Компаниите и граѓаните во минус, блокирани 140.000 сметки
Неликвидноста е главната причина за порастот на блокираните сметки, кој е поголем за 33.000 во споредба со истиот месец лани
Маја Томиќ
Неликвидноста се' посилно ги притиска домашните компании. Најголема потврда за тоа е растот на бројот на блокираните сметки на фирмите од почетокот на годинава до сега. Според најновите податоци на Народната банка на Македонија, во јуни имало 133.871 блокирани сметки, од кои 57.264 биле на правни лица. Вкупната бројка за блокирани сметки во јуни е за 13.897 повеќе отколку во јануари годинава, а дури за 33.365 повеќе од сметките што биле блокирани во јуни минатата година.
Клучниот проблем за се' поголемиот број на блокирани сметки е беспарицата, односно хроничната неликвидност на бизнис-секторот, на што одамна алармираат стопанствениците. Од една страна, фирмите имаат проблеми со редовната исплата на долгот на државата кон нив, па тие не можат навреме да си ги платат своите обврски кон партнерите и се соочуваат со внатрешна задолженост, со што работите се вртат постојано во круг. Стопанствениците често се жалат дека немаат пари ниту да ги платат ратите за кредитите, ниту давачки кон државата, а некои мака мачат и да поделат секој месец плати на вработените. Па, логично е што поради тоа што компаниите се' помалку можат да си ги сервисираат обврските, присилно да им се наплатуваат средствата од сметките, односно да се блокираат.
„Факт е дека неликвидноста отсекогаш била проблем број еден за нашето стопанство и затоа и расте бројот на блокираните сметки. Државата им должи на фирмите, но има и многу фирми кои и' должат неа како и на други компании. Сите се во еден круг и важно е секој секому да му плаќа за услугите. Сакам да кажам дека со задолжницата може да се најде решение за хроничната неликвидност, но таа не треба да важи само за компаниите туку и за државата. Затоа Владата треба да го промени ова законско решение. Во спротивно, ниту една фирма нема да го примени“, вели Горан Антевски, директор на „Раде Кончар - ТЕП“.
Како што е познато, се посочува дека со воведувањето на задолжницата од септември годинава, како нов инструмент на Министерството за финансии, ќе се крене платежниот морал на фирмите и ќе има поголема финансиска сигурност кај нив, односно ќе се подобри ликвидноста на стопанството. Овој инструмент во меѓусебните зделки фирмите ќе го применуваат на доброволна основа, а ќе се обврзуваат на плаќање на долговите во одредени временски рокови. Доколку наплатата не се изврши навреме, доверителот ќе може да ги повлече парите од сметката на должникот или да си ги обезбеди преку продажба на неговиот имот.
Бизнисмените веќе предупредија дека речиси никој нема да ја применува задолжницата, додека државата прво не се раздолжи кон нив, бидејќи во спротивно, уште повеќе ќе се зголеми нивната неликвидност.
Многу веројатно дека состојбите со неликвидноста ќе се влошуваат до крајот на годинава. Пред се' затоа што металскиот и другите извозни сектори имаат намалено производство, бидејќи во изминатиот период значително се опаднати нарачките од странство поради кризата. Металските компании предвидуваат дека во наредните месеци можно е да се редуцираат нарачките од европските партнери и до 50 отсто, што значи дека автоматски значително ќе се намали и нивната ликвидност.
http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=AC0DF92DD45AA54CB7158A7E177D8BC6