RickyLFC9
Модератор
- Член од
- 28 март 2012
- Мислења
- 19.565
- Поени од реакции
- 41.148
Почитувани форумски колеги, добредојдовте на темата за Премиер Лигата - сезона 2020/21. Истеравме многу заедно, со евидентни подеми и падови на различни екипи, нервози, фрустрации, радост, успех и сеир.
On to the next one!
On to the next one!
За првпат откако започнавме да се дружиме на форумов, бранител на титулата е Ливерпул. Конечно освојувајќи ја онаа 19-та лигашка титула, Ливерпул во оваа сезона влегува како една од најкомпактните екипи со феноменално раководство во поглед на внатрешната хиерархија и персонал, олицетворена во личноста на Јирген Клоп, и желна да го искористи моментумот со цел да го зголеми трофејниот кабинет. Следејќи ја изреката "if it ain't broken - don't fix it", тимот на Ливерпул не би требало да претрпи големи промени низ текот на трансфер прозорот. Веќе го добивме првото засилување во името на Костас Цимикас, кој ќе биде конкуренција на Робертсон на левата бековска позиција. Слични трансфери се очекуваат и на уште неколку позиции на шампионскиот тим. Можеби најдобрата тројка во светот моментално, Мане - Фирмино - Салах, останува да го одбрани овој епитет, заедно со најдобриот голман Алисон, монструозниот Ван Дајк, локалниот скаузер Трент Александер-Арнолд, и вечно потеценетиот капитен Џордан Хендерсон.
Негови предизвикувачи ќе бидат следните 19 екипи, кои според мене ќе претставуваат поголема закана од ланскиот екипен состав, очекувајќи значително поголема спротивставеност, неизвесност и тежина на натпреварите.
Една од овие екипи е легендарниот Лидс Јунајтед, токму екипата со која ќе се соочи Ливерпул во првото коло. 16 години по нивното испаѓање, Лидс се враќа во најелитното натпреварување по освојувањето на Чемпиониш лигата. Предводен е од една од најмаркантните личности во модерната ера од фудбалот - Марсело Биелса. Контроверзен, брутален, но ефективен менаџер кој се покажа како правата личност за овој клуб. Благодарение на Лидс и Биелса, за првпат по долго време ќе забележиме настап на македонски интернационалец во Премиер Лигата - Езѓан Алиоски. Четврта сезона во Лидс, Алиоски често фигурира како измена за импакт кога на Лидс му треба поголема закана од странична позиција, што и се покажуваше како многу ефективно со оглед на неговите 5 голови и 5 асистенции во ланската чемпионшип сезона. На Алиоски му посакуваме успех и во највисокото ниво, сосема заслужено достигнување
Одржувајќи се до контроверзиите, преминуваме на ланскиот главен конкурент за титулата, екипата која несомнено остави длабок траг во англискиот фудбал низ последната декада - Манчестер Сити. Предводен од еден од најуспешните менаџери во 21-от век, Пеп Гвардиола, Сити летово влезе жестоко на трансфер пазарот откако во матни услови успеа да избегне казна од УЕФА и бан од европските натпреварувања. Нејтан Аке е донесен од Борнмут со цел конечно да биде стабилизирана штоперската позиција во тимот, додека Феран Торес ќе претставува нова димензија во офанзивните капацитети на една од најубиствените европски екипи. Секако, Пеп на располагање го има убедливо ланскиот најдобар играч - Кевин Де Брујне, 29-годишниот Белгиец кој секоја утакмица предизвикува восхит кај фановите на фудбалот.
Остануваме во Манчестер, каде постои уште една голема екипа - Манчестер Јунајтед. Несомнено е дека по претрпувањето на неколку турбулентни сезони, Јунајтед во втората половина од изминатата сезона покажа големи знаци на свежина, интензивен перформанс и компактност - директна последица од трансферот на Бруно Фернандеш кој им дојде како кец на десетка. Солскер го искористи Фернандеш како главен двигател на играта, играч кој несомнено ги мотивираше и останатите соиграчи да дадат се од себе, да го извадат најдоброто од нив, и резултатот беше евидентен кога ќе ја погледнеме формата која го донесе Јунајтед до третото место од табелата, бележејќи враќање и во Лигата на Шампионите. Доколку оваа сезона Јунајтед бележи перформанс каков што имаше во втората половина од претходната, нема зошто да не ги гледаме како сериозни конкуренти за најпосакуваната награда.
