насмев. Па заминувам, не можам да седам веќе таму, сакам што побрзо да избегам и да сонувам сакала или не. Само така ќе го снема овој глад, само така ќе ја нахранам душата. А тоа ќе ме држи сита долго време, се додека не дојдеш пак....тука....
Вечерва, на креветот ги затворам очите...посакувам да сум таму, до тебе, сонот да стане реалност, да живеам за уште еден твој збор....
Свири музика, Gary Moore како да сака да ме дотолчи со I still got blues for you.
Буди спомени...спомени на едно време што нема да се врати, и надеж дека ќе биде подобро. Да, ќе биде подобро, а јас сеуште го барам изгубеното време. Не. Марсел Пруст не ми е ништо. Онака, си барам, ко по обичај
Утре ме чека нов ден, ново сонце ќе изгрее од исток и ќе пушти зраци во малава затемнета соба. Како да сака да ми каже: `Стани, ајде, разбуди се, можеби денеска ќе се случи чудо.`
Животот е непредвидлив, не знаеш што ќе ти се случи, си мислам во себе. И потоа веднаш ќе надојде другата мисла што ја отсликува реалноста што јас толку упорно ја негирам: Ма што знаеш ти од животот непроживеано суштество што само јаде, спие, троши пари и чека дожд од среќа?
 
Вечерта само што почна, а јас онака депресивна, тажна...Никој не ме дружи. Никој нема дома...Дали се навистина отсутни или ме оставаат, незнам. Јас сум сепак решена да излезам. Чекај, дали се тоа капки на прозорецот?-''Ах супер само уште ова ми требаше!'' Викнав силно мислејќи дека некој за инает ми го прави ова. Но немаше никој. Бев само јас, и тоа беше причината зошто јас сум нервозна и депресивна. Јас бев решена-''Вечерва одам негде, ако никој барем една чашка пијалок ќе ми прави друштво.''
Го облеков црниот капут, го земав чадорот и тргнав по улицата да седнам во некое кафуле. Однекаде слушнав мирна, лесна музика, малку нејасна. Како се приближував, музиката беше се поубава и појасна. Се ширеше од едно кафуле коешто за гости имаше еден блуз бенд.''Тука припаѓам вечерва.''-си реков.

Влегувајќи низ вратата ме облеа несекојдневно чувство. Кој би одолеал на прекрасните песни од Џони Кеш? Слушајќи ја тажната музика ме наведе да мислам на многу работи: љубов, пријатели, семејство, живот. А со секој следен стих мене очите ми се полнеа со солзи. Таа музика, блузот, како да ги опејува моите чувства, како да ја опејува мојата состојба. Како да ја опејува тагата...
Каде ли е мојата вистинска љубов, каде да ја најдам? Каде ли се моите вистински пријатели? Зошто кога највеќе ми требаат ги нема? Зошто ли моето семејство покрај се не е задоволно со моите дела? Зошто ли животот е суров?

Се занесов и заборавив на времето. Ја платив сметката и излегов. Надвор веќе престанало да врне. Кога влегов во станот се чувствував поинаку. Уморна бев и си легнав што побрзо. Само што легнав заспав. Го сонував оној звук.Доаѓаше од еден црнец, кој прекрасно свиреше на својата гитара. Бевме само јас и тој на еден подиум. Немаше публика, бев само јас. Наеднаш се насмевна и престана со свирењето.
Престанав да сонувам. Беше сабота и ме чекаше многу работа. Кога се рассонив, тргнав да ги тргнам завесите од прозорецот. Гледката беше прекрасна. Чувството беше неверојатно. Грееше силно сонце. Грееше нова надеж.
 
