ДАНИЕЛ ФРИД ГИ НАЛУТИ ГРЦИТЕ
За САД, Македонците се факт
Македонскиот јазик не е „таканаречен“, им одговори Фрид на грчките новинари, истакнувајќи дека постои и македонска нација, на што остро одговори министерката Дора Бакојани
Официјална Атина вчера остро реагираше на ставовите на заменик-државниот секретар на САД, Даниел Фрид, кој јавно кажа дека постои македонска нација и македонски јазик. На прес-конференцијата во Вашингтон, посветена на букурешкиот самит на НАТО, грчките новинари поставија неколку прашања за името на Македонија, која сите до еден ја нарекуваат ФИРОМ, но добија студен туш од претставникот на Стејт департментот.На забелешката од грчки новинар дека рекол „македонски јазик“, кој е „таканаречен“, Фрид одговори:Не мислам дека македонскиот јазик е таканаречен. Македонскиот јазик постои. Постојат Македонци. Како што знаете, во Стејт департментот се изучува македонскиот јазик. Сите јазици се творештво на човекот, тие се развиваат и се кодифицираат. Затоа постои и македонскиот јазик. Секако, постои и историска македонска провинција, која е различно нешто од државата. И тоа е важно. Јасно е дека Владата во Скопје, како што ние Американците ја викаме Владата на Македонија, нема претензии. Ние ја признаваме разликата меѓу историската територија Македонија, која е секако поголема отколку државата. И ние го поддржуваме процесот за изнаоѓање решение за името што го води медијаторот Метју Нимиц - изјави Фрид.