Од најавите за утре:
Доаѓаат уште 300 македонски навивачи во Вараждин
Победата против Полска ги разбранува навивачките духови во Македонија, па за денеска се очекуваат уште најмалку 300 навивачи во салата во Вараждин. Претходно, процената беше дека околу 1.500 наши навивачи ја бодрат репрезентацијата. Телефоните на релација Скопје - Вараждин се вжештени. Сите се интересираат за слободни хотели, приватни соби, билети за натпреварите.
Засега во Вараждин најбројни се навивачите од Битола, кои се тука уште од почетокот на првенството. Многумина најавија дека ќе допатуваат во Вараждин без разлика дали ќе најдат билети за натпреварот. Ако нема билети, тогаш ќе бидат во навивачката зона во центарот и таму ќе го гледаат мечот.
Слободни билети за дуелите во Вараждин има многу малку и тоа по цена од 300 куни (околу 40 евра). Оние поевтините од 100 куни се одамна продадени. Во моментов во Вараждин има над 1.200 навивачи. Во помал број ги имаше со Полска, бидејќи дел од нив се вратија дома поради професионални обврски.
Брант: Македонија одигра светски
Германскиот селектор Хајнер Бранд со пофални зборови ја анализираше Македонија и нашата победа против Полска од 30-29. Победа на денешниот дуел меѓу Македонија и Германија за двете репрезентации би значел обезбедување место за втората фаза. Германците имаат пет бода, по победата од 32-20 против Алжир.
- Македонија одигра светски, но тоа не е непознато. Имаат одлични играчи, двајца од светска класа. Тоа што тие го одиграа против Полска мислам дека беше нивниот врв - вели Бранд.Според него, тоа што нашата репрезентација го одиграла за него не е изненадување. Напротив уште кога сме го елиминирале Исланд во баражот за ова СП, им обрнал внимание на медиумите и играчите.
- Воопшто не сум изненаден од играта и резултатите на Македонија. Уште пред почетокот на СП реков дека ова е група во која има пет рамноправни и изедначени репрезентации кои можат да изненадат на секој меч - вели Хајнер Бранд.
Популарниот мустаклија кој десетина години го предводи тимот на Германија, сега направи комплетна смена на генерации, почнувајќи нов олимписки циклус за ЛОИ 2012 година во Лондон. Сега предводник на оваа генерација е Паскал Хенс, бек со прецизен и силен шут. Многу од играта се базира токму на него. Нашта одбрана ќе треба да одигра најдобро, повторно да се подготви на силните дуели и многу удари.
Германија веќе не е бауч
На секој меч влегуваме да победиме, не не' интересира името на противникот вели Кире Лазаров пред денешниот меч со „панцирите“ (17.30 ч.)
Одбраната ќе има многу работа и против Германија: Велко Марковски (лево) и Мите Стоилов
На секој меч влегуваме со една иста мисла, како да победиме. Не не' интересира името на противникот, постигнатите резултати и играчите што ги има. Најважно е да бидеме сконцентрирани на нашата игра, тимски да бидеме сплотени како еден, вели капитенот Кирил Лазаров пред денешниот дуел со Германија (17.30 ч.)
Дуелот може многу да реши, особено што и за двете репрезентации мечот е виза за влез во втората фаза. Германците се лидери на табелата со пет бода. Нова победа за обете репрезентации би значела и влез меѓу 12-те најдобри во светот. Македонија и со бод останува во игра за едно од трите први места во групата Ц. По сензацијата со победата против Полска, сега по еден ден пауза, „полнење на батериите“ и одмор, ќе бараме нова шанса. Веќе е исполнета целта, најмалку две победи, а дополнително е што едната победа е против актуелниот светски вицепрвак.
НАЈСРЕЌЕН ДЕН
- Ова е најсреќен ден во мојата кариера. Сега ќе видиме колку сме големи во следните два меча. Покажавме квалитет. Се надевам дека ќе дојдат уште Македонци да не' бодрат. Многу ни значи поддршката од публиката. Ќе се обидеме да ја израдуваме Македонија барем уште еднаш - изјави Лазаров.Чекајќи ја својата шанса да го покаже квалитетот, Петре Ангелов на втор меч по ред ги „збудали“ противниците. Сега имаше 12 одбрани и еден седмерец.