7328_1228211058249_1018231048_718713_3106561_n.jpg

„Морам да одам да се шишам“ - помисли тој излегувајќи од високата зграда кога ветерот му го попречуваше видот со сопствената коса. Високата зграда беше неговото работно место веќе четири години . Четири години минати на четириесет и вториот спрат а единственото нешто од кое што му беше страв беа височините. Работеше во канцаларијата веднаш до стаклените прозорци кој всушност беа ѕидови и честопати паничеше дека ако се наведне наназад ќе падне од зградата.
Чудно , никогаш не се пожали на својот шеф дека има страв од височини и не побара друго место иако знаеше дека доколку побара ќе го добие. Секогаш го добива тоа што го сака , меѓутоа не поради тоа што е вообразен , не поради тоа што е дрзок . Го добива тоа што го сака поради тоа што го посветува секој дел од себе на тоа едно парче кое го посакува. Можеби тоа е неговата најголема грешка , затоа сеуште нема сериозна врска .
Небото беше темно сива и својата тажна боја ја одсликуваше во расположението на луѓето.
Првата капка капна откога тој седна во својот сив автомобил. Чудно , се беше сиво денес.
Капките на стаклото ужасно го нервираа меѓутоа немаше начин тој да го сопре дождот па мораше да се помири со нив. После пола часовно возење по долгите и полни улици на големиот град тој пристигна до фризерскиот салон кој го посетуваше веќе 5 години .
Дури и стана пријател со неговиот фризер , често се случуваше заедно да одат во некој бар .
Овој пат фризерот не беше тука , мораше неговата асистентка да го замени бидејќи зел боледување.
Направи учтив разговор и со неа , косата му ја обликуваше во досега за него препознатливиот облик и си замина . Незнаеше каде да оди па откога седна во колата го пројде именикот на мобилниот телефон.
„Деа“ шепна тој и напиша порака чија содржина беше „ Пивото и кикириките чекаат на нас. Soul Pub во 18 часот? “
Не чекаше таа да му врати на пораката и започна да вози кон пабот.
Неколку минути откога ја запали колата му пристигна порака на мобилниот која гласеше „Секако , јас частам на твоја сметка“ . Ја прочита и се насмевна .

Стигна во пабот 10 минути порано отколку што требаше , меѓутоа таа веќе беше таму , седната на маса со две големи кригли пиво и кикирики.Во раката имаше евтина цигара која се чини го создаваше целиот чат во пабот. Тој седна и ја потпре раката на масата земајќи ја сметката која таа му ја даваше насмевната. Тој го извади новчаникот и ги остави парите за пивата на маса.
-„Туборг?“ праша кревајќи ја едната веѓа.
-„Хајнекен , зар не научи досега дека по чашата не се познава пивото?“ рече таа зајадливо.
-„А ти веруваш дека те послужиле со Хајнекен ? “ реплицираше брзо.
-„И вода да е нема да го смени фактот дека келнерот ми плукнал во него , мислам дека му се допаѓам“
-„Навистина? Затоа ли како мала плукаше по мене ?“ кревајќи го погледот заводнички.
-„Не сум јас толку плитка , плукав бидеќи имаше грдо палто“ рече таа недвоумејќи се ни за секунда . Чудно исцениран разговор кој продолжи да се одвива во твој правец.

