Бакрачески: Субрата Рој ќе го изгради комплексот во Охрид
Проектот за изградба на хотелско туристички комплекс во Љубаништа на Индиецот Субрата Рој ќе стане реалност. Неговата реализација ја потврди и новиот градоначалник на Охрид Никола Бакрачески. Според него сите проекти кои биле најавени за време на изборната кампања ќе се реализираат. Бакрачески минатата недела се сретнал со преставници на индиската компанија „Сахаријан Македонија“. Договарале детали за проектот.
„Индиските инвеститори се сериозни во нивните намери и тие не отстапуваат од нивната намера заеднички со Владата на Македонија и во оној дел каде има ингеренции локалната самоуправа да создадеме предуслови конечно да почне да се реализира таа замисла која ќе биде од фундаметално значење за развојот не само на Охрид туку и на цела Македонија“ вели Бакрачески за А1он.
Неодамна, странските и домашни медиуми објавија дека индискиот суд ги замрзна сите сметки и имотот на компанијата „Сахара груп“, како и личните банкарски сметки на сопственикот Субрата Рој, поради долгови кон индиските граѓани во висина од три милијарди евра. Проектот предвидува изградба на суперлуксузен хотел – казино на вода, како и апартмани, вили, марини, голф терени и други објекти.