- Овде нема фаворити. Првиот меч на првенството ни беше како во грч. Тоа го надминавме. Ме радува што добро функционира договорот со одбраната. Некои топки и не може да се одбранат, но се' зависи од нас - вели Ангелов. Еден од двајцата ракометари што имаат искуство со играчи од Бундеслигата е и Влатко Митков. Неговата улога е повеќе одбранбена и ќе мора повторно да се бори со корпулентните противници. Тие се играчи од Бундеслигата и од светска класа. Имаме квалитет да се справиме со нив, им докажавме на сите дека можеме да играме со секого, колку да е противникот фаворит - вели Митков.
ПРОМЕНИ КАЈ ГЕРМАНЦИТЕ
За Наумче Мојсоски дуелот со Германија е шанса за нов докажување. Од двата натпревара ќе зависи дали ќе играме во Задар или во Пореч.
- Германија и Русија имаат промени во генерациите. И двете репрезентации се во врв на светски ракомет. Последните две години Полска игра одличен ракомет. Нам како противник најмногу ни одговара Русија, а потоа Германија. Немаме веќе притисок. Со секој меч притисокот паѓа. Дојдени сме и мораме да играме без разлика кој е наш противник - вели Мојсоски.
- Сега сите не' гледаат со други очи. Го елиминиравме Исланд. Се' зависи од нас. Колку нам ќе ни се ладни главите и колку ќе бидеме смирени, такви резултати ќе имаме. На два меча по ред покажуваме дека можеме да играме без респект кон секого - вели Мојсовски кој по трите натпревари има процент на реализација од 14/25.
Нема дигање во облаци
- Победата со Полска не треба да не дигне во облаци. Ни се укажа шанса и ја искористивме. Мислам дека целиот свет го изненадивме. Сакам да им се заблагодарам на сите навивачи што дојдоа во Хрватска и не' бодреа. Ги повикувам сите Македонци што можат да се спакуваат и да дојдат и заедно со нив да се обидеме да одиграме уште еден добар натпревар, да го оставиме срцето на терен во мечевите со Германија и Русија и да видиме дали е тоа доволно за нови победи - вели Кирил Лазаров.
Резултати, табели, идно коло
ГРУПА А Резултати од 3. коло:
Романија - Аргентина 30-26 (15-13), Унгарија - Словачка 24-24 (12-6), Франција - Австралија 42-11 (20-3).
ТАБЕЛА: Франција 6 бодови, Унгарија и Словачка по 5, Романија 2, Аргентина и Австралија без бодови.
ИДНО КОЛО (денеска): Австралија - Романија, Унгарија - Аргентина, Словачка - Франција.
ГРУПА Б Резултати од 3. коло:
Ј. Кореја - Кувајт 34-19 (15-9), Шведска - Шпанија 34-30 (19-13), Хрватска - Куба 41-20 (20-9).
ТАБЕЛА: Хрватска и Шведска по 6 бодови, Шпанија 4, Ј. Кореја 2, Куба и Кувајт без бодови.
ИДНО КОЛО (денеска): Куба - Ј. Кореја, Шведска - Кувајт, Шпанија - Хрватска.
ГРУПА Ц Резултати од 3. коло:
Полска Македонија 29-30 (15-16), Германија - Алжир 32-20 (16-10), Русија - Тунис 36-31 (16-11).
ТАБЕЛА: Германија 5 бодови, Полска и Македонија по 4, Русија 3, Тунис 2, Алжир без бодови.
ИДНО КОЛО (денеска): Алжир - Русија (15.30 ч), Македонија - Германија (17.30), Полска - Тунис (19.30).
ГРУПА Д Резултати од 3. коло:
Бразил - Србија 32-30 (14-14), Норвешка - Египет 30-20 (14-10), Данска - С. Арабија 32-13 (17-4).
ТАБЕЛА: Норвешка и Данска по 6 бода, Србија, Египет и Бразил по 2, Саудиска Арабија без бодови.
ИДНО КОЛО (денеска): С. Арабија - Бразил, Норвешка Србија, Египет - Данска.
Видеобим на плоштадот Македонија
Видеобим ќе постави Агенцијата за млади и спорт на плоштадот Македонија во Скопје, за навивачите да можат заедно да ја бодрат нашата ракометна репрезентација на мечевите со Германија, денеска, и со Русија, утре.