Виша математика во новите сметки за парно
„Топлификација“ ги дистрибуира августовските сметки за парно со нова, повисока цена. Скопјани добија фермани на три страници, на кои се испишани бројни и во најголем дел неразбирливи податоци. Граѓаните тешко се снаоѓаат во понудените објаснувања, а не им е јасно дури ни кој е делот од трите листа што треба да се издвои за плаќање. Обичниот граѓанин е збунет од вишата математика во сметките, којашто може да ја разберат единствено машинските инженери и надлежните од „Топлификација“.
Од претпријатието тврдат дека сметките се разбирливи и оти треба само внимателно да се погледаат, а ако има нешто нејасно, граѓаните можат да се обратат кај одговорните и да побараат објаснување за секое нејасно прашање. Од „Топлификација“ вчера со соопштение информираа дека од новата грејна сезона, чиј циклус на наплата почнува од август годинава, извршиле промена во системот на наплата. За оваа новина ги информирале граѓаните со скратено(?) објаснување во сметките. Измената се состои во тоа што се укинува паушалната наплата и се преминува на наплата по мерач во потстаницата на секоја станбена зграда. Наплатата се врши според податоците за распределената преземена енергија од потстаницата до секој стан, при што пресметката се прави по квадратура и ангажирана моќност.
Од претпријатието тврдат дека ова е првата фаза пред поставувањето на вентилите-испарувачи на секој радијатор, планирано за идната грејна сезона. Новиот билинг-систем, според одговорните, нуди сметки кои содржат доволно податоци за месечно следење на потрошената енергија за секое мерно место и за секој стан посебно, како и почетна и крајна состојба на преземената енергија за конкретниот месец од грејната сезона. Тоа, според нив, дава можност и за штедење.
Катерина Димова од населбата Аеродром вели дека новите сметки се нејасни и преполни со бројки и податоци кои само „Топлификација“ може да си ги разбере. „Нивната работа по часови на системот, ангажирана моќност и методологии, ниту можам, ниту се обидувам да им ја пресметувам“, вели таа.
„Сметките само на прв поглед се нејасни. Но, ако добро и подетаљно се погледнат, секој ќе може да разбере и да дознае колку, што е измерено и колку треба да плати. Минатата година имаше реакции дека граѓаните немаат увид во ништо и дека наплаќаме како што сакаме, па остваруваме поголем приход. Затоа, сега, со новите сметки им даваме комплетен извештај“, вели Методија Стојчев, финансов директор во АД „Топлификација“.
Од претпријатието објаснуваат дека двапати годишно ќе ги израмнуваат сметките со граѓаните, а од секоја станбена зграда ќе има претставник при евидентирањето на состојбата на потстаницата. Така, според надлежните од „Топлификација“, ќе бидат потранспарентни и ќе остварат поправичен начин за наплата, но и услови за штедење и рационално користење на топлинската енергија.