Тажен ден , во позадината се слушаше блуз музика , а и двајцата беа насмевнати. И двајцата знаеа да уживаат во добрите артисти и да ја ценат вистинската уметност .
Не беа најдобри другари залудно . Гасејќи ја нејзината трета цигара откога тој започна да и ги брои музиката заврши.
-„Те сакам ли?“ праша таа .
-„Се сомневам дека постои човек кој би ме сакал мене“ одговори тој скоро тажно .
-„А како би те сакал кога си вообразено детиште? Туку сакав да те прашам , дали можеш да ми го позајмиш автомобилот ? Треба да одам до кај мајка ми во болница , ќе се вратам за 2 дена ?“.
-„Па незнам , толку си патетична ли па од мене бараш автомобил ?“ праша тој.
-„Фала, знаев дека ќе ми го дадеш. “ рече таа земајќи ги клучевите од масата.
-„Сообраќајната е во фиоката пред совозачкото седиште“ рече тој тивко и воздивна .
-„Те знам до толку , не се секирај. Сакаш да те одвезам до дома ? “
-„Или тоа или дај ми пари за такси , ме истроши со пивава. “
-„Знаеш која ми е адресата?“
-„Што ќе ми е твоја адреса?“
-„Па јас зборував за моето дома , не твоето.“
-„Ау што си перверзна.“
-„Ти си пријателе жив пример дека надежта последна умира.“
Разговараа тие излегувајќи од пабот .
Таа влезе во колата и го отвори прозорот велејќи му „Ајде , што чекаш?“
Тој влезе во колата и пред да ја затвори вратата притисна "Play" на радиото.
На радиото се вртеа песни кој и двајцата ги знаеа и ги пееа на глас додека поројниот дожд полека удираше на стаклото пред нив.
Таа нагло закочи во еден тесен сокак и ја крена рачната.
„Тука живеам.Влегуваш ?“
„Сакала или нејќела.Ама чекам да ме превезеш сабајлето“
„На прави планови пред време , можеби нема да станеме изутрина.“ рече таа.
Чекореа по скалите нагоре и таа ја отвори вратата од нејзиниот стан. Влегоа.
 
Сите ве чека, и нема да има каде да се скриете. Уште пред да легнете некој метар под тлото, тој ќе биде готов... Страшниот суд
 
Растревожени луѓе, голи и полуоблечени избезумено трчаа по улиците. Од небото се слушнаа звуци на труби и се разлетаа ангели, како мушички кои претходно биле затворени во тегла.

Насекаде беше пискот.

Бива вака? to be continued
 
Страшниот суд

Решиле да си играат богови и формирале страшен суд. Помислија дека ќе ме седнат на обвителна клупа и ќе ме судат. СТРАШНИ СУДИИ... Или нема да бидат, барем не во моите очи,не им се плашам....
Застанав пред нив со исправена глава, дрско гледајќи ги право во очи.. Безизразни ликови, сериозно убедени дека поседуваат посебна моќ.. Што се тие ? Обични смртници од крв и месо... Се насмевнувам и се сеќавам на Микеланџело и неговата неповторлива слика "Страшниот суд". Mоето постојано обидување да ја сфатам големината, моќта и прогресивната идеја на самата црква. Божјиот суд кој многумина ги плаши на нивниот суден ден. На кантарот на големиот и страшен суд, секој еден живот ќе се брои како живот.
Мнозинството овде, во овој земски живот не верува во извесноста на правдата, тие веруваат само во срамот и страшниот суд на јавноста. Поради нивната слабост и немоќ се напрегаат да достигнат големи идеали, колку иронично, затоа може и постојат илјадници промашени животи. И од таму нивната желба да си играат Богови..
Судат иако никогаш не биле судени. На едно место собрани обвинители и судии кои се обидуваат да ја изнесат правдата и да ја делат.... Секојдневно ме наоѓаат.. или можеби јас ги наоѓам...Забележувам дека на прашањата на коишто ќе треба да биде одговорено пред страшниот суд воопшто не се однесуваат на црквата и верата, туку на конкретните лични дела. Можеби некогаш ќе се најде некој кој со своите лични дела ќе ги покрие сопствените гревови и тогаш можеби и мојата насмевка ќе исчезне од моето лице... До тогаш нема да постои поголем и пострашен суд од сопствениот... Кога сам на себе ќе си пресудиш...
 