Освојувачот на ФА купот - Арсенал, исто така доби свежина во својот состав, но во нивниот случај тоа беше на менаџерската позиција. Микел Артета за првпат се наоѓа на кормилото на една екипа, откако се стекна со искуство како асистент менаџер во тимот на Сити. Несомнено, Артета ја има една од најтешките задачи во лигата, со оглед на падот на Арсенал и нивниот неконзистентен перформанс кој не може да се стабилизира од напуштањето на легендарниот Арсен Венгер. Меѓутоа, за кратко време Артета покажа дека довербата која му е пружена е заслужена, видовме сериозни знаци на подобрување, успеа да го извади најдоброто од играчите кои беа тешко критикувани од фан базата, ги откачи проблематичните личности во соблекувалната, и по најавите дека сака да го гради тимот и играта околу Обамејанг - еден од најдобрите играчи во лигата - Арсенал во сезоната влегува со нови, големи надежи.
Вечниот ривал Челзи, од друга страна, е предводен од уште една личност која на нас ни е позната по впечатокот кој го има оставено врз лигата на играчки план - Френк Лампард. Релативно нов на менаџерската сцена, Лампард во ланската сезона се соочи со сличен предизвик како оној на Артета. Челзи достоинствено се бореше на повеќе полиња, во повеќе големи натпреварувања низ текот на сезоната. Завршувајќи на четврото место и оваа година Челзи ќе настапува во Лигата на Шампионите. Овој буст несомнено беше клучен за донесувањето на два возбудливи играчи - Тимо Вернер и Хаким Зијеш, кои треба да го поттикнат тимот на Челзи да тргне кон нова ера.
Во Тотенхем ја наоѓаме веројатно и најконтроверзната личност во Премиер Лигата - Жозе Мурињо. За некого омразен, од некого идолизиран, и дефинитивно претставувајќи чуден спој со Тотенхем, Мурињо успеа без многу голема галама (pun intended), да го донесе Тотенхем до европска квалификација. Тотенхем има атрактивен состав на располагање, за кој што Мурињо не треба да има изговори. Хари Кејн е можеби најдобриот играч во историјата на Тотенхем доколку судиме според перформансите и конзистентноста пружени кон таа екипа, Сон е еден од најатрактивните играчи во лигата кој бригира со маестрални потези, а на голот е Љорис, лично според мене еден од најпотценетите голмани на дешеницата. Мурињо и Тотенхем се мистериозна кутија за која е тешко да се предвиди што ќе излезе од неа, меѓутоа претставуваат интересен фактор во лигата.
Главната екипа која имаше феноменален старт, но разочарувачи крај е Лестер. Најголемото изненадување во Англија од помодерната историја, Лестер стана шампион во 2016-та година, а оттогаш постојано кружи и се обидува повторно да се пробие низ врвните кругови. Соочувајќи се со трагедија во која што при хелихоптерска несреќа животот го изгуби нивниот сопственик Вичаи Шриваданаправа, Лестер не запира во својата цел. Сега предводен од Брендан Роџерс, и покрај тоа што во последното коло испушти пласман во Лигата на Шампиноите, Лестер сепак успеа да пружи интересни партии и да покаже дека е една од екипите која мора да биде запазена во новата кампања.
Сличен успех и перформанс бележеше и екипата на Вулверхемптон. Управуван од еден од најбогатите конголомерати на светскиот пазар, кинеската поддршка дефинитивно е главен виновник за подемот на Волвс. Предводен од симпатичниот Нуно Еспирито Санто, Волвс стана една од најинтересните екипи за гледање. Одличниот Раул Хименез и уникатниот Адама Траоре ја обележија екипата која инаку има бројни португалски примеси. Немајќи ја дистракцијата од европски натпреварувања, Волвс може повторно да биде екипа на која ќе се внимава и може да понуди нереди према оние со кои ќе се соочи.
