Мислам дека имаме реални шанси два пати по ред (но во временски интервал од 7 години) да останеме непоразени на едно гостување кај Словаците! Во нивните редови ќе ги нема Витек и Шестак а под голем знак прашалник е и настапот на новата ѕвезда Оравец, што значи дека во нападот им остануваат единствено Јендришек и Холошко против кои што во секој случај и на нашата одбрана ќе и биде полесно. Имајќи го ова во предвид многу нешта ќе зависат од тоа како нашите деструктивци ќе ја завршат работата на средината од теренот. Според мене Лазевски треба да се залепи за Вајс Јуниор а Шумуликоски и Деспотовски да внимаваат на Хамшик. Ако им ги сопреме овие двајца тогаш целата нивна игра ќе делува парализирано а и напаѓачите ќе им останат без употребливи топки.
Арно ама голем знак прашалник е дали нашите играчи ќе имаат сила да се спротивстават, бидејќи голем дел од нив немаа клубови ниту пак официјални настапи изминатово лето. Тројца играчи од средниот ред (Шумуликоски, Деспотовски, Ибраими) дури во последен момент најдоа клубски ангажмани додека пак кипарското првенство од каде што ни доаѓа пола репрезентација започна дури претходниов викенд така да овие играчи во вечерашната пресметка ќе влезат со само еден одигран првенствен натпревар од новата сезона. Од друга страна пак многумина кои што имаа редовна минутажа во своите клубови изминатово лето, било да е тоа во европските купови или во националните првенства кои што започна нешто порано во однос на другите се изоставени од списокот на Јонуз! Тука пред се мислам на Дарко Тасевски - Левски, Мирсад Мијадиновски - Дебрецин, Спасе Дилески - Крајова, Мухамед Демири - Тун, Ивица Илиев - Партизан, Златко Таневски - Белчатов, Дејан Милошевски - Горник Лечна, Драги Коцев - Локомотив Пловдив, Зоран Балдовалиев - Ирони Кијрат, Бајрам Фетаи - Нордсјаеланд итн. Во Ла Валета многу убаво видовме колку лошо се одрази несоодветната селекција на Јонуз и упорното форсирање на едните исти играчи без разлика што беа вон форма. Дали истатата цена ќе ја платиме и вечерва во Братислава останува да видиме!