Т.Б.ТРАЧЕРИ ГО ОТВОРААТ BOOM TAKSIRAT FESTIVAL
Официјалното отворање на фестивалот ќе биде на 28 ноември во Младинскиот културен центар, а честа да го отворат овогодинешниот Taksirat Boom! Festival ќе ја имаат легендарните „Т.Б. Трачери“
После четири години излежување и скитање по клоаките на нашите духовни провинции „Т.Б. Трачери“ се враќаат на сцена. Покрај концертот на Таксират во подготовка е снимање на нов албум кој треба да излезе на пролет, нови 18 кичерајски шлагери со кои македонската публика емотивно ќе се врзе.
„Т.Б. Трачери“ ќе настапат во рамките на фестивалот каде што ќе свират стари, но и некои нови песни кои луѓето досега не ги слушнале.
„Т.Б. Трачери“ се формирани 1994 година. Иако до 2001 немаа никакво издание зад себе, сепак имаа неколку 103 хитови со снимки од нивни концерти и уште како демо бенд уживаа статус на андерграунд херои. Во 2001 излегува првиот албум „Клати и тркалај“, снимен во сега веќе непостоечкото кино Ѓорче Петров, заедно со списанието Маргина кое експресно испари од музичките продавници. Вториот албум „Купи ме“, снимен во кино Фросина е издаден за неофицијалниот label „Трач рекордс“ 2003 г. Третиот албум „Шлагери од Содома“ е снимен во студиото „Hidden Dragon“ и издаден за Bagi music 2005 г.
Поставата која го сочинува бендот е: Кирчо Арсовски - гитара и вокал, Кирил Арсов - бас и придружни вокали, Андреј Анастасов - тапани и Ивица Димитриевиќ – гитара.