Жабарите си го подвиткуваат опашот......кој е следен
Берлускони ги повлекува војниците од Авганистан
Oд експлозијата се треселе згради и облак од чад се надвиснал над областа
КАБУЛ - Шест италијански војници загинаа во бомбашки напад врз воен конвој што се случи во авганистанскиот главен град Кабул. Две воени возила беа погодени од бомбаш-самоубиец со автомобил бомба. Најмалку десет цивили загинаа, а десетици други се повредени, посочија официјални лица. Талибанците ја презедоа одговорноста за нападот во центарот на градот.
По бомбашкиот напад италијанскиот премиер Силвио Берлускони изјави дека ќе биде најдобро меѓународните сили да го напуштат Авганистан "во накус можен рок". Меѓутоа, додаде дека таа одлука Италија ќе треба да ја донесе во согласност со другите НАТО партнери.
Овие жртви дојдоа во време кога авганистанскиот претседател Хамид Карзаи ја потврдуваше вербата во минатомесечните претседателски избори кои беа засенети од тврдењата за големи изборни нерегуларности.
Очевидци наведоа дека возило полно со експлозив директно се удри во италијанскиот воен конвој кој се движеше по прометниот пат кон аеродромот во Кабул. "Ова беше самоубиствен напад со автомобил-бомба... Беше насочен кон италијанските војници", изјави шефот на одделот за кривични истраги во Кабул за новинската агенција АФП. Најмалку четворица италијански војници се наведува дека се сериозно повредени.
Очевидците на настанот посочуваат дека од експлозијата се треселе згради и дека облак од црн чад се надвиснал над областа каде што се случи нападот. Студентот Џамал Насир беше во својот автомобил кога бомбашот го изврши нападот и се обиде да ја опише речиси заглушувачката експлозија. "Можев да забележам густ црн чад позади нас... Се слушаа врисоци и сирени од автомобили. Луѓето панично бегаа, а автомобилите се движеа по пешачките патеки", изјави тој за Би-Би-Си. Експлозијата предизвика забележителна деструкција во непосредната близина каде голем број продавници беа посериозно оштетени. Очевидците наведоа дека локви крв и уништен метал можеа да се видат низ областа. Од телевизиските снимки од местото на експлозијата се виде италијанското знаме на оклопните возила на ИСАФ, едно од нив беше уништено.
Берлускони зборуваше за овој напад со новинарите кога пристигна на самитот на ЕУ во Брисел. "Ова е несреќен ден за Италија. Сите сме убедени дека треба да излеземе од Авганистан во најкус можен рок", изјави тој. Меѓутоа, набрзо додаде: "Ова е нешто за кое ние не можеме самите да донесеме одлука, бидејќи ако тоа се случи би влијаеле на довербата на другите земји присутни таму". (Би-Би-Си)
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=979B86232DFAA44BBC2FD78E27206BF5