Едно од најголемите изненадувања од ланската сезона претставува Шефилд Јунајтед. Новопромовирани во минатата сезона, Шефилд направија извонреден јуриш кон врвот на табелата, прикажувајќи симпатична игра, можеби најдобра тимска хемија и сплотеност. Крис Вајлдер дефинитивно беше еден од најдобрите менаџери на ланската сезона, и иако завршија на деветтото место, Шефилд изнуди восхит кај фановите на лигата со својот перформанс. Сепак, за да го одржат истото темпо и да го избегнат “синдромот на втора сезона“, мора да го подобрат својот импотентен напад. Исто така, еден од најдобрите играчи им беше Дин Хендерсон кој ќе го немаат на располагање оваа сезона бидејќи беше позајмен од Манчестер Јунајтед, но на негово место доаѓа Арон Рамсдејл од Борнмут, кој исто така беше пријатно изненадување ланската сезона. Се на се, Вајлдер, Рамсдејл, но и самиот Шефилд, ги очекува голема сезона во која имаат притисок да покажат дека она што се случуваше ланската сезона не беше случајност.
Традиционално, во Премиер Лигата мора да постои екипа која игра брутален, неприкосновен фудбал, кој често знае да биде наречен анти-фудбал. Оваа чест и сезонава ќе ја држи Барнли, предводена од Шон Дајш, човекот измислен за оваа екипа. Физички цврсти играчи, агресивен стил на игра, со Тарковски и Ми во центарот на одбраната, Барнли го гради својот идентитет во лигата. За агресијата на теренот да не биде оставена сама на себе, во ланската сезона Барнли претрпе и контроверзија надвор од теренот, поточно во небото, кога над нивниот стадион се појави слоганот "White Lives Matter", токму во пресрет на најголемите социјални турбуленции во 21-от век. Потегот беше строго осуден од управата и тимот на Барнли, и се надеваме дека вакви настани нема да го опкружуваат клубот и оваа сезона, но останува да видиме и дали Барнли ќе го оправда својот стил на игра, и колку тој всушност ќе роди плод.
Ни следат неколку екипи кои беа во сличен ранг низ текот на сезоната и не покажаа знаци на пробивање во горниот дел, но несомнено имаат за цел да се пробијат кон тоа ниво. Саутемптон е предводен од амбициозниот Ралф Хасенхутл, кој иако претрпи тежок пораз од Лестер низ текот на сезоната, ја задржи довербата од управата и забележа солиден старт на неговата кариера кај Светците. Клучен играч беше Ингс, кој изненади со неговиот камбек од тешките повреди, и сметам дека на секој му беше драго да го гледа овој играч како ги полни противничките мрежи. Сепак, Саутемптон ќе мора да напредува доколку сака да ги исполни своите амбиции. На слично ниво е и Евертон, предводен од реномираниот Карло Анчелоти, на кого му треба време за да изгради екипа по свој терк со цел таа да претставува некаква закана за горниот дел од табелата. Несомнено, главен играч во Евертон е Ричарлисон, феноменалниот Бразилец, па доколку фановите сакаат тој да остане во тимот, Евертон мора да покаже сериозна амбиција. Њукасл останува заробен во спрегите на озлогласениот Мајк Ешли, откако пропадна преземањето на клубот од уште поозлогласениот саудиски режим кој бележи бројни нарушувања на човекови права. Стив Брус останува на кормилото, вадејќи го максимумот од екипа која со исклучок на Сент-Максиман и не е баш најатрактивна за гледање, но знае да направи изненадување. Конечно, екипата која ја заокружува оваа четворка е Кристaл Палас, предводен од најстариот менаџер во лигата, 73-годишниот Рој Хоџсон, Кристал Палас не остави особен впечаток во лигата. И покрај бројните шпекулации, клучниот играч Вилфред Заха засега останува во тимот, иако според мене навистина потценет ми останува Џордан Ају, напаѓачот кој иако не е најстрашен голгетер, можеби е еден од највредните индивидуалци во лигата.
