Множество од клетки. Во нашиов случај човек. Уште поконкретно – жена. Можеби сеуште не можеме да ја викаме жена, поради некои фактори, одредени од нејзината возраст (што туку стана полнолетна), размислувања и постапки направени во нејзиното блиско или подалечно минато.
Седи пред својот розев телевизор во нејзината соба т.е. царство. Во едната рака го држи далечинскиот управувач, а во другата лакот за нокти и повремено го проверува екранот на својот преносен компјутер, да се упдејтува постојано. Но, магијата се случува во таа мала кутија наречена телевизор која за нејзе претставува целодневна окупација, преокупација и сл. Постојано стиска на далечинскиот управувач и врти по каналите, при што на секој се задржува по најмногу 5 секунди, од страв да не пропушти нешто на другиот. За појадок, започнува со една епизода од омилената шпанска серија, попладне ја гледа репризата, а после ручек уште две епизоди пред излегување. Не кажувајте на никого, ама нејзините серии ги гледа и во доцните часови, кога повторнo ги даваат репризите. Потоа се префрла на ексклузивните и експлозивните емисии кои веќе го преплавуваат етерот и се обидува да ги запамти сите можни трачеви кои ги даваат во текот на неделата. А во недела навечер, сите трачеви се соединуваат во најекслозивната од сите, емисијата за најфаците, на чело со најфацестиот водител во неговата бранша (ма, можеби и во светот). Леле, почнува новото издание на спектакуларното шоу “Г-ѓа Министерка”!!!! Па зарем не е сладок/тка..? Младата дама ни ова не смее да го пропушти! Но, во исто време оди и г-динот кој ги знае текстовите на сите песни!! Аааааа, како ли сега да се одлучи што ќе гледа? Премногу тешка одлука за неа. Ах, кога би можеле со Холограм сите да се појават во една телевизија, па да ги гледа сите одеднаш? Не, не и текна на нејзе тоа прво, па тоа го виде пред некоја недела како иновација во нашите телевизии.. И тоа и се допаѓа, иновативноста што тие ја спроведуваат. Нов збор за оваа млада дама, ИНОВАЦИЈА! Но, да се вратиме на нејзината тешка одлука.. А кога веќе сме кај тоа, од кога жените ја превземаа улогата на мажите во поседување на далечинскиот управувач? Кога жените/девојките почнаа да стануваат couch potatoes? Па, многу јасно. Кога се појави сета оваа програма во нашиот етер.. Етерот како неподвижен, многу еластичен медиум, низ кој се пренесуваат сите овие интересни сегменти, емисии, трачеви, серии, ...Од многу емитирање фотони, цркнаа сите бушони.[FONT="] [/FONT]Просто, нашава млада дама неможе да се изнагледа. И токму кога реши на кој канал ќе се задржи во следните 10 минути, одеднаш телевизорот се изгаси. Прекина, настапи смрт. Стискаше и стискаше упорно на power копчето, но ништо. Тоа почна да ја вознемирува. Уште повеќе се вознемири кога дозна дека и го исклучиле поради неподмирени долгови со кабелскиот оператор или така нешто беше.. Солзи почнаа да ја бришат пудрата и маскарата на нејзиното лице.. Немаше спас за неа.. Освен една работа..!
***
Следниот ден ја гледаме, весела, разиграна, тропка со штиклите по плочките на плоштадот во градот. Во едната рака ја носи својата торбичка а во другата разиграно пафта со кредитната картичка на тато. Па да, единствен излез од психичката криза беше тоа.. ШОПИНГ! Сега ќе ги среди сите бутици.. Влегува во првиот и незадоволена од понудата, намуртена и со крената глава излегува.. Но, дури во вториот... останува маѓепсана од прекрасните парчиња текстил, прилично скапи и почнува да ги граба најмалите бројчиња и да ги става во корпа... Од се по нешто, а од нешто и повеќе. Одеше од бутик, во бутик, од бутик во парфимерија или пак бижутерија..You name it! Картичката се излижа на задната страна од провлекување низ апаратот кој додаваше уште по неколку илјади на сметката на тато. Ма, кој ли се грижи за тоа? Зарем она, додека може да ужива? Неее... Ова го прави веќе неколку дена. И не се уморува. Плакарот веќе е наполнет, но може да купи нов. И тоа од оние новите, во кои ти ја заробуваат душата заедно со облеката. Плакарот од соништата, оној кој никогаш не се полни, колку и да ставаш партали во него.
