Да се биде или не против Русите
Без еуфорија по победата над Полска, која игра најубав ракомет во нашата група
Од нашиот известувач
Роберт Димитриевски
ВАРАЖДИН – Пред почетокот на 21. Светско првенство за ракометари во Хрватска се сметаше дека македонската репрезентација својата шанса за пласман во вториот круг треба да ја бара против Тунис, против Алжир и против Русија, со која ќе ги одмери силите денеска од 15,30 ч. во последното коло од групата Ц во Вараждин. Од Тунижаните загубивме, но ги победивме Алжирците и неочекувано Полјаците, па повторно меѓусебниот дуел со Русите се наметнува како решавачки за тоа која од двете селекции од сабота ќе продолжи во Задар во групата за висок пласман, а која ќе се пресели во Пореч за да разигрува за 13 до 24 место во т.н. Куп на претседателот.
„Ги гледавме Русите на натпреварот со Германија. Имаат поголем фонд на играчи, па сите добиваат барем по 10-15 минути. Покажаа сила, цврстина во одбраната и волја со која во завршницата од мечот се извлекоа по водството на Германците со пет гола разлика. Тие се репрезентација од која од сите страни треба да се браниш“, го опишува денешниот противник македонскиот селектор Иле Темелковски. „Сепак, ние треба да си ја гледаме нашата игра. На сите досегашни средби одигравме квалитетно, па ќе ни биде криво ако не поминеме. Со победата над Полска отидовме во друга насока во ракометниот свет. Сега не' гледаат со други очи. Оваа генерација покажува зрелост и веќе не респектира никого“.
Човекот што ја реши драмата против Полска со победничкиот гол на дваесетина секунди до крајот, Стевче Алушовски, бара трезвен приод.
„Нема да се залетуваме дека сме ја добиле Полска, која игра најубав ракомет во нашата група. По тој меч сите ќе обрнат внимание на нас“, вели највозрасниот во македонскиот тим со своите 36 години. Сепак, тој не го крие оптимизмот: „Русите прават смена на генерации, играат цврста одбрана, но не се нешто посебно, односно може да се игра со нив. Дај боже со поддршка од навивачите да одиме во Задар“.
Анализирајќи ги позициите во рускиот тим, популарниот Аљуш констатира: „Имаат извонредни крила, лево Дибиров и десно Иванов, а одлични се и десниот бек Игропуло, како и голманот Костигов, кој им донесе реми против Германија со своите одбрани во финишот. Со еден збор, комплетна екипа“.
Алушовски заедно со Александар Јовиќ се единствените во македонскиот тим што на Европското првенство 1998 во Италија го одиграа единствениот официјален меч досега со Русија, кој заврши нерешено 26:26 иако Русите водеа и со девет гола разлика. Левото крило на Вардар про вели дека разликата меѓу тогашната и сегашната руска селекција е во тоа што „таа Русија имаше освоено се', а оваа ја сочинуваат млади играчи што допрва треба да се докажат“.
Најголема ѕвезда во руската репрезентација по повлекувањето на Едуард Кокшаров е левиот бек Алексеј Растворцев. Триесетгодишниот играч на Чеховски медведи до мундијалот имаше 192 настапи и 744 гола за националниот тим. Тој посакува нов медал по олимписката бронза во Атина 2004.
Тимот од клупата го води Николај Чигарев, кој 16 години му беше помошник на легендарниот Владимир Максимов и ја презеде селекцијата од него по Олимписките игри во Пекинг, каде што го освоија шестото место. Таков пласман остварија и на претходниот мундијал пред две години во Германија.
Во првите три кола Русија ремизира 26:26 со Германија, загуби од Полска со 24:22 и го совлада Тунис со 36:31, а синоќа требаше да игра со Алжир. За учество на овој шампионат „зборнаја“ се избори како подобра во бараж-двомечот со Белорусија (34:30 и 26:26).
Премиерот им честита на ракометарите
Претседателот на Владата, Никола Груевски, телефонски им ја честита на македонските ракометари големата победа над Полска.
„Ме побара околу 23 ч. Имал состанок, слушнал некаква врева и разбрал дека сме ги победиле светските вицешампиони“, ни кажа капитенот Кирил Лазаров.
Груевски на ист начин постапи и по возвратниот натпревар од мундијалскиот бараж со Исланд во Рејкјавик минатиот јуни, кога Македонија загуби, но ја зачува предноста од првиот меч во Скопје и по десет години се врати на светската ракометна сцена.
За РТЛ, забавата во Вараждин најдобра
Според хрватската телевизиска станица РТЛ, која ги откупи ТВ-правата од Светското ракометно првенство во Хрватска за 900.000 евра, забавата во Вараждин е најдобра во споредба со другите градови каде што се играат натпреварите. РТЛ емитуваше снимки од навивачкиот шатор на „Алкалоид“ и искажа многу пофалби за организацијата на фештите, како и за начинот на кој македонските фанови се забавуваат и ја бодрат својата репрезентација.
Вчера се очекуваше засилување со шест автобуси со навивачи, по три од Скопје и од Битола, како и многу вљубеници во ракометот со автомобил, така што на трибините во Вараждин вкупната бројка на македонски тифози требаше да надмине илјада.
Тута ни продал финта со пикерот
Тунискиот селектор Зоран Живковиќ во интервју за „Спортске новости“ се пофали дека го надмудрил македонскиот колега Иле Темелковски во меѓусебниот дуел на стартот од групата Ц во Вараждин, кој неговиот тим го доби со 25:24. Популарниот Тута ја потврди констатацијата на новинарот дека во второто полувреме популарниот Тута го ставил својот кружен напаѓач Исам Теж на позиција на среден бек, истовремено уфрлајќи втор пикер во нападот, што беше вовед во серијата од 6:0 на Тунис за пресврт по водството на Македонија од 16:13.
„Не сфатија. Сакам да се коцкам и се' уште се играм“, изјави поранешниот селектор на Македонија.
Периодот што се покажа клучен за победникот во тој натпревар се случи од 36 до 42 мин. Прво Кирил Лазаров со успешно изведениот седмерец и' ја донесе на Македонија споменатата највисока предност во мечот, но во следните шест минути Теж и Махмуд Гарби постигнаа по два гола, а Хајкел Мганем и Ајмен Хамед по еден за водство од 19:16. Од 47 до 55 мин. Тунижаните имаа позитива и од четири погодока, последен пат 23:19, и на крајот прокнижија два бода.
Симнати два унгарски транспарента
Редарите во салата во Осиек со помош на полицијата отстранија два транспарента на унгарските навивачи во 25 мин. од натпреварот на нивната репрезентација со Австралија во рамките на групата А. На едниот пишувало „Стоп за словачкиот расизам“, а на вториот стоела карта на „голема Унгарија“, која опфаќала дел од Романија.
И Словачка и Романија и' се противници на Унгарија во групата. Со северниот сосед ремизираа 24:24, а источниот го победија со 30:27 дури во финишот.
Инцидент се случил и на средбата меѓу Данска и Србија од второто коло во групата Д во Пореч, каде што било запалено хрватско знаме. Полицијата за тоа дознала од медиумите и покренала истрага.
Сонцето од Кутлеш во Вараждин
Македонските навивачи пред синоќешниот натпревар со Германија го распостелија на трибината во Вараждин старото државно знаме со 16-кракото сонце од Кутлеш. Знамето има димензии 40х15 метри и својата промоција ја имаше во салата „Борис Трајковски“ во Скопје за време на манифестацијата „Спортски оскар“, кога беа прогласени најдобрите спортисти на Македонија за минатата година.