Спанаќ – крал на зеленчукот
Само во 100 грама спанаќ има околу 1400 милиграми минерални состојки.
Спанаќот е познат како „крал на зеленчукот со хлорофил" од причина што изобилува со минерали и витамини, а листовите содржат големо количество на хлорофил. Само во 100 грама спанаќ има околу 1400 милиграми минерални состојки. Ајде да го видиме нутритивниот состав на оваа билка со сочни зелени листови.
МИНЕРАЛИ: најбогат зеленчук со магнезиум (56 милиграми) и железо, содржи и калиум, калциум, натриум, фосфор, бакар, цинк, јод и кобалт.
ВИТАМИНИ: содржи најмногу витамин Ц (60 милиграми), сите витамини од Б групата, а присуството на каротин го обезбедува и провитаминот А.
КАЛОРИЧНА ВРЕДНОСТ: може да се консумира во неодредени количини бидејќи содржи многу малку белковини (2,2%), јаглеродни хидрати (3,9%) и масти (0,3%).
КИСЕЛИНИ: Фолната киселина што ја содржи спанаќот има значајна улога во создавањето на црвените крвни зрнца. Меѓутоа спанаќот содржи и оксална киселина, чии кристали може да ги затнат бубрежните канали, па затоа луѓето кои имаат проблеми со бубрезите треба да го избегнуваат. Делувањето на оксалната киселина врз организмот може да се ублажи доколку спанаќот се подготвува со млеко или павлака, бидејќи оксалната киселина се врзува со калциумот од млекото создавајќи нерастоплив калциум оксалат што се излачува од организмот.
ЗАТОПЛЕНИОТ СПАНАЌ Е КАНЦЕРОГЕН - МИТ ИЛИ ФАКТ?
ФАКТ:
Препорачливо е спанаќот да се консумира свеж, направете си салата со малку маслиново масло и лимон. Само така можете да бидете сигурни дека ќе имате корист од него. Но, ако сепак решите да го готвите, консумирајте го веднаш после термичката обработка. Веќе приготвениот спанаќ не е препорачливо да се јаде наредниот ден, а уште помалку да се подгрева. При подгревањето се создаваат нитрити кои со делувањето на бактериите во дебелото црево се претвораат во нитрозамини што делуваат канцерогено. Не е препорачливо да се подготвува како вариво со брашно, на маст од животинско потекло, затоа што може да предизвика сериозни здравствени тешкотии (пролив).
НЕКОЛКУ ИСТРАЖУВАЊА ЗА СПАНАЌОТ...
Самото изобилство на витамини и минерали е доволен доказ за тоа дека спанаќот е корисен буквално за секој орган и процес што се одвива во човековиот организам. Но, како најефикасен се покажал во следните подрачја:
ЧИСТЕЊЕ НА ОРГАНИЗМОТ - присуството на целулоза (620 милиграми) го прави спанаќот драгоцена билка за варење и чистење на организмот. Често се користи и против обстипација (тврда столица).
Рецепт: Се зема 5-10 гр. семе од спанаќ и се вари во 2 дл. вода во траење од 20 минути. Се остава покриено да се олади. Се цеди и се пие три пати на ден после јадење.
ВРАЌАЊЕ НА ВИДОТ - научниците развиваат техника со која ќе може да се екстрахираат пигменти од спанаќот во нервните клетки на рожницата. Се верува дека ваквите пигменти, задолжени за апсорпција на светлината, може да помогнат во лекување на некои облици на слепило. Научниците се надеваат бар на делумно повраќање на видот кај пациентите.
ЗАШТИТА ОД РАК НА ПРОСТАТАТА - каротиноидниот пигмент што се наоѓа во спанаќот успешно се бори против ракот на простата, и тоа на два начини. Еден каротиноиден облик под името неоксантин влијае на раковите клетки на простатата на тој начин што го стимулира нивното самоуништување. Од друга страна, пак, неоксантиот со метаболните процеси во цревата дополнително се претвора во неохроми, кои пак, од своја страна, го инхибира растот на клетките на ракот на простатата. Научниците откриле 15 различни флавонски соединенија во спанаќот, кои се јаки антиоксиданси. Мнoгу од нив се корисни за превенција на ракот. Тоа бил доволен мотив за да се изолираат во чиста форма одделни соединенија од спанаќот и да се со нив продолжат испитувањата. Различни студии покажале дека тие состојки го забавуваат растот на малигните клетки на кожата, но и на малигните клетки на желудникот и на дојката.