Шок: Јаневски седнува на клупата на Олимпијакос!
"Вашиот селектор е тука, во Грција, и се споменува дека е голем фаворит за клубот од Пиреа..", ни открива Лазарос Соускас, новинар од Атина
По барање на милионерот Кокалис, екипата на Олимпијакос почнува преговори со селекторот на Македонија, Чедомир Јаневски. Оваа сензационална вест ја откривме во текот на вчерашниот ден, кога и наши колеги од Атина ни помогнаа во обидот да се стигне до вистината. Јаневски цел ден не беше достапен за коментар, но затоа, пак, бил лоциран од новинари од јужниот сосед.
"Јаневски е во Атина на преговори со Олимпијакос. Тоа на големо се зборува низ фудбалските кулоари, но и кај новинарите. Тој е главен фаворит за тренерската функција иако како привремено решение управата одлучи тимот да го води Никополидис. Вашиот селектор направи многу добри работи од времето кога беше помошник на Солиед и кога играа во Лигата на шампионите...", е изјавата на Лазарос Соускас, наш колега од Грција кој исто така вчера цел ден бараше коментар или став на тренерот околу најавите дека заминува во Атина да биде тренер на најславниот клуб од оваа земја.
Ваквата информација поврзана со селекторот на Македонија претставува вистински шок. Ако Јаневски ја прифати понудата, тогаш голема е веројатноста дека ќе ја напушти и клупата на националниот тим. Колку само за информација, минатиот тренер во Олимпијакос заработувал 1,5 милиони евра по сезона. Ништо помала нема да биде и цифрата која Јаневски ќе ја земе доколку сe биде според најавите. Пари кои се неспоредливи со оние 7.000 евра на месец кои нашиот селектор ги добива од ФФМ за водењето на националниот тим.
Чедомир Јаневски веќе ја знае големината на тимот од Пиреа. Таму работеше две години како асистент. Неговата професионалност во овој клуб го однесе и на клупата во Црвена Звезда, а еве сега водечките лица на "пирејците" сакаат да го вратат назад во Олимпијакос. Можно ли е!? Останува да видиме.
http://www.idividi.com.mk/sport/fudbal/824041/index.html