Македонија го заврши настапот на ЕП 2014, остварувајќи сосема солиден резултат, останувајќи меѓу десетте најдобри ракометни нации во Европа. Секако дека сите заедно сонувавме нешто повеќе, можеби повторување на бајката од Ниш, но реално гледано, шансите за такво нешто исчезнаа уште пред самиот почеток, со проблемите со повредите, надополнети со фактот дека „фалангата“ што во Ниш и Белград броеше илјадници наши сонародници, во Хернинг се сведе на стотина херои што минаа долг пат и ги издржаа за нас нереално високите цени во Данска за да им дадат поддршка на Лазаров, Миркуловски, Манасков, Ристовски и останатите.
Зацртаната цел од пред почетокот на шампионатот е остварена со пласманот во вториот круг, што сам по себе би требало да ни донесе и нешто полесен противник во баражот за СП 2014, ако се избегне Германија. Резултатот е за почит, играта (со исклучок на дуелот со Унгарија) исто така, но за жал се повторува истиот оној проблем – македонскиот синдром на самоуништување кој не дозволува да уживаме во успесите, туку едноставно, во секое добро мора да се најде нешто лошо.
Бранислав Ангеловски е искусен ракометар со голем број настапи зад своето име и како таков мора да биде свесен за одговорноста што ја носи статусот на РЕПРЕЗЕНТАТИВЕЦ во спортот што дефинитивно е број еден во државата, уште повеќе кога станува збор за натпреварување како Европско првенство. Токму затоа, зачудува неговиот испад и „бомбастичната изјава“ дадена по мечот со Исланд. Сето тоа беше изјавено на таков начин што скоро цела јавност не веруваше дека Ангеловски може да каже такво нешто, сомневајќи се во веродостојноста на медиумите. Соиграчите, оние неговите најблиски, дури и застанаа во одбрана, велејќи дека новинарите повторно ја извртеле целата работа. Но, не беше така. Бранче го кажа тоа што беше напишано, па на крајот уште и додаде „јако мавајте“, за да не се воздржиме, па да „скриеме“ дел од она што го порача.
На Ангеловски тоа очигледно му лежеше на срце веќе извесно време, можеби го собираше со денови и месеци, впрочем односот со селекторот му беше нарушен веќе подолг период. И никој апсолутно не може да му замери за сопственото мислење… Но, тоа беше самоуништувачки потег против репрезентацијата на Македонија. Да се каже такво нешто, да се тргне во фронтален напад против кормилар на национален тим и претставници на федерацијата, на незавршено првенство, тоа никако не може да се оцени како разумно. Да се спомене Бог и неговата казна кон нашиот ракомет преку повредата на свој репрезентативен колега, тоа е во најмала рака – грев.
Зборува искусниот Ангеловски, но зборува и капитенот Кире Лазаров. Од нашиот „бомбардер“ во изминатите години се навикнавме на вакви недоречени муабети. Говореше слични работи и во минатото, но ниту еднаш не се доискажа. Последен пат најави дека „се што има, ќе каже по гостувањето во Португалија“, во квалификациите за ова Европско првенство. Погодувате, мечот дојде, помина, Кире си се врати во клубот. Минаа и квалификациите, дури и Европското Првенство, а ние не дознавме што е тоа „се што има да го каже“. Вели, молчел за мир во куќата, но тоа изгледа се однесува само за домашната јавност бидејќи во регионалните медиуми гласно говори за работите што му пречат.
Многу врева, полемики и дилеми отворија контроверзните ПАСОШИ, за Немања Прибак и за Ренато Вугринец, од кои само Србинот се појави на ЕП во Данска. Некој ќе каже дека изборот е правилен, сигурно ќе има и многумина што ќе бидат против, но значи ли тоа дека соиграчите треба да тргнат во отворена битка со оние што прифатиле да играат за нашата земја и го носат истиот македонски дрес. Факт е дека Прибак може да игра многу подобро, но дебатата овде е околу дрскоста да се нападне свој соиграч од репрезентација. Го допре тоа дури и Перо Антиќ, па истакна саркастичен коментар за Бо Мекејлеб. Сигурно ги допре и им тежи и на сите граѓани на Македонија, кои дефинитивно не сакаат да гледаат раскол меѓу репрезентативците среде Европско првенство. Затоа што Македонија сме сите заедно, а таму на првенството ја претставуваат ракометарите што го носат македонскиот дрес. И токму тие треба да сфатат дека се само први меѓу еднаквите.
Тоа е репрезентацијата која донела безброј радости, но и од која нашиот оптимистички расположен народ ќе очекува нови успеси и во иднина. Јасно ни е дека ширум Европа има селекции што се поквалитетни, но тимскиот дух е она што треба да не направи поразлични, посилни од ривалите. Да се цени секој резултат, да се даде поддршка по грешките и на вистински начин во вистинско време да се укаже на нив. Тоа е патот по кој треба да се оди. И конечно да се надмине македонскиот синдром на самоуништување.