Ќе направам некој список на нови изданија што скоро искочиле или би требало да искочат за саемот. Ќе напишам со краток опис што го оставиле издавачите. Може да не биде прегледно, па се извинувам однапред.
Бегемот:
Јацек Дукај
Мраз
Мраз од Јацек Дукај е научно фантастичен роман во којшто научниот дел, како што тврди самиот автор, е историозофија.
Делото најпрво било замислено како расказ. Но, двегодишната работа изродила роман во којшто густо се сплетени политички, религиски, културолошки и економски мотиви на Царска Русија којашто е заробена под Мраз. Тие претставуваат колористична заднина на фабулата испреплетена со историски размислувања на голем број ликови, психолошки забави на двајца протагонисти и карактеристични за авторот капитални опсервации во форма на дигресија. Во светот на Мразот владее двовредносна логика: ексцентричниот пронаоѓач Никола Тесла и полски сибирски партизани, логичка пумпа и математика на карактерот, теорија на срамот и теорија на пријателството, полски индустријалци и тунгуски шамани, детективистичка интрига и највистинска романса. Ледени гнезда и ладнезови салони, црна физика и сибирска бајка, пријателство и љубов, смрт и предавство. Живот како чудна форма на сињак врз стакло.
Во тој свет, во 1924 година варшавскиот математичар Бенедикт Ѓерославски ја прифаќа порачката на руското Министерство за зима, да оди во Сибир и да го пронајде својот загубен татко, Филип, наречен Татко Мраз.
Марек Крајевски
Смрт во Бреслау
страници:
285
формат:
195x125
цена:
320 ден.
Романот Смрт во Бреслау е првата книга којашто се појави во новата едиција на Бегемот, Мрачна серија, којашто ќе содржи романи од жанрот „интелигентни криминали“. Тоа е романот којшто му донесе огромна слава на Марек Крајевски, голем број награди и преводи на бројни странски јазици.
Тоа е книгата којашто го создаде Мок.
Вроцлав, мај 1933 година. Потресно злосторство. Масакрирани тела на две жени. Таинствен натпис напишан со крвта на жртвите. И насекаде скорпии. Идеален случај за Еберхард Мок.
Во мрачниот Вроцлав, каде што во секој сокак злосторниците и убијците ја чекаат својата жртва, владее насилство и корупција. Угледници на високи функции се оддаваат на комар и разврат, поткупливата полиција се бори за власт. Во градот заразен со хитлеровската доктрина, еден комесар ужива во доста нетипична разонода. Игра шах (според свои правила) со прекрасни разголени девојки. Тоа е Мок, којшто од домот на раскошот може да го извлече само наредно злосторство.
Оскар Вајлд
Критичарот како уметник - НАСКОРО!
страници:
137
формат:
180x110
цена:
200 ден.
„Критиката сама по себе е уметност.“ Ова е еден од исклучителните аргументи во текстот кој најверојатно е еден од најубедливите критички дијалози на Оскар Вајлд. Критичарот како уметник ја истражува Вајлдовата одбрана на критиката преку остар, духовит, остроумен дијалог и фасцинантни, одлично обмислени аргументи. Овој теориски дијалог користи базични примери за да дискутира на многу теми, како критиката, како уметничката форма, вистинската дефиниција на критичарот, вредноста на критиката над уметноста и многу други. Како вистинско богатство за обожавателите на Вајлд и добродојден прилог кон секоја библиотека, Критичарот како уметник го поткрепува духовитиот поглед на големиот светски писател и неговата вистинска љубов кон уметноста.
Или - Или
Тина Иванова
„Она што го одликува кусиот роман „Кругови“ е што на мал број страници се прикажува еден свет на секојдневјето скопско, современо, денешно, што не е само одраз на сегашниот живот на главната јунакиња, туку и средба со некои вечни дилеми, што веројатно го мачат посензитивниот и поумен човек, секогаш. Притоа, би истакнал една специфична карактеристика на Иванова што мене многу ми се допадна. Тоа е користењето на јазикот.
Имено, таа не спаѓа во оние писатели кои би копале во некои архаизми или дијалектизми, но нејзиниот јазик е многу сочен. Тоа е едноставно затоа што има внатрешна поткрепа, дејствува многу индивидуално и лично, од една страна, и препознатливо, од друга страна. Некој поупорен критичар би нашол во прозата на Иванова елементи на филмско сценарио, визуелни елементи во секој случај, затоа што она што доаѓа како плод на визуелното искуство, а тоа е монтажата, дијалозите, атмосферата, има многу визуелни наслојки. Но, токму тоа му дава на „Кругови“ една современа постмодерна структура, што сигурно ја вклучува Иванова во редот на најљубопитните истражувачи во новата македонска проза.“
Светот - Х. Х. Малјас; Филозофот игра фудбал - Виктор Жмегач; Малку - Хакан Гундај; Талкачи - Олга Таркачук; Фотосинтеза - Игор Анѓелков; Како да се упокои вампир - Борислав Пекиќ; Љубовно писмо со клинести знаци - Томаш ЗМЕШКАЛ;
БЕЛИ ЗАБИ - Зејди СМИТ; Тринаесетиот месец - Александар Русјаков.
Некои се излезени, некои се во најава. Верувам дека дел од нив ќе излезат за саем ( се надевам сите, но немам некаква конкретна информација, освен тоа што некое време се најавени па оттука заклучувам дека за саем се чува. Може да не е точно, па не ми земајте за зло. )