Но, еден топол сончев ден, кога тргна накај продавниците во нова инвазија, нешто ја запре. Стоеше пред омилениот бутик, а на неговата врата имаше огрооомен катанец и гооолем натпис. Се доближи да прочита. ЗАТВОРЕНО??? Зошто, по ѓаволите – помисли и веднаш посегна по мобилниот телефон за да и се јави на сопственичката. Па сигурно можат да го отворат за неа, да купува сама на мира. Но, после ги прочита и поситните букви подоле. Причина: Економска криза. Економска..што??? Очите веднаш и се насолзија и почна да трча растревожена накај првото такси што го виде да ја однесе дома за да може да смисли начин како да излезе од повторната психичка криза.
Па да, мала принцезо, парите од неколкуте мамини и татини ќерки и синови кои шетаат по трговскиот не се доволни за да ги задржат сите тие продавачки и дополнителни работници на работа. За економската криза не е потребна виза, и ти си дел од неа!!
***
Таа не може да биде тажна. Ма, не не може, не смее. После брчки, ова-она, уништено лице и сл. работи.. Пак најде излез од ова. Им се јави на другарките и ги викна да одат во некој кафич на кеј и да го поминат цел ден таму. И, така и беше. Седеа на убавото сончево време, во кафичите распостелени на кејот. Пиеа коктели, јадеа сладоледи, се сликаа за на фејсбук, се запознаваа и флертуваа со келнерите, ма што не правеа.. Ништо не им беше доволно досадно, ама коа ќе им се здосадеше, го менуваа кафичот. Толку е едноставно! И така, неколку дена, скоро една недела. Но, кога наредниот ден дојдоа, ги немаше сите маси и столици.. Па не е можно ова да се случува!?!?! Отидоа да проверат.. На вратата на сите кафичи стоеше натпис: затворено.. А еден дедо кој седеше на клупата до нив и читаше весник им кажа дека ги затвориле под судско барање бидејќи на плоштадот во центарот повеќе немало место за поминување, насекаде маси и столици од кафичи, а и нови ОБЈЕКТИ, кои никнувале насекаде.. Нејзиниот живот во тој момент се сруши. Почна да трча како избезумена по плоштадот и бидејќи нејзиниот живот повеќе немаше смисла, реши да го заврши во Вардар. Дојде на Камениот мост, погледна надоле и почна уште повеќе да плаче и да вриска..АААА!! Вардар не се гледаше повеќе..Водата ја немаше. Случаен минувач и кажа дека го покриле за да се гледа, пошо е матен. А нели, никаква матност од нашето општество не треба да се гледа на патот кон Европа..Каква Европа!!! Таа само сакаше вода, за достојно да ги однесе нејзините маки. Сега, ни завршувањето на животот нема смисла повеќе.. Избезумена, изморена, само се спушти на мостот, се потпре и седна.. Ги испружи рацете и несвесно заспа.. Кога се разбуди, целата беше валката со ситни парички околу неа.. Следно што знаеме е дека никогаш не се вратила дома и ја прифатила судбината на уличар здраво за готово. Бидејќи не знаеше што понатаму со својот живот.. Ах, живот..
Ова истово може да им се случи и на сличните припадници на посилниот пол, не дека е намерно пишувано за жени, само имаше повеќе информации до кои јас имам пристап. Сите сличности со ликови, места и настани се случајни, бидејќи истите во текстов се измислени.
А, колку и да пишувам вака или онака, го сакам животот, без разлика какви се нештата околу мене.. Бидејќи еден е , веројатно..
понеделник, 13 април 2009