Во долниот дел од табелата имаме три екипи кои речиси до крајот беа несигурни во нивниот опстанок. Брајтон работи на амбициозен проект и долгорочен план под водство на Греам Потер, менаџер со интересни фудбалски замисли кој доби огромна поддршка од управата со потпишување на пет-годишен договор. Финишот во минатата сезона не го рефлектира квалитетот на екипата на Брајтон. Оваа година на располагање ќе го имаат и Бен Вајт, можеби највозбудливот штопер кон кого се вперени очите во Англија, прикажа фантастични перформанси во Лидс. Брајтон не сака да се откаже од него, и смета дека мора да го задржи со цел да ги исполни своите амбиции, а кој би можел и да ги обвини? Според сите пресметки, од Брајтон очекувам да се наметне како пријатно изненадување за лигата, меѓутоа ова очекување го имав и минатата сезона, по што сепак се решавам да останам резервиран за пресудата кон нив.
Од претходниот премиер лигашки состав ни останаа две екипи кои имаат сличен углед во англиската фудбалска елита. Вест Хем и Астон Вила се екипи кои традиционално ги паметиме по нивниот стаж во премиер лигата, иако и двете покажаа голема несигурност во последната декада. Предводен од Дејвид Мојс, Вест Хем не покажа знаци на сериозност и некаква цел за долгорочен план. Големото засилување Себастијан Халер беше всушност големо разочарување и на некој начин беше олицетворение на нивниот неуспех. Доколку не сака повторно да се бори за опстанок до речиси самиот крај, Мојс мора да направи подобрувања на резултатите. Астон Вила, пак, се врати во премиер лигата по три години отсуство. Со значителни инвестиции во составот, Дин Смит не успеа да покажат сериозност дури ни во борбата за опстанок, успевајќи да се спасат повеќе благодарение на некомпетентноста на Борнмут, Ватфорд и Норич. Бесценетиот Џек Грилиш, локалното момче е беше единствената искра во тимот. Се чини дека Грилиш ќе ја одигра и оваа сезона во Астон Вила, но доколку нема никаков напредок, сосема разбирливо би било доколку го напушти својот драг клуб со цел да го оствари сопствениот потенцијал.
Ги споменавме Лидс, а во лигата ни се придружуваат уште две екипи. Вест Бромвич Албион е предводен од Славен Билиќ, кој несомнено гледа да ги избаи духовите кои го прогонуваат од неговиот неуспешен мандат во Премиер Лигата пред неколку години на кормилото на Вест Хем. Вест Бромвич конечно го договори трансферот на Матеус Переира, кој се најавува како возбудлив играч околу кого ќе се гради играта на новопласираниот тим. По двегодишно отсуство, интересно е да видиме што може да прикаже екипата на ВБА. И за крај, по едногодишно отсуство се враќа и Фулам. Уште една традиционална екипа, Фулам во својот претходен премиерлигашки настап наликуваше на ланската Астон Вила. Бројни, крупни засилувања кои тотално ги разочараа очекувањата на навивачите. Меѓутоа, успевајќи да се изборат за премиерлигашко место во Чемпионшип плејофот, Фулам добива втора шанса, овојпат предводена од симпатичниот Скот Паркер, кој се наоѓа на својата прва менаџерска позиција. Доколку Скот Паркер остане верен на својот план и своите замисли, но и успее да го скроти Митровиќ, кој треба да се покаже како клучен играч во оваа сезона на Фулам, нема зошто да не очекуваме подем на уште една интересна екипа од англискиот фудбал.
Во прилог ги имате утакмиците од првото коло. Напомена дека натпреварите помеѓу Манчестер Сити - Астон Вила и Барнли - Манчестер Јунајтед ќе бидат одложени поради настапот на двете екипи во европските натпреварувања.
Дополнително, на 29 август ќе биде одигран натпреварот за Комјунити Шилдот помеѓу шампионот на лигата - Ливерпул, и освојувачот на ФА Купот - Арсенал.
Тоа е тоа од мојот воведен пост, се надевам ви се допадна кратката анализа на екипите, и би сакал да го чујам вашето видување
Последно уредено: