Фудбалската федерација на Македонија одлучи да ги повлече сите влезници кои беа пуштени во продажба за натпреварот со Шпанија поради официјалните информации добиени од надлежните органи дека во јавноста се дистрибуирани поголем број фалсификувани билети.
Дополнително ќе бидат изработени влезници со нумерација и соодветна заштита за сите оние кои веќе имаат набавено влезница и ќе може да ја заменат на местото каде што истата е купена.
На официјалната веб страница на ФФМ стои дека секое лице при замената на билетот е должно да носи лична карта за идентификација.
Замената на влезниците во Скопје ќе почне во понеделник на 10 август по 12 часот.
Во останатите градови каде што беа дистрибуирани билети за продажба преку општинските фудбалски сојузи замената ќе се изврши во истите во вторник во 10 часот.
Гратис влезниците ќе бидат заменети во просториите на ФФМ. Вип билетите кои досега се дистрибуирани нема да се менуваат бидејќи веќе се нумерирани.
По повод 100 години македонски фудбал и пуштање во употреба на новата северна трибина на Арената „Филип Втори“ македонската фудбалска репрезентација на 12 август ќе одигра против европскиот шампион, селекцијата на Шпанија.
Љубителние на фудбалот ќе може да си купат билети по првичната цена
МВР се става на располагање при продажбата на билетите
МВР соопшти дека таквата препорака уследила по бројните натписи во медиумите и шпекулациите кои беа пуштени во јавноста околу несоодветното и сомнително дистрибуирање на влезниците за фудбалскиот натпревар и направениот увид во состојбите.
МВР препорачува, заради избегнување на злоупотреби и препродавање на влезниците, ФФМ да ја разгледа можноста едно лице во ист момент да не може да купи повеќе од три влезници.
Истовремено МВР се става на располагање за целосно мониторирање на процесот на продажба, заради спречување злоупотреби.
Преку соопштението МВР им благодари на македонските медиуми што го покренаа прашањето за начинот на кој ФФМ ги распределува влезниците за натпреварот.
МВР упатува апел до ФФМ за коректна и транспарентна распределба на влезници, зашто се поинаку оди на штета на имиџот на државата и на големиот спектакл.
- Заради можноста за изработка на фалсификат на влезниците, сите влезници што досега беа пуштени во оптек да се повлечат од употреба, а на оние граѓани, кои досега купиле влезници да им се заменат со нови влезници, на кои ќе има безбедносен жиг, кој не може да се фалсификува, соопшти МВР.
- Доколку се констатираат какви било злоупотреби и недозволени активности, ќе бидат преземени мерки согласно законите.МВР од блиску ќе ги следи сите активности поврзани со овој случај и ќе делува согласно своите овластувања и надлежности, се вели во соопштението од МВР.
Старите влезници поништени - нови пуштени во продажба