Никогаш не сакам да губам, не сакав ни во шах кога веќе стана премногу голем противник предвидувајќи ги моите потези јас се откажав од шахот. Секогаш на неговата понуда да играме шах јас одбивав.....
Шахот не е животот тоа е обична игра со дрвени фигури и потези кои можат да се предвидат ништо повеќе, ограничена равенка со премалку непознати. Добар беше во шах само лошо му оди во животот.....
А пак јас претставувајќи се себеси преку воинот во мене како друга личност но сепак дел од мене, секогаш се обидувам да го достигнам тој максимум, колку и да изгледаше неговата Донкихотовска битка невозможна остана до крај неприкосновен како дел од мене. Не сум ни упола од тоа што тој го имаше представувано како личност и дел од мене, нема нервоза нема трема во желудникот секогаш силен и смирен до крај без каење и без поново одценување на своите постапки. Сето внимание е во него како дел од мене и се очекува решение за сите проблеми. Моите сомнежи во себе се непознаница за него како дел од мене. Страшниот суд за него не е страшен затоа што не знае што е тоа страв како дел од мене, додека пак се случува и најмала ситница моја да излези глупаво осудена од самиот себе, прашувајќи се во исправноста на толку мал ситен детаљ. Се изненадувам понекогаш самиот себеси како човек за мојата издржливост и нема каење и преиспитување.............
 
Лупус?! ХА! Нема шанса!-надмено и самоуверено се насмеав, слушајќи ги објаснувањата и притискајќи го местото каде што неколку минути претходно стоеше иглата. Не знаат ништо, резултатите мора да се погрешни! Мене не може да ми се случи нешто посериозно од настинка, сигурно ја замениле мојата епрувета со нечија туѓа, си мислев, не помислувајќи дека притоа јас осудувам некој друг на истата дијагноза. Следно? Хемолитична анемија? Нормални сте? Каква хемолитична анемија? Нема шанса ни тоа, нешто не штима...
Си отидов дома уверена дека ништо не знаат, епруветите биле сменети и дека ми треба Др. Хаус. Решив ајде кога веќе ми залепија некаква анемија, да видам барем што е. Google search, hemolytic anemia, прв од n-резултати: банер-победете ја леукемијата! Уште посилно ми стана чувството дека ги смениле епруветите, не може јас да сум болна, уште помалку нешто што не знаат што е. Не требаше долго и за другите резултати. Четирите јавачи на апокалипсата решиле, леукемија, акутна. Чекај, сега треба да плачам? Треба да им кажам на сите што ги сакам дека ги сакам зашто може да не преживеам? Треба... Што треба? Да проценам што сум направила, што сум постигнала, колку тоа било добро или лошо за да знам што ќе оставам зад себе? Зошто не размислувам така? Зошто знам дека нема да се соочам со оној вистински страшниот суд? Се соочив со овој земниот, бев осудена на работи кои никому не ги посакувам. Како на филмска лента ми се врти секој ден од ужасот, ден по ден, час по час... Четирите убоди за биопсијата, која одвај ја земаа, а јас цело време размислував за тоа дека тетка ми седи до мене и ме држи за нога, а мене патиките не ми се чисти и морам да пазам да не ја испрљам... Дента кога ме примија и прв пат во животот примив инфузија... Стотиците инфузии кои ги примив после тоа... Месеците поминати во страв? Не беше страв, знаев дека ќе биде добро. Вакуум? Да, веројатно.
Не чувствував ништо, само со затворени очи одев напред. Животот кој некогаш го имав и добро го познавав веќе не постоеше, не постоеше ни една трошка од него. Левитирав помеѓу она што некогаш било, она што сега ми се случува и она што допрва ќе се случи, притоа незнаејќи всушност што е ниедно од тоа.
Да го наречам страшен суд? Да прашувам зошто се случи? Ќе добијам ли одговор? Го минав чистилиштето, сфатив што значи болка, очај, надеж, љубов, пријател, се потсетив зашто некои луѓе се до мене, некои ги оставив во минатото, некои ги вратив од минатото...
Сега имам шанса за нов почеток, одново да го напишам мојот живот. Добив помилување од страшниот суд и планирам да го искористам. Иако се' уште ми е криво што се изгубив себе каква што бев, имам шанса да се створам по втор пат, овој пат исправајќи ги грешките.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom